Поминавте околу 40 недели подготвувајќи се за доаѓањето на вашата нова омилена личност во животот и сега ви се чини дека секоја необична контракција е почеток на породувањето. Ако не сте сигурни дека ги знаете знаците за почетокот на породувањето – дознајте во продолжение.

Ниту едно раѓање не е исто. Затоа не е чудно што многу трудници со нетрпение и неизвесност го чекаат тој важен момент, кога ќе го почувствуваат знакот дека породувањето започнало. Сепак, лесно е да бидат измамени. Особено затоа што секоја жена гледала многу филмови во кои на трудниците драматично им пука воденикот. Породувањето започнало, но пред активниот дел има некои знаци кои ќе ви кажат дека сте дошле до терминот.

Бебето се спушта надолу

Ова е еден од најраните знаци дека породувањето е блиску – бебето се спушта подолу, кон дното на карлицата, а трудницата понекогаш може да го почувствува тоа. Но, трикот е што тоа може да се случи неколку недели пред почетокот на породувањето, или само неколку часа претходно. Бебето се спушта поблиску до „излезот“ за да се подготви за раѓање, а за жената тоа значи помал притисок врз дијафрагмата, но поголем притисок врз мочниот меур.

Силни и редовни контракции

Во текот на целата бременост матката се подготвува за породување, така што жената може да чувствува полесни контракции во поголемиот дел од бременоста. Сепак, вистинските контракции се случуваат главно во редовни интервали и се посилни од лажните контракции. Општо правило е – ако има повеќе од шест контракции во еден час и ако тие станат посилни и се појавуваат во одредени интервали – бебето е на пат. Лажните контракции не се случуваат во редовни интервали и на крајот престануваат.

Пукање на воденикот

Тоа е она филмското. Освен што најчесто не изгледа како да сте истуриле неколку литри вода на подот. Откако ќе пукне воденикот, може да поминат денови пред да започне породувањето. Иако не мора веднаш да брзате во болница, кога ќе се случи тоа, задолжително консултирајте се со гинеколог кој ќе ве советува што да правите врз основа на бојата и мирисот на плодовата вода.

Болка во грбот и грчеви

Ова е еден од класичните симптоми на породувањето и е знак дека породувањето започнало. Жената може да почувствува зголемен притисок врз карлицата или грчеви, а можеби и тапа болка во долниот дел на грбот.

Крвав вагинален исцедок

Неколку дена пред почетокот на породувањето трудницата може да забележи крвав исцедок. Тоа е резултат на олабавување на мукозниот чеп што го затвора грлото на матката за време на бременоста. Додека грлото на матката се релаксира како подготовка за породувањето, чепот паѓа и трудницата може или не може да го забележи тоа.

Повраќање или дијареја

Некои трудници, од необјаснива причина, на почетокот на породувањето имаат честа и мека столица, додека некои повраќаат.

Извор



912

X