Не ми судете ако го видите моето дете како седи во ќошот за време на часот по физичко бидејќи нема опрема.

Не ми судете ако не ја дал домашната задача, која останала на неговото биро.

Не ми судете ако добие неоправдан бидејќи се успал.

Она што на некои можеби им изгледа како неодговорно родителство е нешто што јас го нарекувам родителство со причина, со цел – кај децата да изградам клучни животни вештини.

Одамна престанав да им правам сендвичи и да им пакувам ручек. Не им го носам заборавениот ручек, домашните задачи, опремата за физичко…

Ако правам сè за нив, како на крај ќе воспитам и одгледам независни и способни луѓе?

Затоа, од следната учебна година, за вашиот тинејџер престанете да ги правите овие 7 работи.

1. Да ги будите за на училиште

Ако сè уште глумите будилник, време е да престанете. Моите деца сами стануваа уште од петто одделение. Секако дека некогаш ќе се успијат, но кога ќе мора да заминат без да појадуваат, следниот пат подобро ќе размислат дали им се исплати да поспијат „уште пет минути“.

Една моја пријателка ми рече дека нејзините тинејџери се толку слатки наутро кога се протегаат и не сакаат да станат, и дека ужива во тоа секое утро да ги буди. Моите синови за мене се неодоливи, најпрекрасни. Но, тоа не значи дека од нив не треба да направам самостојни, способни млади луѓе.

2. Им подготвувате појадок и им пакувате ручек

Мојот утрински аларм е звукот на чиниите кои моите деца ги креваат од масата по појадокот. Моја работа е да обезбедам да имаат што да појадуваат, но секако дека не ми е работа да им ги поставам и да им ги кренам чиниите.

Истото важи и за пакувањето на ручекот. Моја работа е да обезбедам дома да има доволно намирници и приготвен ручек, но пакувањето е нивна задача.

3. Им ги носите заборавените работи на училиште

Родители, немојте да ја пропуштите можноста за на помалку важни работи во животот вашите деца да почувствуваат што значи да се сноси одговорност за своите постапки. Ја заборави опремата по физичко? Најди начин да се оправдаш или добиј неоправдан, па следниот пат повеќе ќе мислиш на твоите обврски.

Кај нас се знае – нема испраќање порака на мама и тато дека нешто е заборавено, па да го донесат до училиште. Испраќаат тие понекогаш, но многу ретко го правиме тоа (евентуално ако станува збор за клучеви од дома или нешто што е поврзано со нивната безбедност. Во спротивно – не носиме ништо).

4. Преземате одговорност за нивните заборавени обврски

„Утре треба да го завршам домашното по ликовно! Ми треба глина!“ Веќе е осум часот, книжарниците не работат, па седнувате во автомобилот и го заобиколувате градот во обид да го најдете она што е потребно и, се разбира, да му помогнете на вашиот миленик да го заврши проектот. Не! Основните работи секогаш треба да бидат дома и за тоа се грижам (пластелин, боици, хартија…). Но, ако мојот тинејџер заборавил на своите обврски, секако дека од тоа нема да правам итен случај во последниот час. Жал ми е, утре ќе мора на наставникот да му објасниш што се случило.

5. Му ја перете облеката

– Што? Не ми ја испра зелената маица? – ова секогаш ми е згодна шанса да ги потсетам дека мојата цел не е да им служам. И дека не сум единствена што умее да ја вклучи машината за перење. Децата треба да се потсетат одвреме-навреме. Во оној момент кога ќе заборават дека јас не сум нивна слугинка, добиваат полни раце облека за перење.

Обично јас ги перам алиштата и секој си го добива својот куп кој потоа го дипли и сортира. Но тоа не значи дека не се способни да го преземат целиот процес.

6. Им се јавувате на наставниците или им пишувате на „Фејсбук“, „Вибер“…

Ако нашето дете има проблеми со наставникот или тренерот, тоа е негова одговорност. Нема шанси ние, како родители, да скокаме за какви било несогласувања и да го решаваме проблемот. На тој начин го рушиме авторитетот на наставниците.

Научете го детето дека ако му е нешто навистина важно, тогаш треба да научи да се избори само, или ако не може, да дојде и да побара помош. Секако, тука мислам на секојдневните ситуации и конфликти до кои доаѓа во нормалните односи наставник-ученик. Сигурно нема да игнорирате  какви било несоодветни односи или ситуации.

7. Им се мешате во образованието

Спуштете го пенкалото, драги родители. Без вообичаени задачи за пишување, поставување прашања, помагања, не доаѓаат предвид кога станува збор за тинејџери. Секако дека секогаш ќе се интересирате за нивните задачи, напредувањето во училиште, оценките, но да им се мешате до таа мера за на крај лекцијата подобро да ја научите од детето, не доаѓа предвид!

Што е вашата цел?

Сакате да воспитате способен млад човек?

Ако е така, тогаш е време да се повлечете од секоја работа, секоја обврска што може да ја направи вашето дете. Знам дека тоа се ваши деца и убаво е чувството да им угодите одвреме-навреме, но границите мора да постојат.

Повеќе од сè сакам да бидам сигурна дека кога моите деца ќе се најдат во ситуација да мора сами да решаваат проблем, ќе можам спокојно да се повлечам и да им го дозволам тоа.

Затоа, ве молам – не судете кога ќе го видите моето дете како трча по автобусот или кога единствено тоа нема опрема за физичко, па седи настрана.

Сето тоа е со цел и причина.

Извор



912

X