Дали се фаќате себеси како му викате, му се заканувате на вашето дете со казни и потоа не ги спроведувате или не му зборувате? За многумина од нас ова се последни мерки за дисциплина, за кои се заколнавме дека нема да ги користиме. Тоа се трикови што нашите родители некогаш ги користеле за да се осигурат дека ќе седиме мирни некаде или дека ќе се однесуваме добро пред луѓето. Помодерниот пристап е да му помогнете на вашето дете да развие морален компас и емоционална интелигенција што му е потребна за самото да одлучи што претставува добро однесување во најразлични ситуации.

Доколку не ви се допаѓа вашата стратегија за дисциплинирање, тогаш имате помош од тројца врвни канадски експерти за родителство: авторката Џенифер Колари, авторката Кетји Лин, која одржува и работилници за родителство, и авторката Керин Гордон.

Ако сте родител што вика

– Веднаш да ги тргнеш чиниите од масата! – викањето може да му го привлече вниманието на вашето дете, но не го учи ништо што сакаме да научи, забележува Лин. Ако децата сметаат дека комуницирате првенствено преку викање, тогаш голема е веројатноста да го користат викањето како нивна примарна форма на комуникација. Покрај тоа, Колари додава: – Ако постојано викате или го плашите вашето дете, со текот на времето тоа почнува да нема никакво влијание.

Променете ја вашата техника: наместо да му викате на детето од другата соба, Лин сугерира: – Одете кај него, привлечете му го вниманието и зборувајте му в лице. Избегнете ги конфликтите со повишен тон, а вашите очекувања кажете му ги смирено и мирно: – Очекувам тивко да играш внатре. Ако не можеш, тогаш ќе мораш да играш надвор. А ако децата ги прекршат правилата? Нагласете дека ја избрале последицата на однесувањето, но бидете сигурни дека ќе ја спроведете.

Ако користите лажни закани

Сте побарале нешто од децата. Сте ги молеле. Сте ги предупредиле да не скокаат од кауч на кауч. Следното што го велите е: – Повеќе нема гледање телевизија до крајот на месецот. И сигурни сте дека ќе функционира бидејќи вашето дете веднаш го поправа вниманието во очајна надеж дека нема навистина да му забраните да гледа телевизија. Но, вие знаете дека нема да ја реализирате заканата. На долг рок тоа ќе предизвика проблеми.

– Ако родителот не го исполни тоа што го кажал, децата учат да не му веруваат. Тоа е проблем бидејќи довербата е основа на сите здрави врски – вели Гордон.

Променете ја вашата техника: Наместо празни закани, дајте си тајмаут. Укажете на тоа дека вашето дете ги прекршило куќните правила, но објаснете дека сте лути, така што нема да го дисциплинирате сега.

– Речете му: „Ќе размислам за ова сега, а би требало да размислиш и ти. Потоа ќе донесете разумна дисциплинска мерка што ќе ја проследите.

Ако имате навика да го испраќате детето во ќош

Понекогаш оваа техника функционира. Понекогаш вашето дете едноставно седи и прави план како да не биде фатено наредниот пат. За вашето дете, тоа е како да издржува казна: виновен си, па ќе одиш во затвор. Дополнително, испраќањето на детето в ќош може да предизвика поголем конфликт помеѓу вас двајцата, при што вие повеќе се фокусирате детето да стои таму отколку на лекцијата за која се надевате дека ќе ја научи.

Променете ја вашата техника: Преименувајте го „ќошето“ во „место каде што детето ќе размислува за она што го направило“. Речете му: – Секојпат кога ќе го направиш тоа, ќе седнеш и ќе размислиш.

Ако користите ќотек како дисциплинска мерка

Со ова му покажувате на детето кој е шефот. Детето е исплашено и мисли дека ако зафркне нешто, повторно ќе биде удрено. Затоа се чини дека удирањето функционира, но поради истата причина експертите не го одобруваат. Според експертите, удирањето испраќа збунувачка порака: – Не е во ред да го удриш брат ти, па затоа ќе те удрам јас.

– Многу родители го прават тоа затоа што не знаат што друго да направат – вели Гордон.

Променете ја вашата техника: Наместо да го удрите, фокусирајте се на основата. Покажете кои се вашите очекувања. Поставете логични последици ако очекувањата не се исполнети и објаснете му на детето: – Ако не го направиш тоа, тогаш избираш да ја завршиш играта.

Ако избирате да не му зборувате на детето

Неколку пати сте им рекле на децата да престанат да се тепаат на задното седиште додека возите. На крај, вие експлодирате: – Повеќе не можам! Тогаш одлучувате да молчите и воопшто да не им зборувате на децата. Додека ненадејното прекинување на комуникацијата може да ја прекине расправијата, тивкиот третман кај децата предизвикува непријатност. Тие сакаат да разговарате со нив. Се чини дека оваа дисциплинска мерка функционира, но сигурно дека не сакате да премине во навика. Лин предлага да се прашате себеси зошто го правите тоа. Ако сакате да се одморите и да не дојдете до ситуација да викате, тогаш тишината е во ред. Ако сте лути и го исклучувате детето за така да му вратите, тогаш потребен ви е друг пристап.

Променете ја вашата техника: Ако им треба пауза на децата, тогаш објаснете им вака: – Нема да разговарате некое време бидејќи треба да се смирите. Ако имате тенденција да го користите молчењето за да потенцирате дека вашето дете не ги следи правилата, на пример, не го става безбедносниот појас, Лин предлага една техника. Ставете роман во вашата чанта, и наместо да направите сцена, извадете ја книгата и „читајте“. Сигурно дека нема да прочитате ни збор бидејќи сте лути, но кажете им на децата: – Си имам книга за читање, па кога ќе бидете подготвени да го ставите појасот, тогаш ќе тргнеме.

Ако избегнувате дисциплина

Понекогаш се повлекувате. На пример, кога децата се расправаат за играчка – добра дисциплина би била да се тргнете затоа што така децата сами ќе ја решат ситуацијата.

– Но, понекогаш нашето викање не функционира и седите така игнорирајќи го проблемот. Тоа е штетно затоа што на децата им покажува дека нема структура и дека никој нема да преземе нешто. Освен тоа, никој не го обесхрабрува несаканото однесување.

Променете ја вашата техника: Во текот на денот искористете скала од 1 до 10 за да го измерите вашето ниво на трпеливост. Редовно проверувајте, па кога ќе почне да се искачува на високо ниво, направете мала пауза.

Имајте на ум дека никој не е совршен родител и дека никој не ја избира најдобрата техника за дисциплина секојпат.

– Во ред е да правите грешки – вели Колари.

Извор



912

X