Губењето на детската слобода е сериозен општествен проблем кој придонесува за пораст на случаите на депресија и самоубиства кај младите. Луѓето на сите возрасти мечтаат за слобода и страдаат кога таа им се одзема. Често забораваме дека истото се однесува и на децата, односно дека и ним им е потребна слобода за да бидат среќни и да пораснат во здрави луѓе.

Ако како родители го прифаќате ставот дека на децата им треба слобода за да бидат среќни, еве неколку совети како – и покрај притисокот од страна на општеството да го правите спротивното – на своите деца да им дадете повеќе слобода.

Преиспитајте ги своите вредности: Што е добар живот?

Дали ја цените слободата, личната одговорност, самоиницијативноста, претприемливоста, искреноста, интегритетот и грижата за благосостојбата на другите? Ако ова се особините што сакате да ги видите и кај вашите деца, треба да знаете дека нема да ги стекнат на училиште. Овие одлики се стекнуваат или се губат низ секојдневните животни искуства. Можете да им помогнете на децата да ги усвојат така што и самите ќе се однесувате во согласност со овие вредности и ќе ги применувате во својот однос кон нив. Покажете им дека им верувате. Претераниот надзор и мешањето кај децата развиваат лукавост. Постојаната насоченост го задушува чувството на одговорност и иницијативност. Постојаното оценување и натпреварување со другите деца во образовниот систем и другите структурирани активности развиваат дефанзивен животен став и ја скратуваат можноста за манифестирање искреност и емпатија.

Заборавете на идејата да одлучувате за иднината на своето дете и дека тоа е ваша одговорност

Ако навистина ги цените слободата и личната одговорност, мора да го почитувате правото на детето само да го исцрта својот животен пат. Вашите амбиции не смеат да бидат нивни амбиции, и обратно. А трасирањето на сопствениот животен пат не започнува на 18, 21 или 35 години, туку од најраното детство. Децата мора да научат сами да одлучуваат, а тоа се постигнува единствено преку вежбање.
Родителите се загрижени за иднината на своите деца и тешко можат да ѝ се спротивстават на побудата за контролирање. Но, тоа може да им донесе само пораз. Колку повеќе ги задушувате децата со совети што не ги бараат, толку се помали шансите дека ќе ви побараат совет кога навистина ќе им треба. Задоволството во животот зависи од тоа колку вашиот живот навистина е ваш.

Спротивставете ѝ се на потребата постојано да бидете во контакт со детето и да ги контролирате неговите активности

Лесно е и примамливо да се шпионира сопственото дете во ерата на модерната технологија. Скриени камери, следење на историјатот на неговите пребарувања на интернет, увид во активностите на мобилниот телефон, па дури и да го следите преку ГПС-системот, како што се прави со осудениците во домашен притвор. Лесно е да се правдате со „грижа“ за детето. Дали вам би ви се допаднало некој постојано да ве контролира? Пораката што му ја праќате на детето во вакви случаи секогаш е истата: „Не ти верувам“. За неа не ви треба дури ни модерна технологија – старомодните методи на следење се сосема доволни. Родителот кој има доверба во детето не инсистира на детални извештаи – секој има право на приватност, на тајни, на можности да експериментира, а притоа никој да не го осудува.

Преселете се во крај каде што децата ќе имаат можност слободно да си играат надвор и каде што родителите и децата можат меѓусебно да се запознаваат

Не можете своето дете да го водите низ животот, ниту да го научите како да живее, но можете да му обезбедите опкружување во кое самото ќе научи. Затоа е важно во каков крај ќе расте. Не избирајте го местото на живеење според квалитетот на станбениот простор или квалитетот на училиштето, туку според квалитетот на соседите. На вашето дете му требаат други деца со кои ќе си игра надвор, во возрасно-измешани групи, и без многу надзор од страна на возрасните. Колку што е поголема групата, толку е поголема безбедноста на децата.
Исто така, потребно е и родителите од соседството да поминуваат заедничко време надвор, да се дружат и да се запознаваат. Така се создаваат родителски мрежи кои ја зголемуваат безбедноста на децата, но во исто време, благодарение на размената на здраворазумски совети од другите родители, се зголемува подготвеноста на секој родител поединечно да изгради доверба кон своето дете. Дополнително, колку повеќе возрасни лица познаваат вашите деца, толку на располагање ќе имаат повеќе примери и модели за однесување.

Во соработка со другите родители, создајте безбедни места за играње на децата

Можеби сепак нема да имате можност да живеете во соседство кое нуди можност за слободно играње. Затоа ќе мора да се потрудите вашиот животен простор да го претворите во такво место. Преземете иницијатива и запознајте се со другите родители, повеќето од нив со задоволство ќе ви се придружат во организирање и подобрување на условите за играње на децата во соседството. Може и да се договорите да ги надгледувате децата, во смени. Кога доволно деца ќе почнат да учествуваат во секојдневните игри, можеби надзорот нема веќе да биде потребен.
Не смеете да се занесувате и да почнете да им ја организирате играта на децата – ваше е само да создадете услови, било со уредување на заеднички простор, било со организирање заеднички собирања на семејствата на излети или кампувања. Да создадете услови децата да го поминуваат времето заедно, да развиваат сопствени односи, да се приспособуваат на моменталните норми на култура на младите и да преземаат одговорност за своите постапки.

Пишува: Питер Греј, развоен психолог



912

X