Една од најнепријатните ситуации во кои секоја мајка и татко понекогаш се наоѓаат е како на туѓо дете да му речат да престане. Да престане да го напаѓа вашето дете, да престане да се лула на лулашката бидејќи всушност не се лула, а десетина мали деца чекаат ред, да му ја врати топката на вашето дете бидејќи му ја зело без прашање, да ја даде капата што ја ставило на главата бидејќи не е негова. И не ни знаете како воопшто се нашла на главата на тоа дете. Можете да се најдете во секакви ситуации за некои може да имате и чувство дека ве снима скриена камера.

Сè може лесно да се реши ако родителот на „малиот престапник“ видел што се случува. Но, што ако не видел? Кога е во ред да му се каже да престане? Тоа е еден вид минско поле, па ви пренесуваме неколку совети:

1. Кога вашето дете ќе се најде на мета на малиот насилник

Грозно е чувството кога морате да гледате како другите деца го задеваат вашето. Во главата веќе имате сцена како влетувате меѓу нив со пиштоли и пушки, но знаете дека таквиот пристап нема да помогне. Ниту кај децата ниту кај нивните родители. Добриот начин за решавање на ситуацијата е да им се обратите на сите, прашувајќи ги: „Деца, што се случува? Ајде убаво играјте си“. Во повеќето случаи тоа е доволно за да престанат бидејќи знаат дека гледате што прават. Ако продолжат, земете воздух и предупредете ги нивните родители за тоа што го прават децата. Пристапете им дипломатски, нагласете дека играта веќе не е игра и дека некои деца се вознемириле. Воздржете се од покажување виновници, самите нека сфатат.

2. Кога друго дете намерно ќе го удри вашето

Во таквите ситуации мајката лавица во вас сигурно ќе се разбуди. Ако видите дека туѓото дете намерно го удира вашето (со повод или без него), не мораме ниту да ви кажеме дека таквото однесување мора да се сосече во корен. Во такви ситуации во ред е малку да се повиши тонот на гласот. На децата од претшколска возраст доволно е да им се каже „доста е со удирање“, а ако се деца на училишна возраст, обидете да ја пробудите нивната свест: „Мислите дека вашите мајки би биле среќни за тоа што го направивте?“

3. Доаѓа на играње и прави хаос во целата соба

Сте живееле во заблуда дека убаво си играат додека не сте влегле в соба. Сите сложувалки се извадени од кутиите, играчките се на подот, сите лего-коцки се расфрлани, водата е истурена, грицките превртени. Книгите не можете да ги најдете. Смирете се, немојте да почнете да викате. Во вашата куќа важат вашите правила, па секако дека можете да го укорите детето што дошло да си игра. Кога ќе дојде мајката на детето, веднаш кажете ѝ што се случило и објаснете дека сте го прекориле детето. Ако не сфаќа што сакате да ѝ кажете, не мора веќе да ги викате на играње.

4. Слушате дека пцуе

Откако се родило вашето дете, прозборувало, почнало да оди, вие внимавате на вашиот речник пред него. И неговите другари. А потоа ги слушате како во една секунда ги уништуваат годините на вашиот труд. Доволна е една мала пцост за да тргне сè од почеток. ААА! Најголем проблем е што ако повеќе им забранувате да кажуваат „грди зборови“, уште повеќе ќе сакаат да ги кажуваат.

Брзата реакција е најважна во такви ситуации. Свртете се прво кон детето, кажете му: „Ние не користиме такви зборови, те молам да не ги повторуваш, ти благодарам“ и променете ја темата на разговорот. Вие одлучете дали ќе го споделите тоа искуство со родителите. Ако е тоа дете во паркот што првпат го гледате, можеби е најдобро да се премолчи. Ако е детето на вашата најдобра пријателка, можеби е подобро да се каже.

Кога да се вмешате во детските кавги?

– Судирот е важно искуство бидејќи различностите ги има секаде. Да се научиме да се носиме со тоа, значи и да се обликуваме во емпатични луѓе кои ќе се залагаат за рамноправност и толеранција. Тоа е воспитен императив кој не може да се научи од книга, туку од искуство“, објаснува проф. по педагогија Ивана Грабар. Сепак, родителите често не се сигурни како да се постават во ситуација кога ќе дојде до судир помеѓу децата. Според нејзиното мислење, ако возрасните гледаат дека односот е нерамноправен, важно е да се заштити детето.

Автор: Сања Милер

Извор



912

X