Правилата се важни бидејќи на детето му овозможуваат рамки во кои ќе се движи и не го доведуваат во дилема дали нешто треба или не треба да прави. Меѓутоа, ако на детето не му се каже јасно некое правило, бесмислено е да се очекува да го почитува истото.
Најголем „непријател“ во процесот на креирање правила се очекувањата, кои се препознаваат во следните реченици: „Па, тоа се подразбира!“, „Се подразбира дека тоа го знаеш, си го научил“, „Тоа не треба да се каже, се подразбира“…

Ако сте кажале вакви реченици, треба да знаете дека ништо не се подразбира ако не е јасно кажано или установено како правило.
Но, ќе кажете: „Детето веќе видело дека јас го правам тоа!“ Се разбира, но да се гледа нешто воопштено и да се гледа истото како цел не е исто. И ако не е придружено со објаснување, залудно се надевате дека детето со обично набљудување на некои ваши активности ќе „сфати и научи“ дека станува збор за некое правило. Колку пати вие сте виделе дека вашите родители или колеги прават нешто, но дали тоа сте го усвоиле како правило ако не ви го кажале тоа? Се разбира дека не.

Зад „се подразбира“ стои очекување

Кога нешто се „подразбира“, зад тоа стои очекување дека вашиот соговорник знае на што мислите и обратно – дека вие знаете што мисли тој. За да го знаете тоа, треба да поседувате вештина на читање мисли. Еве неколку примери да разберете на што се однесува ова.
Замислете дека сте стигнале на работа. По десетина минути доаѓа вашата колешка и ви вели: „Каде е кафето?“ Вие гледате наоколу чудејќи се, прашувајќи се зошто очекува кафе, а таа продолжува: „Се подразбира дека оној што прв ќе стигне на работа ќе стави кафе. Јас го направив тоа минатата недела“.
Ете, сега е јасно дека подразбирањето е само извор на недоразбирања и дека е многу покорисно да се биде што поконкретен и појасен ако сакаме соговорникот недвосмислено да нè разбере. Исто е и со правилата. Ако што било од овие примери претходно се договорило како правило, не би било проблем, бидејќи би знаеле што се очекува од вас во такви ситуации. Меѓутоа, со оглед дека овие „правила“ се само во главите на соговорниците, не сте знаеле што се очекува од вас.
Е , сега, замислете како им е на децата.
Ок, јасно ми е сè, како тогаш да ги научиме децата на правила за тие да ги разберат?!
Едноставно – постои правило како да кажете дека нешто станува правило.

Тоа се состои од три чекори:
1. Најавете дека ќе кажете правило.
2. Кажете го.
3. Кажете дека сте воспоставиле правило.

На пример, сакате да поставите правило кога ќе дојде детето дома, прво да ги измие рацете. Спуштете се на висината на детето:
1. Обратете му се низ неговиот канал на комуникација – гледај/слушај/ставете му ја раката на рамото. „Марко, сега ќе се договориме за нешто“.
2. „Правило е кога ќе дојдеме дома, прво да си ги измиеме рацете“.
3. „Миењето раце кога ќе дојдеме дома е правило што ќе го почитуваме секогаш“.

Колку е помало детето, толку поедноставно треба да биде правилото и, се разбира, повеќе пати повторено. Не морате секогаш да поминувате низ овие три чекори бидејќи со текот на времето ќе биде доволно само да го потсетите на правилото: „Се сеќаваш ли..?!“

Кај повозрасните деца, во конкретнава ситуација, ќе биде доволно потсетување на правилото: „Дали се сеќаваш дека се договоривме за ова правило?“ Тука треба да ја користите и невербалната комуникација за да го охрабрите детето да го направи договореното – намигнете, направете некое посебно движење, испратете бакнеж…
Се разбира, работите што сакате да ги усвои детето како добри навики ги воспоставувате како правила, а не секоја ситница што очекувате да ја направи тоа, бидејќи ќе ризикувате правилото да биде девалвирано.

Треба да сметате и на тоа дека во процесот на растењето еден од предизвиците со кои ќе се соочите е токму обидот на детето да ги поместува границите и да не ги почитува правилата. Преговарањето е решение за таквата ситуација, односно вклучувањето на детето во процесот.
Ако детето одбива да направи нешто, наместо на отпорот да реагирате со отпор и да трошите време и енергија, а притоа да се чувствувате лошо бидејќи не сте постигнале резултат, покорисно е на детето да му кажете: „Разбирам дека ова не ти се допаѓа, но тоа е правило. Што предлагаш ти, како поинаку може да се направи ова за да не бидеш лут?“ Вака формираното прашање ќе го наведе детето на размислување, а тоа ќе почувствува дека сте му укажале доверба и почит.
И, верувајте, тоа самото ќе најде решение. Само дајте му доволно време да размисли. Бидете флексибилни да го прифатите неговиот предлог. Правилото ќе остане правило, ќе се промени само начинот на кој детето ќе го прави тоа.

Што не е правило?

Сè што е во форма на условување, уценување, критика, исклучивост, казна… не е правило.
На пример: „Ако не тргнеш веднаш да си одиме од паркот, нема да ти купам сликовница! Убаво ти кажав што да направиш, ти не ме послуша и сега нема да ги добиеш играчките цела недела!“
Зошто треба да се избегнува ова? Прво, затоа што не е формулирано како правило. Второ, не се користат насоки за ефикасна комуникација со децата, па затоа не можеме да очекуваме дека детето ќе разбере, па ниту дека ќе го послуша советот. И на крај, затоа што сето ова што е наведено создава лошо чувство и предизвикува отпор кај детето за соработка.

Значи, да заокружиме:
1. Кога правилата се јасни, детето нема дилема што треба да направи.
2. Правилата и границите на детето му овозможуваат чувство на сигурност.
3. Кога детето ќе успее да го направи она што сте се договориле, ќе чувствува дека постигнало нешто, ќе биде мотивирано, а кога дополнително ќе го охрабрувате во тоа, тогаш ќе му се зајакне и самодовербата.
4. Кога детето ќе усвои нешто како правило, вие ќе се чувствувате сигурни во улогата на родител.

И на крај, бидете трпеливи, подготвени повеќе пати да го повторите правилото, бидете флексибилни и вклучете го детето ако сметате дека тоа ќе му значи – бидејќи детето не е објект кој спроведува договори, туку е активен учесник во семејните правила.

Автор: Драгана Алексиќ, семеен тренер

 



912

X