Моето најмало дете наполни 12 години минатиот ноември. Во текот на месеците пред неговиот роденден напорно трагав по знаци на промени, но не најдов ниту една потврда на она што им се случуваше на неговите постари брат и сестра на таа возраст.

За нив двајцата „тоа“ настапи како според часовник – по 12-тиот роденден се претворија во суштества кои не можев да ги препознам.

Претходно редовно ми раскажуваа како го поминале денот, сакаа да ги споделуваат сите фрагменти од својот социјален живот, на пример, со кого седеле тој ден во паузата за ручек и дали најдобриот пријател им ги повредил чувствата со некаква постапка. А потоа одеднаш почнаа да ги креваат рамената и да си мрморат за себе во брадата.
Претходно беа возбудени кога требаше заедно, како семејство, да возиме велосипеди или да одиме на сладолед, но сето тоа исчезна кога наполнија 12 – нивниот ентузијазам го презедоа видеоигрите, поминувањето време во собите, сами или со пријатели.
Наместо да станат повнимателни кон луѓето, нивното опкружување, да размислат како нивните дела и тонот на гласот влијаат врз другите, сѐ помалку беа внимателни.

И нивните промени на расположението ме тераа да ја впивам секоја книга за тинејџери до која можев да дојдам.
„Дали се депресивни? Дали ова е нормално? Дали правам доволно за да им помогнам? Како сум воспитала толку неблагодарни деца?“
Потоа разговарав и со неколку родители кои се согласија – 12-тата година е годината кога сѐ се менува.

Се разбира, се сеќавам кога бев тинејџер и кога повремено го мразев својот живот. Мојот социјален живот беше центар на сѐ, исклучувајќи ги излегувањата со мајка ми. Мислев дека моите родители се глупави и дека јас за животот знам многу повеќе од нив, но не бев толку безобразна… или бев?
Мојата мајка тврди дека сум била.
Го прославивме споменатиот роденден на моето најмладо дете онака како што тој сакаше. А сакаше пилешки медалјони и компирчиња. И да дојдат сите поблиски роднини и да се почестиме со пита со путер од кикиритки. И така беше.
Сакаше да му купам мини-телескоп и едно пакување лажни мрсули во боја, како и перниче што прди. Толку ме обзеде фактот дека сѐ уште е истото дете какво што беше, надевајќи се дека нема да ја помине Ужасната Дванаесетка како неговите брат и сестра, што бев сигурна дека и тој го почувствува тоа.

И натаму беше зборлесто дете. И натаму ме гушкаше. И натаму мислев дека сум толку кул што сака да го поминува времето со мене.
Ова е неговата Дванаесетта, помислив. И се држев за тоа.
А потоа сѐ се смени преку ноќ.
Наместо да посака да гледаме семеен филм или да правиме пуканки (што беше една од неговите омилени забави), почна со часови да останува во собата. Проверував што прави, а ќе го затекнев како чкртка по тетратката или како мислите му летаат по таванот. Ќе се изнервираше само ако го прашав дали е сѐ во ред.
„Сакам само малку да бидам сам, мамо.“

Имаше период во мојот живот кога децата нонстоп ми беа зад петиците и искрено, ако некој ми кажеше дека ќе дојде период кога ќе сакаат да бидат сами, навистина ќе се израдував. Ќе ми беше задоволство да можам сама да одам во бањата, или да јадам нешто без да ми го оттргнат нивните мали рачиња, и да ме молат да им помогнам да го најдат изгубеното парче од лего-коцките.
Но потоа пораснуваат. Полнат 12 години. Почнуваат од тебе да бараат да ги оставиш на мир. Ништо од тоа не ти е природно кога си мајка и воопшто не ти се допаѓа таа фаза.
Одете по ѓаволите, Дванаесетти!
Ми недостига копнежот што го имаа моите деца. Ми беше полесно да не спијам кога беа болни, или лошо сонуваа, или едноставно не сакаа повеќе да спијат, отколку да не спијам поради грижата зошто се тивки, нерасположени или нервозни кога ќе се вратат од училиште.

Дванаесетката има начин како да го исцеди детето од нив.
Дванаесетката е збунувачка.
Дванаесетката е осамена.

Од вашето дете бара да се промени и пред да биде подготвено за промени.
А од вас бара да ги промените вашите родителски ставови.
Немилосрдна е и поради неа се чувствувате како да сте исклучени од нивните животи.
Но, гледам една работа кај моите постари деца, кои имаат 16 и 14 години, а што ми влева надеж: Ќе се вратат на старо.
Почнаа повеќе да зборуваат со мене и да ме пуштаат во нивните животи, без сама да се наметнувам.
Нивните прегратки се поискрени. Почесто излегуваат од своите соби. И нивните расположенија се спуштаат на поприфатливо ниво.
Беа потребни неколку години, и ќе ми недостига моето најмладо дете додека плови низ својата Озлогласена Дванаесетка, но знае дека ќе го чекам на крајот од тој пат.

Така што, доколку сте родител на дете што се приближува кон тие години, или веќе сте заглавиле во нив, па се прашувате дали има крај на тоа, ви ветувам дека има.
А во меѓувреме, потрудете се да не го сфаќате тоа премногу лично. Правете онака како што сметате дека е најдобро и задолжително почестете се со некаква нездрава храна (дури и ако тие не сакаат да јадат со вас). Тоа се најдобрите методи што досега сум ги пронашла.

Автор: Кејт Бингман Смит

 



912

X