Истражувањата покажуваат дека сè повеќе деца имаат проблеми со когнитивните способности и вниманието, дека страдаат од депресија и немаат емпатија. Тоа се само некои од последиците на прекумерната употреба на технологијата.
Тешко е денес да се биде мудар, па да се најде вистинската мера кога се работи за тоа колку долго смеат децата да користат паметни уреди. Затоа треба да се послушаат советите на експертите кои подетално се занимавале со тоа – тие совети нема да им се допаднат на децата, но нема да им се допаднат и на некои родители.
Американската педијатриска академија и Канадското друштво на педијатри објавиле дека децата до втората година воопшто не би смееле да бидат изложени на влијанија од технологијата, децата од трета до петта година би требало да имаат ограничен пристап до технологија еден час дневно, а децата и адолесцентите од 6 до 18 години не би смееле да поминуваат повеќе од два часа дневно пред различни екрани.
Реалноста е малку поинаква. Користењето друштвени мрежи кај децата и адолесцентите значително е зголемено во последните 10 години, што е документирано во многу истражувања. Извештајот од 2010 година за однесувањето на 2 илјади деца и адолесценти од 8 до 18 години покажал дека просечно дете поминува 7,5 часа дневно користејќи различни медиуми. Меѓутоа, поради мултитаскинг, децата се всушност под влијание на медиумите 10,75 часа дневно!
Сè повеќе педијатри ги советуваат родителите да им го ограничат на децата времето поминато со технологија, особено користењето мобилен телефон и таблет. Дека последиците од неконтролирано користење на мобилен телефон, лаптоп, таблети, како и седењето пред телевизор се сериозни, а понекогаш и застрашувачки, покажуваат голем број истражувања чиј фокус е развојот на детето опкружено со технологија.
Ова се 10 причини зошто на децата треба строго да им се ограничува употребата на технологија:
1. Забрзан развој на мозокот
До втората година на животот мозокот се зголемува за 3 пати и продолжува забрзан развој до 21 година. Раниот развој на мозокот е под влијае на различни дразби од околината или е поврзан со недостиг на дразби. Денес дури едно од три деца што тргнуваат на училиште заостанува во развојот. Американскиот универзитет за педијатрија ги објавува резултатите од истражувањето кое вклучило 2.200 семејства од 10 развиени земји, каде што децата биле на возраст помеѓу 2 и 5 години, а се покажало дека 58 отсто од децата од претшколска возраст знаеле да играат игри на компјутер, но само 9 отсто од нив умееле да ги заврзат врвките. Се покажало дека претераното изложување на технологијата директно е поврзано со проблемите на нарушување и недостиг на внимание, доцнење во когнитивниот развој, отежнато учење, зголемена импулсивност и намалена способност за контролирање на чувствата и однесувањето.
2. Доцнење во развојот
За користење на технологијата, потребна е минимум физичка активност (главно се сведува на пишување на тастатурата), а тоа може да резултира со задоцнет физички и психички развој. Секое трето дете тргнува на училиште со намалени способности, а тоа долгорочно влијае врз писменоста и напредокот во образованието. Задачите што генерациите пред 20 години ги решавале користејќи логика пренасочена низ игра, како што се „ластик“ или „криенка“, најновите генерации воопшто ги немаат. Движењето ги активира мускулите и зглобовите и го поттикнува мозокот на решавање проблеми во движење, па на тој начин се зголемува способноста за учење и логичко поврзување.
3. Дебелина
Зачестеноста на дебелината кај децата е зголемена за 5 пати, а за тоа исклучиво придонесуваат физичката неактивност и неправилната исхрана. Во нашето опкружување има сè повеќе прекумерно ухранети и дебели деца и млади. Една од главните причини за ова е недоволното движење, како и поминувањето премногу време пред телевизор или паметен телефон. Претераната телесна маса доведува и до дијабетес и го зголемува ризикот од ран срцев удар, сериозно скратувајќи ја очекуваната должина и квалитет на живот.
4. Нарушување во спиењето
Премногу време поминато пред екран кој зрачи создава различни нарушувања во спиењето, што кај децата е во драматичен пораст. Изложувањето на децата на неразбирливи содржини поттикнува кошмари, месечарење, неправилни обрасци на спиење, а сето тоа може долго да се задржи во детската потсвест, со оглед на тоа дека тие не можат да го интерпретираат она што не го разбираат.
5. Ментални болести
Прекумерното користење на технологијата се смета за фактор и во порастот на стапката на детска депресија, анксиозност, нарушувања во вниманието, аутизам, биполарно нарушување, психози и проблематично однесување на децата и адолесцентите. „Секој дополнителен час или ден поминат пред телевизија, на таблет или паметен телефон во адолесценцијата е поврзан со поголеми изгледи кај децата да се појави депресија“, објасниле данските психолози Андреас Гронтвед и Ј. Сингхамер.
6. Агресија
Децата кои поттикнувањата од околината првенствено ги добиваат преку медиумите (филмови, игри, цртани филмови) или по пат на интернет немаат развиена емпатија, што резултира со почести изливи на бес, агресија и сè поголеми проблеми со злоупотреба преку социјалните мрежи. Комуникацијата преку интернет го исклучува контактот заснован на нашите сетила – видот и слухот. Затоа, децата што малтретираат други деца не го гледаат тоа, а со самото тоа не ги гледаат ниту последиците од своето однесување. Резултатите од повеќе од 2 илјади научни истражувања покажале дека значајната изложеност на насилство во медиумите го зголемува ризикот од агресивно однесување кај децата и адолесцентите, ги прави бесчувствителни кон насилството и ги уверува дека светот е „поопасно и пострашно“ место отколку што е – стои во соопштението за медиуми на Американската академија за педијатрија.
7. Зрачење
Во мај 2011 година СЗО ги класифицира паметните телефони како закана од 2Б нивоа (можни канцерогени медиуми) поради просечните количини на зрачење што ги испуштаат. Џејн Макнејм од канцеларијата „Здрава Канада“ издал предупредување во кое се наведува: „Децата се почувствителни на различни потенцијално негативни влијанија отколку возрасните лица бидејќи нивните умови и имунолошкиот систем сè уште се во развој, така што не може да се каже дека е ист ризикот за децата и за возрасните.
8. Дигитална деменција
Интернетот овозможи содржините да се создаваат и споделуваат 100 пати побрзо од претходно. Технологијата еволуирала, но нашиот мозок не толку и тука се создаваат проблеми кај децата и младите, кај кои заради „уживање“ во таквите содржини, нивниот мозок не може да создаде причинско-последични врски помеѓу различни факти. Таквото стимулирање всушност предизвикува намалена концентрација, отежнато помнење, со оглед на тоа дека мозокот не успева да ги селектира важните од неважните информации, па преку неврони ги испраќа на фронталниот кортекс.
9. Зависност
И родителите поминуваат сè повеќе време пред разни екрани, а сè помалку време со децата. Не е ретка појава да се видат мајка и татко како гледаат во своите телефони додека детето седи покрај нив во количка и се обидува да им го привлече вниманието. Бидејќи не можат да се поврзат со родителите, децата почнуваат да се поврзуваат со уредите, што може да резултира со зависност, а забраната за понатамошно користење на уредите предизвикува емотивна нестабилност.
10. Неодржливост
„Начинот на кој се одгледуваат децата денес и образованието засновано на употреба на технологија не се одржливи. Децата се нашата иднина, но тие немаат иднина ако нивните животи се вртат околу технологијата – објаснува Крис Роуен, педијатар терапевт и експерт за развој на децата. Крис покренала и програма чија цел е да им помогне на децата и на родителите – преку едукативни програми, вежби и тренинзи – да ги решаваат проблемите предизвикани од прекумерно користење на дигиталните медиуми.
Автор: Крис Рован