Во воспитувањето често се фокусираме на правила за да ги воспитуваме децата, за кои сметаме дека ќе бидат добри, послушни, а истовремено и подготвени за иднината. Од повторување на правилата често нè боли глава бидејќи нашите деца немаат баш навика да се придржуваат до нив, слично како што ниту ние сами не сме сакале да ги слушаме сите правила што ни биле наметнати од родителите. Но, кога се во прашање развојот и напредокот на детето, се поставува прашањето како тие исти правила влијаат врз него? Дали децата мора без приговор да нè слушаат или понекогаш е добро да прекршат некое од нашите правила? Изгледа дека сето она што го бараме од нив нема никакво влијание врз нивниот раст и развој, туку спротивно – ги спречува да го реализираат нивниот полн потенцијал. Затоа е крајно време да размислиме за правилата.

Ова се 10 правила што децата би требало да ги прекршат за да се развиваат здраво.

1. Без качување!

Кога децата се качуваат на стебло или на кожена фотелја, тие развиваат сила, рамнотежа и работат на координација на своите движења. Качувањето ги развива мускулите на рацете и дланките и тоа е многу важно за нивен развој. Качувањето е, исто така, вештина која бара трпение, организација и снаодливост. Сето тоа го прави качувањето активност која е многу пожелна и добра за нашите деца. Да не споменувам колку ние сме се качувале во детството во споредба со нашите деца денес. Следниот пат кога ќе бидете во парк или на прошетка во природа, не држете го детето за рака, туку опуштете се и набљудувајте го како со леснотија ги совладува препреките пред себе.

2. Нема скокање!

Скокање по кревет, фотелји или во секоја друга пригода, така вашите деца добиваат неверојатни придобивки. Да не споменувам дека скокањето е една од нивните омилени активности. Скокањето ја активира течноста во внатрешното уво, па така мозокот добива информација каде во просторот се наоѓа главата на детето, што е многу корисна вежба. Кога детето ќе доскокне на подлога, тоа ги активира мускулите на нозете и на рацете. Да не го споменуваме и развојот на координираните потези и рамнотежата. Затоа следниот пат кога детето ќе почне да скока по креветот, сетете се на придобивките, а ни трамбулината не звучи како лоша идеја.

3. Биди тивок!

Верувам дека и сами знаете колку може да бидат гласни децата. Пеење, зборување со играчките или со браќата и сестрите – на нашите деца не им недостига глас. Кога не им се зборува, тогаш удираат по подот, ѕидот и слично и прават врева. Но, верувале или не, вревата е корисна за децата. Не само што им е често потребна за да ги смират сетилата, туку е и важна за развојот. Не е чудно што правењето врева им е забавно. Затоа, дозволете им да произведуваат звуци кои понекогаш ви пречат. Можеби детето ќе стане популарен музичар. И ако вашето бебе често плаче, можеби ќе ви помогне звукот на правосмукалката, фенот за коса или возењето во автомобил токму од причина што овие звуци ги смируваат децата.

4. Не допирај го тоа!

Иако постојат места како музеи каде што допирањето на експонатите едноставно не е опција, допирот е многу важен елемент од развојот на секое дете. Иако можеби ви е напорно што детето допира сè околу себе, обидете се да разберете колку е тоа важно за неговиот развој. Со допирање, држење и преместување на предметите вашето дете добива скапоцени информации за светот околу себе. Колку е ова тешко? Што ќе се случи ако го свртам наопаку? Можам ли да го држам во една рака? Зошто има толку мазна или груба површина? Што ќе се случи ако се извалка? Дозволете му на детето да ги прави овие активности и бидете свесни колку му значат. Немојте да се плашите од малку неред или кал, секако, тоа е една од најдобрите играчки на сите времиња.

5. Седи мирно!

Колку и да ни е тешко да сфатиме, на децата им е многу тешко да седат на едно место. Затоа се вртат и немаат мир ниту една секунда. Ако седат мирно, тогаш вртат нешто низ рацете. Но, една работа е важно да се сфати – децата мора да се движат. Движењето им е потребно за да ги развијат своите мускули, рамнотежата и ориентацијата во простор. Кога ги допираат предметите со рацете, учат многу за начинот на кој тие функционираат. А и зошто би седеле мирно кога ќе го прават тоа кога ќе пораснат. Затоа, да им дозволиме да бидат деца.

6. Биди нежен!

Иако апсолутно ја поддржуваме нежноста во воспитувањето и сметаме дека таа треба да се поттикнува кај нашите деца, особено во одгледувањето на момчињата, понекогаш малото контролирање на грубоста е многу корисно. Под контролирање на грубоста ја сметаме играта како борење или одмерување на силата на раката. Ваквите активности помагаат во развојот на мускулите и самоконтролата. Децата така учат да променат сила или притисок на телото. Она што е важно е дека учат и важни социјални вештини, како препознавање кога играта прераснува во насилство и како на вистински начин да се запре навреме, пред некој да се повреди. За развивање на ваквите вештини добри се спортовите и борачките вештини, за детето да научи како да ја контролира и да ја насочи силата.

7. Без трчање!

Повеќето родители често имаат проблем со трчањето, па овој повик е вообичаен во парковите и игротеките каде што мајките, кога се при крај со нервите, се обидуваат да го спречат своето дете да трча. Трчањето е многу корисна активност и за возрасните и за децата. Не само што ги развиваат мускулите и движењето, туку ја подобруваат и кондицијата и имаат можност да ги прескокнуваат препреките и да ги избегнат дупките. Исто така, корисен е престојот на отворено бидејќи децата и така се премногу затворени дома.

8. Биди внимателен!

Уште една омилена изрека на многу родители. Но, сакале ние да признаеме или не, нашите деца се многу поиздржливи и поснаодливи отколку што ние мислиме. Тие се како создадени за паѓање и станување и совршено знаат да го балансираат ризикот до граница на своите можности. Со оваа изрека ја нарушуваме неговата самодоверба и му даваме до знаење дека немаме доверба во него. Тоа може да резултира со повлекување на детето од физички активности бидејќи се смета за неспособно, поради стравот што сме му го всадиле.

9. Не прави неред!

Ако постои нешто во кое децата се апсолутно искусни, тогаш тоа е правењето неред во кој било облик. Расфрлени играчки, истурен сок, уништена храна секаде само не на чинија и тоалетна хартија низ цела куќа. Децата на тоа гледаат како на напорна работа и труд кој го вложиле. Но, одењето по чистиот под со валкани нозе? Тоа е совршена вежба за движењето на нозете. Расфрлен ориз на масата? Идеална вежба за фина моторика. Нередот е само уште еден од начините на кои вашето дете учи за светот. Децата тоа не го гледаат како неред, туку како можност за учење за себе, своето тело и светот кој ги опкружува. А тука е и учењето на одговорноста, кога ќе ги натераме да го исчистат својот неред. Затоа редовно цртајте со прстите, борете се со перници и играјте со пластелин. Имаме само еден живот, а детството на нашите деца ќе прелета за миг, па нема смисла да се грижиме за нередот!

10. Побрзај!

Постојат многу причини зошто треба да престанеме да ги брзаме децата. Разбирливо е дека им е потребно повеќе време за некои активности. Треба и да погрешат за да научат од нешто. Така напредуваат и стануваат способни и побрзи. Дајте им време за сето ова, а вам добро би ви дошла пауза.
Со инсистирање на правила не им правиме добро на своите деца. Наместо постојано да ги држиме под притисок со разни правила, подобро е да поработиме на себе за подобро да ги разбереме. Откако ќе разбереме низ што поминуваат нашите деца и кои предности ги добиваат на тој начин, ќе ни биде полесно да ги поддржиме наместо да им поставуваме ограничувачки правила.

Автор: Михаел Шанко



912

X