Платената казна не го амнестира родителот да не го вакцинира детето, велат од ДСЗИ

Децата што не ги примиле вакцините кои се предвидени со редовниот вакцинален календар во земјава нема да бидат запишани во прво одделение, истакнаа од Владата. Но, што со овие деца? Како ќе се образоваат? Засега нема одговор на ова прашање. Јасно е само дека платената казна за недозволување да се вакцинира детето не го амнестира родителот тоа да биде невакцинирано, како што истакнуваат од Државниот и санитарен здравствен инспекторат (ДСЗИ).

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски изјави дека нема да се отстапува од донесените мерки по прогласената епидемија од морбили и оти од оваа учебна година нема да се запишуваат првачиња за кои нема да биде доставен картон за вакцинација.
– Вакцинацијата е задолжителна. Во прво одделение нема да можат да се запишат деца што не се вакцинирани. Во Законот за основното образование, член 46, став 2, е јасно – рече Бошњаковски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата за одлуките од редовната седница на Владата.

Во исто време министерот за здравство Венко Филипче потсети дека здравствените установи не смеат да издаваат потврди ако детето не ги примило задолжителните вакцини. Овие потврди се потребни за детето да се запише во прво одделение.

И покрај тоа што повеќе пати прашувавме во Министерството за образовани и наука, не добивме одговор на прашањето што со децата што нема да бидат запишани на училиште, дали и како би се организирало нивното образование.
Конкретен одговор не добивме ниту од министерот Филипче.

– Следниот период ќе го искористиме за координација со МОН и ќе донесеме конкретни одлуки – вели Филипче.

Единствено од Државниот санитарен и здравствен инспекторат истакнуваат дека платената казна не значи оти детето може да остане невакцинирано.
– Платената казна не го амнестира родителот да не го вакцинира детето – вели д-р Ирина Бухова, директорка на ДСЗИ.

Од првата детска амбасада „Меѓаши“ укажаа дека ниедно дете не смее да биде исклучено од образовниот процес, без оглед на здравствената состојба или вакциналниот статус.

– Свесни сме дека во состојба на епидемија јавното здравје има приоритет и државата мора да преземе соодветни мерки за да го заштити населението и го поддржуваме тоа, но државата мора да најде соодветни форми и механизми со кои ќе обезбеди грижа, згрижување, образование на сите деца. Препорачуваме и сметаме дека родителите треба и мора да бидат целосно информирани за значењето на имунизацијата, но и за сите позитивни и негативни ефекти од неа, како и информации за квалитетот и безбедноста на вакцините – истакнаа оттаму.

Невакцинирани деца, според последните измени на правилникот од Министерството за труд и социјална политика, нема да бидат примани ниту во градинка.

Инаку, мерките за зголемување на вакциналниот опфат на децата стануваат построги во повеќе држави во светот. Германскиот министер за здравство Јанс Шпан деновиве изјави дека планира закон според кој со парична казна од 2.500 евра ќе ги санкционира родителите што не ги вакцинираат своите деца против морбили.

– Нашата цел е да се спречи децата да се заразат од морбили. Затоа сите деца во градинките и во училиштата мора да имаат потврда дека се вакцинирани – изјави Шпан.

Пред нецел месец италијанските здравствени власти истакнаа дека родителите на невакцинираните деца на возраст меѓу 6 и 16 години, доколку сепак ги испратат децата во училиште, ќе треба да платат казна до 500 евра. Децата под шест години ќе бидат вратени назад, односно нема да бидат примени во јасли или во градинка.

– Сите имаа време да ги завршат обврските. Правилата се јасни: нема вакцина, нема школо – изјави министерката за здравство Џулија Гриљо.



912

X