Наставници деновиве интензивно се подготвуваа пред да дојдат инспекторите. Ја обновуваа документацијата која треба да ја покажат пред инспекторот, закачуваа нови хамери на ѕидовите во училниците, правеа поинаков распоред на клупите. Освен тоа, ги предупредувале учениците да бидат мирни и да креваат рака кога на час во посета ќе им дојде „гостинот“ од инспекторат

„Светнати“ училници, темелно исчистени тоалети, уредени паноа и катчиња, мирна работна атмосфера. Вака е деновиве во некои скопски основни училишта во кои државни просветни инспектори одат на терен да ја проверат и оценат работата на наставниците, но и генерално работата на училиштата. Овие надзори се дел од интегралната евалуација, која во секое училиште се спроведува на секои три години. Секој наставник добива оценка за својата работа, а оценка на крајот добива и училиштето.
Наставници во едно скопско основно училиште деновиве интензивно се подготвуваа пред да дојдат инспекторите. Ја обновуваа документацијата што треба да ја покажат пред инспекторот, закачуваа нови хамери на ѕидовите во училниците, правеа поинаков распоред на клупите. Освен тоа, и ги предупредувале учениците да бидат мирни и да креваат рака кога на час во посета ќе им дојде „гостинот“.

Фото: КолектифПрес

Правиме комплетен рендген на училиштето

Томе Спировски, директорот на Државниот просветен инспекторат, за „Деца.мк“ вели дека наставниците и другите вработени не треба да се плашат од инспекторите.

– Интегралната евалуација нема репресивна улога. Ние не сме репресивен орган. Ние дејствуваме повеќе во насока на превенција. Инспекторатот врши ревизија на работата на училиштата, гледа и наоѓа маани. Сето тоа се прави за да се подобри квалитетот на работата. Можам да кажам дека сè повеќе наставниците и училиштата соработуваат со нас со цел да си ги надминат слабите страни – вели Спировски.
Тој објаснува дека откако ќе се изврши надзор, се определуваат мерки со кои се наредува да се отстранат неправилностите.

– Законски се предвидени прекршочни пријави. Но, и на пример ако училишниот одбор во конкретно училиште не прави акциони планови, покренуваме постапка членовите да бидат разрешени. Ако конкретен наставник, на пример, добие слаба оценка затоа што не правел подготовки или има отстапки во наставната програма или лошо работи на часот, тогаш со него училиштето има обврска да направи план како тој наставник да се подобри, како да му се даде поддршка. Ако наставникот добие петка, тоа значи дека тоа училиште има квалитетен работник, работник кој вреди. Наставниците се оценуваат со оцени од еден до пет, а максималната оценка што може да ја добие училиштето е многу добар – појаснува директорот.

Фото: КолектифПрес

Се бара на увид целата педагошка документација

Интегралната евалуација спаѓа во редовните надзори и се изведува во училиштата по точно утврдени протоколи кои се јавно достапни за училиштата. Во подготвителна фаза се врши најавување во училиштето, и тоа 15 дена пред нејзино одвивање, се организираат подготвителни состаноци меѓу тимот од страна на Државниот просветен инспекторат, раководството на училиштето и родителите, при што се прецизираат понатамошните активности.

– Во однос на наставниците, се следи целокупната нивна работа, како и реализацијата на нивните работни обврски во смисла на планирања, подготовка и реализација на наставата, водење педагошка евиденција и документација, постигнувањата на учениците и други работни обврски согласно работните обврски на наставникот согласно постојната законска регулатива. Ако се утврди дека наставникот има неисполнување на работните обврски, се преземаат мерки согласно закон, односно се носи решение за отстранување на неправилностите. Во случај на неисполнување на решението се поднесуваат прекршочни пријави, а ако има посериозни законски повреди, се поднесуваат и кривични пријави – информираат во инспекторатот.

Целта на интегралната евалуација е да се согледа состојбата во однос на квалитетот на воспитно-образовниот систем во државата. Согласно индикаторите и темите се врши и вреднување на училиштата со оценки од 1 до 4, при што оценката 1 значи не задоволува, оценката 2 делумно задоволува, оценката 3 добро и оценката 4 многу добро. На крајот се изготвува извештај во кој е согледана целосната состојба во училиштето, тоа е оценето, а се издвојуваат слаби и јаки страни на училиштето.
За слабите страни се даваат препораки за надминување од страна на Државниот просветен инспекторат. Извештајот се доставува до училиштето и ако имаат аргументирани забелешки, може да ги достават до тимот, кој може да ги прифати или отфрли, по што извештајот станува конечен.

За слабите страни, училиштето е должно да изготви акционен план за нивно надминување, а по шест месеци се врши и контролен надзор. Во контролниот надзор, ако се отстранети недостатоците, само се констатира состојбата, а доколку училиштето не презело мерки за надминување на слабите страни, се дава или дополнителен рок или се преземаат други инспекциски мерки согласно закон. Од сите извршени интегрални евалуации во текот на една учебна година се изготвува извештај за квалитетот на воспитно-образовниот процес, кој се доставува до Министерството за образование и наука и до Владата.



912

X