Здравје

Зошто по породувањето се јавуваат тага, анксиозност и меланхолија

За многу мајки раѓањето на првото дете е вистински емотивен рингишпил. Еден ден може да чувствуваат неизмерна среќа и задоволство, а веќе следниот да го поминат плачејќи.
Тоа е и време кога жената сфаќа дека не може да отиде на ручек со пријателките кога ќе посака бидејќи има многу други нови обврски. Се плаши дека нема да знае како да реагира во јавност ако бебето почне да повраќа или ако ја наполни пелената; ако не го поведе бебето со себе, се плаши дека нема да знае како реагира ако ѝ се јават од дома дека бебето плаче.
– Овие осцилации во расположението се нормална појава по породувањето бидејќи во телото на жената се случуваат драстични хормонски промени кои се манифестираат со нагли промени во расположението – наведува Хилда Хучерсон, асистент на колумбискиот медицински факултет.
Таа додава: – Многу жени не се подготвени за овие осцилации. Повеќето мислат дека постојано ќе бидат воодушевени од бебето, а потоа чувствуваат вина кога се нерасположени или уморни за играње со него.

Анксиозност

Иако породувањето со себе носи голем број стресни емоции, сето тоа не е ништо во споредба со она кога жената со бебето ќе ја напушти болницата и ќе тргне дома. Чувството на анксиозност продолжува и трае неколку недели. Тоа исто така е резултат на стравот од обврските што доаѓаат и со кои жената се сретнува првпат: доење, менување пелени, премалку сон.

Експертите наведуваат дека е многу важно мајките што првпат се породуваат да бидат во контакт со оние што веќе поминале низ тоа искуство. Освен корисни совети, тие ќе им дадат и мотивација и пример дека набрзо сè ќе биде подобро.

Изолација и меланхолија

Без оглед колку долго жената очекувала да стане мајка, кога првпат ќе остане сама со бебето дома, може да се почувствува изолирана од светот. Мајките кои, на пример, се породуваат во декември и кои поради лошото време не можат да излезат надвор со бебето, се чувствуваат прилично осамени.

Меланхолија

Чувството на необјаснива тага и безволност е нормално за првите неколку недели по породувањето. Тоа се случува кога нивото на естроген и прогестерон нагло опаѓа. Наместо тоа, настанува пораст на хормонот пролактин, кој обезбедува производство на млеко. Сè додека хормонскиот статус е вака турбулентен, мајките може да се чувствуваат тажно и безволно.
Може да имаат и постпородилна депресија, особено прворотките. Тоа е период на големи промени кога жените „го оплакуваат“ својот поранешен начин на живот и се обидуваат да се адаптираат на новонастанатата ситуација.
Ако поголемиот дел од времето се чувствувате тажно, безнадежно и чувствувате дека не можете да се поврзете со бебето и со остатокот од светот, голема е веројатноста дека имате постпородилна депресија. Ако ваквата состојба трае премногу долго, би било добро да се обратите на лекар.

 

Поврзани написи

To top