Како да се разликува агресивноста која е опасна и која бара разговор и интервенција од детската разиграност која од надворешниот набљудувач може да се сфати како агресија?

Знаете ли што играло вашето дете на голем одмор? Веројатно (и точно) претпоставувате дека играло крадци и полицајци или Бетмен, или војна или некоја слична игра во која се пука, убива, победува… Ако некои девојчиња играат на голем одмор, на пример, „мајки“, правење куќи и слично, веројатно ќе се најдат момчиња што ќе „упаднат“ и ќе ги ограбат. Таквите игри можеби се вознемирувачки, но воопшто не се необични. Кога е во прашање растењето на момчињата, тие се правило. Но, ако во текот на тие игри некој се повреди, момчето ќе западне во неволја и веројатно ќе биде прогласено за агресивно. Но, дали навистина се работи за агресивност? И има ли причина за паника?

Според дефиниција од речник, агресивноста е намерен напад или непријателско, напаѓачко однесување предизвикано од фрустрација. Во реалниот живот, примери за агресија кај момчињата може да бидат тепачките, навредувањето и туркањето кое завршува со повреда. Агресијата е дел од човечкото однесување. Сите луѓе имаат способност да се заштитат и да ги напаѓаат другите кога се наоѓаат во опасност. Понекогаш момчињата стануваат агресивни бидејќи едноставно се лути и не успеваат да најдат друг начин за изразување на своите чувства. А некои можат агресивно да се однесуваат, додека всушност воопшто не се агресивни. Момчињата често играат агресивни игри. Проблемот настанува само ако играта излезе од контрола.

Многу момчиња гледаат сè преку натпреварување и често играат на компетитивен начин, на пример, „можам побрзо да ги испукам дијаболите од тебе“ или „можам да изградам поголема кула од тебе“, или „можам да трчам побрзо од тебе“. Но, тие игри на моќ и доминација не се нужно агресивни ако целта не им е да предизвикаат страдање. Честата фантазија на момчињата во која ги убиваат лошите и го спасуваат светот е совршено нормална. Повеќето момчиња земаат што било в рака и се преправаат дека држат пиштол. Ако момчињата играат игра со суперхерои, набљудувачите може да мислат дека таа игра е агресивна, но за момчињата тоа е само начин да го заштитат светот од лошите. Тоа е совршено нормален начин на игра кој престанува да биде нормален само ако момчето постојано им нанесува болка на другарите или постојано се обидува да доминира. Во други ситуации постапката на едно дете може да се протолкува како агресивна бидејќи друго дете може да се исплаши или да се повреди, а всушност се работело за пријателски и разигран гест на детето. Потребно е да се разликуваат намерните чинови на агресија од случајните агресивни испади во играта.

Иако сите момчиња имаат нормални агресивни импулси кои се учат да ги контролираат, само мал процент искажуваат вистинска агресивност и тешкотија во контролирањето на тие импулси. Тоа се момчиња кои не разликуваат фантазија од реалност и кои често ги удираат, туркаат или ги плашат другите деца. Таквите момчиња имаат слаба контрола на импулсите и не можат да ги сопрат своите испади. И таквите момчиња се причина за загриженост.

Извор



912

X