Играчките што се соодветни на детската потреба за имитирање на возрасните се добар сојузник на родителите во борбата за детство исполнето со игри.

Играта е нашиот начин да учиме, да истражуваме и да ги развиваме своите физички, интелектуални, општествени и морални потенцијали. Низ игра создаваме пријателства и учиме да ги решаваме проблемите, да ги контролираме импулсите и да ги следиме правилата. По дефиниција, играта е доброволна, што значи дека учесниците секогаш можат да се откажат. Затоа играта е една од најдемократските активности бидејќи нејзините учесници мора меѓусебно да се одржуваат среќни за играта да потрае подолго.

Иако е спонтана и необврзувачка активност која носи радост и уживање, која е насочена кон процесот, а не кон целта, играта е апсолутно клучна за здраво растење, поважна од сите други форми на учење, а недостигот на игра во раното детство е ненадоместлив губиток.

Сакам да бидам голем!

Секоја игра се базира на принципот на имитирање. За да може играта да тече, сите учесници мора да прифатат постоење на еден одреден замислен свет. Најуспешни во тоа се малите деца, кои без никаков напор влегуваат во овие замислени светови во кои стануваат животни, митски битија, мајки и татковци, космонаути… Детската соба или игралиште за еден момент станува друга планета, лекарска ординација, кујна или волшебна шума.
Какви светови најчесто замислуваат децата? Од децата задолжени да го собираат уловот до денешните дигитални дечиња, сите имаат потреба во својата фантазија да бидат возрасни, подготвувајќи се меѓу другото и за улоги што ќе ги играат како возрасни припадници на заедницата. Возрасните што ги познаваат им се најголемите примери на децата, па така децата најчесто и најлесно се соживуваат во улогата на своите родители во различни секојдневни семејни сценарија.

Благодатите од играта со имитирање

Играта во која децата влегуваат во различни улоги стручно се нарекува „социодрамска игра“, „игра со имитирање“ или „игра со преправање“. Експертите истакнуваат дека овој тип игра е исклучително важна за деца на возраст од 18 месеци до 6 години затоа што влијае врз развојот на когницијата и метакогницијата, социјалната компетентност, ја развива способноста за решавање проблеми (конвергентно и дивергентно мислење), ја подобрува фината и грубата моторика, влијае врз развојот на јазикот, емоционалното разбирање, разбирање на контекстот и ги развива креативноста и нарацијата.

Во игрите со имитирање, како што се играње „дом“ или преправање дека сте животни, главно правило е дека морате да останете во тие улоги. Ако сте куче, мора да лаете наместо да зборувате и да одите на четири нозе без оглед дали ви е удобно или не. Ако сте храбар ловец, мора да се воздржите од плачење дури и ако паднете и се удрите.

Оваа потреба да се соживеете со улогата е многу корисна од неколку причини:

Развива сочувствителност – кога играте улоги, мора самите да се замислите во туѓа кожа и да претпоставите како изгледа да сте мајка, помлада сестра, учителка, кученце… Овие нови, привремени чувства го збогатуваат детското искуство, но ги збогатуваат и односите во секојдневниот живот.

Ги проширува детските хоризонти – кога сте готвач или космонаут или вештерка, детската соба веќе не ги претставува границите на вашиот свет. Наеднаш увидувате дека можете да имате најразлични соништа и амбиции и дека животот е преполн со различни можности.

Го збогатува јазикот – играта со имитирање бара од детето постојано импровизирање и употреба на речник кој не му е својствен во секојдневниот живот. Кога се преправате дека сте лекар, првпат ќе научите што значи зборот „стетоскоп“. На тој начин децата низ играта со имитирање ги развиваат јазичките вештини и го збогатуваат својот речник.

Ја подобрува вештината за комуникација – играњето улоги подразбира дека ја напуштате вашата личност, која им е добро позната на сите, и станувате некој друг. Низ игра детето што има проблеми во комуникацијата може многу полесно да ги промени своите вообичаени начини на реакција, бидејќи не се наоѓа во својата „зона на комфор“, туку има поголема слобода да побегне од своите шаблони на однесување, експериментира и открива нови начини на комуникација со другите.

 



912

X