Во основа на педагошкиот оптимизам (верба во можностите на образованието) е идејата дека има можност за подобрување на перформансите на организмот (телото) и духот на воспитаникот – интелектот, карактерот, моралот, емоциите… Впрочем, педагозите секогаш биле малку недоверливи кон играта како воспитен принцип, веројатно затоа што таа во чист вид не придонесува за остварување на некоја посебна, однапред утврдена цел. Таа развива способност – не дава рецепти. Од тој агол постои парадокс дека колку повеќе играта е оддалечена од реалниот живот, толку нејзината воспитна вредност е поголема.

Шахот е игра со висок степен на комплексност и строги правила.
Врската меѓу шахот и математиката им го привлекла вниманието на класичните мислители. Значителен број велемајстори биле математичари. Но постои и сосема друга страна на приказната… Педагозите ги привлекува фактот дека има сѐ повеќе деца меѓу велемајсторите!

Шахот од агол на педагогијата во функција на педагогијата

Шахот како дел од курикулумот во образованието: денес над 30 држави го имаат шахот како дел од училишните програми – во Русија веќе 40 години наназад. Џон Лок го споменува шахот во своите „Мисли за воспитанието“ (како незаобиколен во формирањето и воспитувањето на совршениот џентлмен); веќе долго време постојат организирани напори шахот да стане дел од образованието за сите возрасти.

Кои се придобивките од играњето шах?

* Шахот е моќно средство со кое го вежбаме решавањето проблеми (проблем-ситуации);
* Шахот многу придонесува во развојот на детските когнитивни вештини (заклучување, дедукција, индукција…);
* Шахот ги учи децата на вредностите на сериозната работа;
* Шахот придонесува за јакнење на самодовербата преку самоостварување, самоизградување;

* Шахот придонесува детето да ја сфати личната одговорност за сопствените акции, како и прифаќањето на последиците од тие акции;
* Шахот го гради тимскиот дух, додека истовремено ја зајакнува индивидуалноста;
* Им помага на децата при создавање и зацврстување на социјалните искуства бидејќи шаховската табла всушност ја става во рамка конфликтната ситуација, односно создава услови за мирна, безбедна дискусија;
* Драстично влијае врз концентрацијата, визуализацијата, антиципацијата, одмереноста, анализата, апстрактното мислење, планирање, ја ангажира интуицијата;
* Им помага на детето и на учителот (возрасниот) подобро да се запознаат еден со друг низ тренинг-ситуации;
* Шахот го прави детето попаметно.

Како да се научат децата да играат шах?

Има многу дискусии и многу идеи за тоа како децата, особено помалите, да се воведат во шахот. Главен проблем на почетокот е како да се одржат ентузијазмот и интересот на детето, додека не развие вештини кои му се потребни навистина да почне да победува во играта.
Изгледа дека децата учат шах различно од возрасните: додека возрасните однапред разработуваат стратегии, експертизи, фокусирајќи се на деталот преку кој доаѓаат до општиот план, децата ја почнуваат играта повеќе на глобално ниво, играјќи интуитивно, што на детето му овозможува рапидно да ја проширува својата база на знаење. Во шахот, слично како во музиката и математиката, претходното искуство не е ограничувачки фактор, а врвни достигнувања се можни и кај сосема мали деца. Децата можат да учат шах од 3-4 години.

Еве неколку правила за таа цел

* На почетокот играјте со децата едноставни завршетоци, на пример, дајте му на детето фигури на крал и кралица, против крал. Постепено може да се додаваат и други фигури. Ова не бара од детето да предвидува многу потези однапред.
* Дајте му на детето да решава ситуации од типот мат во два потези. Тоа може да има повеќе фигури и повеќе сложени комбинации, но со ограничен број потези.
* Играјте цела игра во комбинации дете-дете или дете-возрасен (на едноставно ниво). Така детето понекогаш може да почувствува задоволство од победата или на крајот барем нема да биде „дотолчено докрај“.

Во случај кога детето игра со возрасни, искусни играчи (или со компјутерска програма), еве уште неколку начини да се задржи неговиот интерес:
* дајте му на детето некои олеснувања (фори). Временските олеснувања (при кои детето има до 10 пати подолго време за игра) се, воопштено, подобри отколку олеснувањата во врска со фигурите (кога возрасните ја почнуваат играта без некои фигури), затоа што така повеќе се изобличува ситуацијата во играта;
* во текот на играта свртете ја шаховската табла еднаш или повеќе пати. Тоа може да се направи по одреден број потези или на барање на детето одреден број пати (2 или 3 во текот на играта);
* применувајте го правилото допрено-преместено кај возрасниот играч;
* применувајте го правилото undo move за детето (но само еднаш за одреден потег);
* не треба намерно да му подарувате победа на детето. Горенаведените сугестии ќе му дадат шанса да победи во борба, но победата мора де се заслужи.

Шахот е нешто помеѓу уметност, наука и спорт.

Автор: Александар Миливоевиќ



912

X