Многу деца, а веројатно и вашите, едноставно се одушевуваат од доаѓањето на камионот за ѓубре пред вашата куќа или зграда. Некои трчаат до прозорецот кога ќе го слушнат добро познатиот звук, некои дури и излетуваат на улица за да ја видат работата од подобра перспектива. Од каде толкава фасцинација и како да се објасни?

Утеха од трајноста на објектот

Малите деца наоѓаат утеха во постојаното присуство на нешто познато. Тоа чувство се развива најчесто околу 9-тиот месец од животот, кога децата ќе почнат на свој начин да сфаќаат дека некои работи исчезнуваат засекогаш, а некои само повремено, па пак ќе се појават.
Во случајот со камионот за ѓубре, тој секогаш се појавува со многу бучава, пискање, трескање и викотници. Постојаноста на ова периодично доживување им помага на децата да се чувствуваат посигурни во светот кој понекогаш им изгледа многу хаотичен и збунувачки.

Интересно, а сепак едноставно

Можеби камионот за ѓубре доаѓа секој понеделник или петок или можеби одредена вечер вие ја изнесувате кантата. Детето го следи вашето однесување. Следното утро го слуша добро познатиот звук и омилената бучава. Ја гледа целата екипа како скока и ги врти кантите во големото пространство на камионот или можеби гледа џиновска канџа како ги зграбува тие канти и ги врти сè додека целото ѓубре не излезе од нив. Празната канта се враќа на своето место, а камионот продолжува во акција.

Сето ова набрзо пак ќе се повтори. Набљудувањето на овие едноставни рутини им помага на децата да ги согледаат работите што се во продолженија, да го предвидат редоследот на настаните и на тој начин, малку по малку, спознаваат како функционираат работите.

Одушевување од „големата играчка“

Според некои теории, луѓето се раѓаат со чувството на одушевување од големите животни, и сето тоа потекнува од добата кога било полесно да се забележат големите животни и поради тоа, и полесно да се уловат. Се претпоставува дека е исто и со големите камиони затоа што ги потсетуваат децата на огромни непобедливи суштества. На родителите можеби тоа им изгледа смешно, но малите деца се фасцинирани од големите бучни работи што доаѓаат со многу додатоци. Значи, можеби сето тоа ни е запишано во нашата ДНК.

Возење со кул екипа

Што е позабавно од тоа да висиш на крајот од камионот и да скокнеш кога треба, а потоа пак да се фатиш на крајот од камионот? И сето тоа во интересна униформа, додека гласно се довикувате со соработниците и притоа се шегувате?
Покрај тоа, сигурно е кул да управувате со сите тие рачки, да возите толку големо возило, да ги притискате сите тие копчиња… дефинитивно тоа е нешто на што треба да се радувате.

Охрабрувачка рутина

Децата секој ден учат за местото што го заземаат во светот, а и како другите луѓе се вклопуваат во светот околу нив. Сознанието дека ѓубрето се собира и се одвезува секоја недела во ист ден, во исто време, станува одреден ритуал. Ритуал кој во нивните очи е придружен со многу забава.
На овој начин ги учат и деновите во неделата и редоследот на деновите. На пр., среда е ден за собирање на ѓубрето, а така може да се ориентираат кога е викенд или, пак, понеделник, кога е почетокот на неделата… Поврзувајќи ги настаните со одредени денови, децата полесно ги паметат работите.

Големо уништување

Децата во себе имаат доза на деструкција која родителите настојуваат да ја скротат со воспитувањето, пренасочувањето на вниманието и предупредувањата. Но, затоа нема ништо лошо во уживањето во дозволена деструкција, односно во гледањето како сето тоа ѓубре се гмечи. Таа глетка за децата е нешто необјасниво и чудесно.

Сопствен џиновски камион

Децата понекогаш не се свесни или не гледаат дека камионот за ѓубре го собира ѓубрето и на другите луѓе, на пр., на соседната улица. Затоа често веруваат дека се работи всушност за нивен, добро познат камион за ѓубре, задолжен само за нив.
Камионот пред нивниот влез или нивната куќа ги доведува до одушевување, а ако возачот на камионот случајно им мавне или засвири, „купени“ се за цел живот.



912

X