Лекарите и истражувачите одамна предупредуваат за алармантно високите стапки на царски рез на глобално ниво. Меѓу земјите со такви високи стапки само една успеа да направи промени – Кина. Приказната за тоа како Кина успеа онаму каде што другите потфрлија е неверојатна и проблематична

Пред помалку од една деценија Кина беше критикувана од Светската здравствена организација поради тоа што има една од највисоките стапки на царски рез во светот. Но, за брзо време работите се променија.

Стапката на царски рез во Кина и понатаму е двапати поголема отколку во скандинавските земји, меѓутоа, таа се намалува. И неверојатно бројките покажуваат дека Кина е на вистинскиот пат да ги смени високите стапки.

– Кина успеа да ја намали стапката кога другите земји не успеаја во тоа – пишува д-р Сузан Хелерстеин, професорка на Универзитетот „Харвард“.


Дел од овој успех се должи на сериозните инвестиции во грижата за мајките и порастот на велнес-културата меѓу средните класи во кинеските градови. Но, клучен фактор е елементот на казнување, за кој експертите велат дека жените немаат право на слободен избор кога станува збор за породувањето.

Што не е во ред со царскиот рез?

Во многу ситуации оваа постапка спасува животи, но е ризична како и секоја поголема операција, а закрепнувањето трае подолго време. СЗО не го препорачува кога не е неопходно.

Некои, како скандинавските народи, отсекогаш имале ниски стапки на царски рез и тие остануваат ниски поради културата. Тешкотиите остануваат кај земји што имаат високи стапки на царски рез, како што е Бразил, и ова е тешко да се промени. Но, со Кина истражувачите укажуваат на пресврт на трендовите практично во рамките на една генерација.

За да се објасни ова, експертите се осврнаа на сите видови значајни општествени промени, од подемот на велнес-културата до влијанието на политиката за едно дете. Но, еден фактор се издвојува како одлучувачки: моќта на државата.

Сега постојат задолжителни часови за раѓање и доење, преквалификација на докторите за зајакнување на акушерските вештини и повеќе институти за обука на акушерки. Но, највпечатливата разлика во пристапот на Кина во споредба со остатокот од светот е тоа колку болниците се сметаат за одговорни за стапките на царски рез.

– Болниците што нудат породувања во еден регион се споредуваат меѓу себе и се казнуваат ако не се исполнети целите – вели д-р Лиангкун Ма, постара акушерка во болницата при Медицинскиот колеџ во Пекинг.

Другите казни вклучуваат и одземање на болничките лиценци. Во 2012 година на болниците со високи стапки на царски рез во провинцијата Хубеи им било кажано дека ќе бидат затворени и „реформирани“.

Д-р Ана Пилар Бетран, која студира интервенции за намалување на стапките на царски рез на глобално ниво, вели дека не знае ниту една друга земја што ги казнува давателите на здравствени услуги за високи стапки на царски рез. Единствената земја со слична политика е Португалија – во оваа земја болниците се наградени ако имаат ниски стапки на царски рез.

– Дел од владината политика е нешто сосема уникатно за Кина и е нешто за кое Западот би бил доста загрижен – на докторите им е дозволено да одат против волјата на жената – вели Пилар.

Во еден случај една бремена мајка скокнала од прозорец и починала откако била одбиена за царски рез. Неодамна еден човек бил уапсен за напад врз медицински специјалист откако неговата сопруга била одбиена за царски рез.

Но, не е сè поврзано со стравот и одбивањето. Жените од растечката средна класа на Кина се дел од оваа промена и прават позитивен избор. Денес жените истражуваат повеќе за нивната бремености и сè поголем број се одлучуваат за природно пораѓање, проучувајќи ги алтернативните терапии за олеснување на болките, како јога и музика.

Сепак, сè уште постои јаз меѓу урбаната и руралната Кина. Населението во Кина, во градовите и во руралните средини, се контролира со години, така што природно е да се смета дека една од најголемите општествени промени во Кина во последниве години е друг можен фактор што влијае врз стапката на царски рез.

Без оглед на причините за промената, д-р Бетран вели дека фокусирањето исклучиво на стапките на царски рез се оддалечува од крајната цел – да обезбеди најдобра грижа за мајката и за детето. Земјите од Северна Европа, кои доследно ги одржуваат стапките на царски рез, не успеале да го постигнат тоа со примена на политики, туку со обезбедување квалитетна грижа.

– Треба да внимаваме да не ја изгубиме перспективата. Што ќе се случи кога на една жена ѝ е потребен или сака царски рез поради психолошки причини и во целата оваа атмосфера на фокусираност биде одбиена? – прашува Бетран.



912

X