На прашањето да се опише типично дете со недостиг на внимание, со или без хиперактивност (АДХД), повеќето луѓе би опишале младо момче кое се качува по работи, нетрпеливо е и не го прави тоа што му е кажано. Малкумина би опишале девојче со многу пријатели кое работи напорно за да добие добри оценки.

Но, и девојчињата искусуваат АДХД-симптоми што се мешаат во нивниот секојдневен живот – и овие симптоми ги занемаруваат возрасните околу нив.

Недијагностицираната АДХД има долгорочни последици, вклучително и зголемена веројатност за ризични однесувања – како што е незаштитен секс и употреба на супстанции – како и академски лоши резултати и ниска самодоверба. Можеби најзагрижувачки е тоа што девојчињата кои се борат со АДХД во текот на подолг временски период може да страдаат од проблеми со менталното здравје.

Како психолог во клиничката практика, гледав многу постари девојки и возрасни жени со АДХД на кои веќе им биле препишани лекови за лекување на вознемиреност и депресија. Раната дијагностика е од витално значење.

Поединците со АДХД покажуваат три главни групи на симптоми: хиперактивност, импулсивност и невнимание. Иако трипати повеќе момчиња се дијагностицирани со АДХД во текот на детството отколку девојчиња, дијагностичките стапки кај возрасните се еднакво поделени меѓу мажите и жените. Ова сугерира дека АДХД кај девојчињата воопшто не се забележува кога се помлади.

Како нарушување што традиционално се смета дека повеќе е присутно кај мажите, и кај мажите почесто се дијагностицира, истражувањето за процена на АДХД се заснова на примероци што во најголем дел се состојат од момчиња. Се тврди дека скалата за рангирање, развиена за процена на АДХД, се заснова врз однесувањата забележани главно во примероците од истражувања кај машки.

АДХД може да изгледа различно кај девојчињата. Момче што е хиперактивно може да има проблем да седне на своето место во училницата – така тоа седи со едно колено на столчето и со едното стапало на подот.

Спротивно на тоа, хиперактивното девојче може да биде станато од столчето, но ја презема улогата на помошничка во училницата, одејќи на различни клупи. Наставникот може да го рангира момчето повисоко на хиперактивната скала од девојчето, бидејќи вториот пример не се смета за нарушување. Така, девојчињата не се оценети толку високо како момчињата на оваа скала и се недоволно застапени затоа што не исполнуваат критериуми за дијагноза.

Не само што симптомите на АДХД изгледаат различно кај момчињата туку и момчињата имаат тенденција да бидат повеќе хиперактивни и импулсивни од девојчињата. Бидејќи хиперактивните и импулсивни однесувања се позабележителни во училницата, наставниците поверојатно ќе ги забележат момчињата како проблем.

На крај, симптомите на АДХД кај девојчињата понекогаш се маскирани затоа што работат напорно за да ги исполнат очекувањата на возрасните. Ненамерно, возрасните имаат различни очекувања од девојчињата отколку од момчињата. Возрасните очекуваат девојките да бидат уредни и организирани, да постигнат добри оценки и да не прават проблеми. Така, поголема е веројатноста девојчињата да ги почитуваат социјалните норми и да не предизвикуваат проблеми. Тие работат напорно за да постигнат успех останувајќи до доцна за да ја напишат домашната задача или да си ја средат собата кога родителите ќе им кажат.

Знаци дека вашата ќерка може да има АДХД

Постојат многу симптоми на АДХД што ги имаат и момчињата и девојчињата. Следниве примери се за тоа како тие можат да се манифестираат кај девојчињата:

– Домашната работа трае подолго отколку што треба. Таа заборава на тоа или е расеана затоа што сурфа на интернет или си пишува со другарките, па така останува доцна во ноќта за да ја заврши.

– Не е вредна ученичка и не се труди. Иако се чини дека учи за тестовите, нејзините резултати не одговараат на времето што го поминала учејќи.
– Слабо го разбирање прочитаното. Таа може да ги сфати фактите од текстот, но не ги поврзува идеите што ги чита. Ги пропушта деталите во инструкциите за задачите и тестовите.

– Не може добро да чита социјални знаци или не следи разговори. Врсниците почнуваат да ја отфрлаат, да ја изолираат или ја исмејуваат.

– Заборава на нештата што ѝ се потребни (на пример, чевлите за танцување и слично). Ова е класичен знак, но девојките со АДХД честопати имаат пријатели или возрасни кои компензираат за нив (на пример, ѝ даваат пенкало затоа што таа нема).

– Редовно не знае каде ги ставила работите (на пример, нејзиниот телефон, клучеви и слично).

– Таа зборува, и зборува, и зборува.

– Не трча и не се качува како момчињата, но е помошничка во училницата и зборува на час.

– Има многу пријатели затоа што дружбата со неа е забавна, но кога се обидува да организира активности, се чини дека е вознемирена и неодлучна. Нејзините пријатели ѝ помагаат да донесува одлуки, да ги најде работите што ги изгубила.

– Таа има одлични идеи и сака веднаш да почне да ги реализира, но не ги завршува проектите.

– Постојано доцни или не е подготвена кога треба да биде.

– Ја канализира хиперактивноста со тоа што е вклучена во многу воннаставни активности, како пливање, училишни клубови и фудбал.

– Се чини дека не учи од последиците.

– Има широки промени во расположението.

Автор: Медоу Шројдер



912

X