Многу често се прашуваме како одредени луѓе во нашето општество пораснуваат во насилници кои мислат дека се над законот и правилата. Одговорот лежи во долгогодишниот модел на воспитување. Нарцизмот и чувството на супериорност се создаваат уште од најраното детство.
Кога детето се одгледува во крајности – без никакви граници и презаштитено или пак обратно, без право на сопствен глас и условено со љубов само преку успеси, резултатот по неколку години е ист.
Еве како изгледа тој опасен пат, година по година:
Хронологија на попустливоста, претераната заштитата и погрешните вредности:
- 2 години: Му умира рипката во аквариумот. Родителот веднаш трча да купи иста таква пред детето да забележи – само за да не почувствува тага.
- 3 години: Не сака да си оди од парк. Родителот попушта пред плачењето и го продолжува времето за уште 15 минути, па уште 15…
- 4 години: Плаче во продавница за играчка. Родителот вели „не“, но откако детето ќе заспие во солзи, му паѓа жал, се враќа во продавницата и му ја купува. Порака до детето: Со плачење добивам сè.
- 5 години: На секое прашање „зошто нешто мора“, одговорот е: „Затоа што јас така кажав!“ Ништо не му се објаснува, детето нема право на глас.
- 6 години: Бара паметен часовник бидејќи „сите имаат“. Родителот попушта за неговото дете да не биде „единственото без часовник“.
- 7 години: Пред спиење го заборава домашното по ликовно. Родителот го легнува детето, зема блокови и боички и тој го црта цртежот.
- 9 години: Треба да си ја среди собата, но детето одолжува и избегнува. На крајот, родителот не може да ја гледа расфрлана и ја средува сам.
- 10 години: Бара прескапи патики – ги добива. Сака да игра игри во 22 часот – му дозволуваат. Го заборава домашното за училиште – родителот трча да му го однесе.
- 11 години: Не добива медал на натпревар. Наместо поддршка, родителот вели: „Не тренираше доволно, види колку си мрзлив“. (Детето учи дека вреди само ако победува).
- 13 години: Собира лајкови на „Инстаграм“ и „Тик-ток“, а родителот гордо им се фали на сите пријатели.
- 14 години: Казнето е секогаш кога ќе добие оценка помала од петка.
- 17 години: Добива укор во училиште поради лошо однесување. Родителот наместо да го соочи со последиците, ангажира адвокат кој испраќа заканувачко писмо до училиштето.
- 18 години: Добива напад на бес бидејќи родителот не му дозволува сам да оди на одмор со автомобил.
Крајниот резултат: Возрасна личност
Кога на оваа личност во зрелите години ќе ѝ укажете дека нејзиното однесување е проблематично, себично или противзаконско, автоматскиот одговор е:
„Знаеш ли кој сум јас?!“
Педагошка поука: Зошто се случува ова?
Кога детето расте без здрави граници, кога е презаштитено од секаква фрустрација и кога родителот ги презема сите негови обврски, кај него се развива синдромот на „привилегираност“. Тоа расте во личност која е гладна за докажување и пофалби, која смета дека светот ѝ должи сè што ќе замисли и дека правилата не важат за неа.
Ако на детето не му дозволиме да почувствува тага, разочарување, досада или природни последици од сопствената мрзливост или лошо однесување, му правиме мечкина услуга. Светот надвор нема да го штити.
Како што вели д-р Рамани, светски познат клинички психолог:
„Нарцизмот е нуспроизвод на родителството. Нарцисите се создаваат, тие не се раѓаат.“