Почетокот на новата учебна година на оние што работат во училиште е еднакво стресен како и за оние што работат во училиште, но за тоа не добиваат плата – учениците. Оваа споредба ја наведов бидејќи еднаш добив објаснување дека тие многу повеќе би се труделе кога за тоа би добиле некоја плата како што добиваат учителите. Беа тоа некои седмооделенци, мудри и бунтовни.

Секоја година првото ѕвонче ни е мал стрес. „Дали ќе бидам добра? Дали ќе направам сè што се очекува од мене? Може ли некогаш да се провлечам? Како да направам сè што треба со што помалку мака?“ – ова се реченици кои ги изговара некоја Ана, седмооделенка. Но, реченици се и на некоја учителка, Даниела. Оценките се наша процена. Колку сме задоволни од она што некој друг од нас го очекува, колку сме подобри или полоши од некој просек. Колку сме добри или лоши…

Не сакам оценување! Сакам да запишувам пофалби и упатства, но оценките никогаш не ми биле драги. За оценувањето во училиштата веќе пишував, па за тоа нема да се повторувам. Иако прстите ми летаат по тастатурата штом ќе се сетам на оценките и зборовите едноставно извираат сами од себе. Толку има емоции кои излегуваат кога ќе се спомене оценувањето.

Еден сончев вторник влегов во петто одделение и тој ден учевме за учењето. Ми беше прекрасно да слушам на кои начини овие до вчера четвртоодделенци се снаоѓаат кога би требало нешто да запомнат. Зборувавме за различни техники кои нивната класна им ги понудила. Имаше тука умни мапи, читање наглас, цртање, подвлекување, меѓусебно испитување, но и слушање снимени записи од самите себе. Многу труд се вложувало во учење. Зборувавме и за тремата која се јавува пред испитувањето. Малите паметни глави јасно и гласно рекле дека им е повеќе страв од усно испитување отколку од испитот. Ги утешив дека и мене ми е така. Па не е лесно да се застане пред сите и да се каже нешто мудро и информативно. Знам дека е тешко бидејќи така изгледа секој мој настап пред публика која има 4. час во попладневна смена, која сега попрво би дремела некаде со филм и пуканки наместо да вежба времиња. (И јас.)

Да се зборува пред сите само по себе е стресно. Но и пишаните испити им се, како што рекоа тој вторник, многу стресни. Ги прашав: „Од што се плашите?“ Одговорот беше: „Лоши оценки“.

За тоа што значи лоша оценка не расправавме предлабоко. Моето второ прашање  беше: „Зошто се плашите од лоши оценки?“ Тогаш малку замолчеа бидејќи не знаеја како да го формулираат она што се подразбира. Лошата оценка е страшна, тоа се нашите уверувања кои баш и не ги анализираме доволно детално.

Ги наведов да ми објаснат дали и тие самите се незадоволни од оценката, што неколкумина од нив го прифатија како одговор, но се плашат од оценката и поради своите родители. На тоа сите потврдно кимаа со главата. Се сетив тогаш на еден дамнешен разговор со некоја госпоѓа во паркот. Тамам во тоа време читав прекрасна книга за развојот на децата и однесувањето, и гледав потврди од своите нови сознанија за децата насекаде околу себе. Госпоѓата беше во паркот со малечко девојче од 2 години, а јас со синот на иста возраст. И двајцата трчаа и воопшто не ги перципираа нашите повици. Тогаш девојчето ја фрли јакната и истрча уште подалеку, гледајќи ја госпоѓата в очи. Пријателски си се пожаливме една на друга, но јас го знаев она што ѝ го реков: „На децата им е дел од темпераментот да сакаат да ни се допаднат!“ Тие бараат наше одобрување, секогаш и отсекогаш. Сè што нам ни се чини како пркос или бунт е одраз на грешка во комуникацијата или реакција на нашиот пркос и бунт кон нив. Навистина е така. Децата ги сакаат тие петки за ние да бидеме среќни. Ја сакаат нашата насмевка на лицето. Понекогаш едноставно не им оди. Понекогаш е тоа бунт како одраз на нашата затвореност кон нив. Но, желбата е секогаш само и исклучиво потреба за одобрување и прифаќање.

Тој вторник на едно прашање добив неочекуван одговор. Го поставив мислејќи дека ќе биде едно од тие прашања каде што другата опција е целосно невозможна. Ги прашав: „Мислите ли дека родителите не ве сакаат кога ќе добиете лоша оценка?“ Повеќето одговорија потврдно. Навистина погледите им говореа дека се уверени во својата одговорност за родителска љубов. Често ние, возрасните, мислиме дека некои работи се јасни како ден и сосема ни е неразбирливо зошто детето драматизира околу точка чоколадо на маицата или фризурата која не е во согласност со првичната идеја за неа.

Па, се разбира дека ги сакаме кога ќе направат нешто што не ни се допаѓа! Но, го знаат ли тие тоа? Им објаснив дека нивните родители сигурно би им ја скратиле својата љубов уште одамна кога бдееле над нив ноќе и им ги пресоблекувале смрдливите пелени. Една единица во споредба со тоа е само зрно прашина.

Никој не сака единици. Децата, родителите, учители. На сите тоа им е показател дека нивните резултати се лоши. Но, тие се дел од животот. Но поради нив не ги менуваме своите чувства кон децата. Паѓаш, па стануваш посилен. Тоа е само една обична оценка. Моите родители, кога бев ученичка, секогаш велеа: „Ќе се поправиш“. Некогаш се лутев бидејќи не ми посветуваа доволно време заедно да го оплакуваме мојот статус на одлична ученичка. (Да, и учителката добивала единици. Шшш!)

Затоа, другпат кога вашето дете ќе добие единица, обидете се да го изненадите и да му кажете: „Те сакам!“

Автор: Данијела Миклец, учителка, колумнист

Извор



912

X