Не е никакво изненадување дека ние, како општество, често се фокусираме на решавање на проблемите со бес. Знаеме дека тоа е лошо за нас и за нашето здравје. Исто така, знаеме дека е лошо за луѓето што мораат да се соочуваат со таков бес. Затоа се обидуваме да го изгасиме навидум незгасливиот пламен во нас кој се заканува да го запали целиот свет.

Длабоко воздивни. Обиди се со малку хумор. Можеби прошетка во шума?
Кога се работи за решавање проблеми со бес, сите знаеме што би требало да направиме. Па повторно, секоја сфера од модерното општество – од политички говори до негативни коментари на дното од некој текст – е исполнета со бес. Дојдовме до таа точка некои ова да го нарекуваат доба на бес.

Враќање на почетоците

Што би се случило кога наместо да го разбиваме, ние целосно да го искорениме бесот? Можеме ли да ги научиме своите деца воопшто да не го спознаат бесот? Тоа е едно од прашањата што познатиот антрополог Џин Бригз се обидел да ги одговори. Таа се упатила на далечниот север во 60-тите години. Поминала 17 години живеејќи во ескимската заедница. Очигледно се издвојувала од другите. Во споредба со рамнодушните Ескими, била многу нервозна и лута.

– Моето однесување беше многу погрубо, поимпулсивно и побезобѕирно. Имав бесни испади и се однесував сосема поинаку од нив – раскажува таа.

Бригз била шокирана од фактот дека сите се многу мирни и контролирани. Дури и кога би се случиле работи што обично ги разлутуваат луѓето, на пример, кршење на чајник – Ескимите не покажувале ни трошка бес.

– Контролата на емоциите е високо вреднувана во ескимското општество. Навистина, одржувањето на рамнодушноста во искушенија е основен знак на зрелост – вели таа.

Зошто се толку мирни? И што е уште поважно, како и ние можеме да станеме такви?

Бригз го побарала одговорот во децата. Изгледало дека начинот на кој реагираат на различни ситуации е нешто што го научиле од своите родители. А која е таа едноставна техника на родителите? Никогаш не  навредувајте ги децата.

Бригз го забележала тоа кога наишла на жена која на својот син му рекла да фрли камен на неа. Кога тој го направил тоа, таа не му викала, туку мирно му кажала дека ја боли. Наместо да биде бесна, таа само му укажала на последицата од неговото дело: болка.

Децении подоцна писателот Мајкл Дуклеф тргнал по нејзините стапки, посетувајќи такво население во Канада, „во потрага по мудростите на родителството, особено кога се работи за контрола на бесот кај децата“. Дуклеф открил дека сите мајки имаат златно правило: „Никогаш не викај им на мали деца“. И навистина, Дуклеф сфатил дека луѓето веруваат во теоријата оти викањето на децата единствено ги учи како да викаат.

фото: Теодор Лазарев/Shutterstock

– Тоа е маѓепсан круг. Ова е тешко за родителите бидејќи, од една страна, проблематичното однесување на децата предизвикува потреба за лутење и навредување, но критиката може да ги доведе адолесцентите до понатамошно проблематично однесување – рекол истражувачот Мин Те Вонг од Универзитетот во Питсбург во една студија од 2013 година.

Ескимското општество изгледа одамна ја научило таа лекција и успеало да го разбие тој маѓепсан круг.

– Традиционалното ескимското родителство е неверојатно внимателно и нежно. Кога би си споредувале сите стилови на родителство низ светот според нежност, ескимското веројатно би било прво на листата – пишува Дуклеф.

А какви деца создава таквото нежно општество?

Такви што можат да живеат во хармонија при најостри климатски услови, често со ограничени ресурси, каде што опстанокот зависи од мајката природа. А, сепак, оваа група успева да го одржи внатрешниот мир, како и мирот со другите. Можеби е тоа така бидејќи е во прашање општество кое учи на добрината.

Автор: Кристијан Котронео



912

X