Мамооо… дојдиии… мамооо… те викам, а ти не доаѓаш… мамооо

Колку често сум го слушнала ова? Ќе дотрчам, од тоалетот, или од кујната, моментално го прекинувам она што го правам, бидејќи тоа „мамоооо“ е најголем приоритет. Испуштам сѐ и трчам… еве меее, доаѓаам, кажиии…

Обично е во прашање некоја глупост.
Треба да сменам некој канал со цртани.
Ѝ испаднала налепницата и не може да ја најде на шарениот килим.
Плаче бидејќи заборавила некоја играчка во градинка.
Сака вода.
Сака јогурт.

Неодамна на викањето „мамооо, те викааав, дооојдиии“, одговарав со: „Не можам сега. Почекај малку“.
Легнав и гледав во плафонот.
Дишам длабоко.
Сѐ ме стигна. Годините обидувајќи се за забременам. Годините на самостојно одгледување на детето, за кое не знаев ама баш ништо.

Слушнав пред некој ден реклама на радио за некој магазин – „Сѐ за родителството“. Инаку, интернетот е полн со различни текстови, како да го направите ова, како да го реализирате она без мака. Ќе наредат жените неколку убави фотографии и во десет точки ќе објаснат дека всушност сѐ е во организацијата, никаков проблем. Ете, тие можат на мир да го испијат кафето и да прочитаат книга кога ќе посакаат бидејќи се организирани.

Важи. И јас сум организирана, но кафето го пијам додека истовремено правам пет други работи. А имам 20 непрочитани книги кои собираат прашина на полицата, а ни таа прашина никако да ја избришам.

И така лежев и гледав во плафонот, дишев длабоко и полека почнував да сфаќам дека краен момент е да си воведам некои правила.

Па така:

Ќе се сопрам во истиот момент кога ќе почувствувам дека не можам понатаму. Мама мора да се одмори. Мама сака да ја гледа својата серија на телевизија, а не „Сунѓерот Боб“ или она малечко пони. Мама мора да се истушира. Сега. Ќе си ги простам грешките и пропустите. Каењето и грижата на совест не водат кон ништо. Човечки е да се греши, ја научив лекцијата. Сега треба да се живее.
Ќе престанам да се споредувам со другите, а и моето дете. Различни сме.

Ќе се обидам помалку да се грижам. Ова нема да биде лесно. Како ќе биде кога ќе тргне на училиште, што ако некој ја повреди, што ако се заљуби во погрешниот? Проблемите треба да се решаваат кога ќе се случат. Дотогаш – мир.

Ќе бидам среќна затоа што постоиме. Затоа што сме здрави, затоа што сме вредни, затоа што сме заедно. Велат дека среќата е избор, а дека на среќата треба свесно да се работи.

Ќе негувам пријатели бидејќи пријателството е спас.

Ќе се смеам. Гласно. Повторно.

Ќе шетам, наместо да се држам за волан. Ќе одам во кино (но, не само за да гледам цртани). Ќе работам на тоа да ги победам моите стравови. Ќе научам кога да кажам да, а кога не. Почнувам веднаш. Сфатив дека животот нема да ме почека.

П. С. И ќе го земам тоа куче што толку долго го сакам.

Автор: „Дневник супермаме“



912

X