Жените што се надеваат дека ќе го родат наредниот Ајнштајн ќе треба да вложат дополнителни напори во позитивното размислување во текот на бременоста, велат научниците.

Едно ново истражување посочува дека ставовите на бремените мајки може да влијаат врз способноста на детето по математика и наука. Бремените жени што веруваат дека имаат контрола над исходот од животните настани биле помотивирани да дејствуваат и да имаат дете што е надарено за овие вештини, открива Универзитетот во Бристол.

Луѓето со особина позната како „внатрешен локус на контрола“ веруваат дека имаат влијание врз исходот на животните настани. Овие луѓе се помотивирани да дејствуваат за да создадат промени. Оние пак што имаат „надворешен локус на контрола“ сметаат дека настаните се надвор од нивната контрола и затоа се одлучуваат за вложување помал напор.

Бремените жени што имале „внатрешен локус на контрола“ имале деца кои биле подобри во тестовите по математика и наука на возраст од 8, 11 и 13 години.

Истражувачите користеле податоци од истражување познато како „Децата на 90-тите“, проучувајќи ги одговорите на 1.600 бремени жени, а подоцна и вештините за решавање на проблемите на нивните деца.

Професорот Жан Голдинг, главен автор и основач на истражувањето, рече дека е познато дека детскиот локус на контрола е поврзан со нивните академски достигнувања. Но, досега малку беше познато за тоа како ова е поврзано со локусот на контрола на мајката.

– Ако се точни нашите сознанија дека ставовите и однесувањата на мајките може да имаат влијание врз образовните способности на нивното дете, може да се претпостави дека треба да се вложат повеќе напори за да се зголемат можностите за мајките да чувствуваат дека ќе имаат позитивен исход за себе и за своите деца. Тоа ќе им помогне на идните генерации да одгледаат здрави, сигурни и независни деца – велат истражувачите.

Исто така, мајките со внатрешен локус на контрола имаат поголема веројатност да им обезбедат на своите деца исхрана корисна за развојот на мозокот, а има поголема веројатност поредовно да им читаат, да покажуваат интерес за нивната домашна работа и нивниот академски напредок.

Истражувачите забележале дека наодите ја покажуваат само врската помеѓу локусот на контрола на мајката и исходот на детето, и велат дека е потребно дополнително истражување за да се испитаат причината и ефектот.



912

X