Голем број родители на деца на возраст до четири години доживеале ситуација детето да помодри и да зајдува од плачење. Децата плачат или се лутат, а тогаш обично се фрлаат и врескаат, кај некои деца доаѓа и до зајдување.

Стручно уште се нарекува респираторна афективна криза, назив кој го користат педијатрите. Се работи за епизоди на краткотраен престанок на дишењето со можно краткотрајно губење на свест и промена на тонусот на телото, непосредно по случката која предизвикува силни емоции или болка кај помалите деца. Се јавува кај 5 отсто од децата на возраст помеѓу шест и 18 месеци, еднакво е присутно кај момчињата и девојчињата, а најчесто престанува кога детето ќе наполни шест години. И родителите на децата што зајдуваат речиси секогаш ги имале овие епизоди како мали. Некогаш се јавува и кај анемичните деца.

Секогаш се случува во будна состојба, испровоцирано е од бес, лутина или силни емоции. Обично е присутно кај потемпераментни деца. Децата зајдуваат во моментот кога не успеваат да го истераат својот план, кога се лути или исплашени или кога ќе почувствуваат болка или некоја траума.

Типичниот напад трае помеѓу две и 20 секунди. Постојат два вида напади: син и бел напад. Во текот на синиот напад детето плаче, забрзано дише, потоа краткотрајно престанува да дише, потоа има израз на лицето како да плаче без глас, а потоа ја менува бојата на кожата – помодрува.

Некогаш по помодрувањето децата краткотрајно ја губат свеста, па родителите многу се загрижуваат. Доколку престанокот на дишење трае подолго од десет секунди, може да се јават и грчеви во мускулите и вкочанетост на телото, па родителите, а и лекарите при првите епизоди се загрижуваат да не се работи за епилепсија. Повеќето деца целосно заздравуваат веќе во првата минута од почетокот на нападот и се враќаат на нормалните активности. Некои деца плачат или врескаат, а некои легнуваат да спијат.

Белиот напад се јавува почесто од синиот, како одговор на болка, повреда или страв, често при удирање на главата. Детето ќе почувствува удар, паѓа, плаче кратко, срцевата работа почнува да се забавува, детето се препотува, ја менува бојата – пребледува и брзо закрепнува.

Секое петто дете има и сини и бели напади во различни периоди од растењето. На педијатар треба да се обратите при првиот напад, секогаш ако помодрувањето и задавувањето се појавува пред шест месеци или по 4,5 години, ако нападите се зачестени, силни, ако траат подолго од минута и ако се случуваат во текот на хранењето или менување на пелените.

Дијагнозата се поставува со добро земена анамнеза, целосен преглед на педијатар и по потреба невролошки преглед. Резултатите од ЕЕГ-прегледот кај овие напади целосно се уредни. Овие напади се целосно безопасни и престануваат сами од себе, како што расте детето. Родителите секогаш се загрижени кога доаѓа до зајдување од плачење, но постои нешто што може да помогне: Доколку имате темпераментно и чувствително дете, штом ќе почне да плаче, земете го нежно, смирете го и погалете го, па обидете се да спречите прекумерен развој на емоции кои водат во краткотраен престанок на дишењето и губење на свеста.

Не треба да се повикува итна помош, ниту да се реанимира детето, ниту да го поливате со вода. Кога нападот ќе заврши, погалете го и прегрнете го детето. Без разлика на овие манифестации на бес кај децата, немојте на децата да им попуштате за да ги спречите нападите бидејќи тие лесно ќе го почувствуваат вашиот страв. Немојте нападот да биде причина за детето да тера по свое. Овие напади секако можете да ги ублажите ако разговарате со детето, ако му ја објасните ситуацијата поради која е вознемирено (селидба, кавга, развод на родителите). Понудете му на детето да ве прегрне секојпат кога ќе се почувствува луто или бесно. Охрабрете го да разговара за своите емоции. Немојте да му викате. Водете сметка убаво да јаде и да спие, а во домот да владее мир. Доколку зајдувањето се случува често, детето веројатно знае и самото да предизвика напад бидејќи ја гледа реакцијата на загрижените родители. Понудете му на детето да избере од двете можности што вам ви одговараат – детето ќе се почувствува важно и ќе мисли дека не мора да зајдува за да ја оствари својата цел. Доколку детето плаче и зајдува бидејќи нешто не добило, веднаш и без многу објаснување и правдање, тргнете го од новонастанатата ситуација и јасно покажете му дека со таквото однесување ништо не добива.

Зајдувањето може да биде одличен повод на детето да му се постават граници, да усвои нови вештини кои му се неопходни за да се развие во самостојна, емоционално стабилна и социјално адаптирана личност.

Треба да се биде трпелив и смирен родител и од овие непријатни фази на растењето да се излезе среќен што одгледувате едно темпераментно дете со свои ставови.

Автор: Милена Николиќ, педијатар



912

X