Денешните деца се жртви на лошата исхрана со многу масти, газирани пијалаци, слатки грицки и колачи, а сето тоа води кон намалување на имунолошкиот систем.
Имунолошкиот систем го штити телото од микроорганизми (бактерии, вируси, габички, паразити) кои предизвикуваат разни болести. Сите деца постојано се изложени на овие патогени, но изложеноста не значи и дека детето ќе заболи од нив.
Добриот имунолошки систем му обезбедува на детето силна природна одбрана од болести. Ако имунолшкиот систем е лош, организмот станува подложен на замор и болести, па не може да се штити од инфекции – без оглед дали се вообичаени, како настинки и алергии, или сериозни, предизвикани од продолжен имунолошки дисбаланс.
Доколку вашето дете е подложно на болести, мора постепено да му го зајакнувате имунитетот, додека не стане оптимално силен за да го заштитува од инфекции.

Како „работи“ имунолошкиот систем?

Имунолошкиот систем ги препознава и ги разградува сите материи што организмот ги смета за туѓи, вклучително и клетките на микробите, бактериите, туѓите супстанции и токсичните компоненти.
Тимусот (жлезда што влијае врз растот), слезината и другите внатрешни органи создаваат имунолошки клетки кои преку лимфата се транспортираат до лимфните јазли, кои ги складираат тие клетки за создавање лимфна бариера против инфекциите.
Прво се создаваат матичните клетки, кои подоцна се претвораат во повеќе видови клетки кои преку циркулацијата се транспортираат до сите делови од организмот. Клеточната меморија ги препознава туѓите клетки и хемикалии кои се елиминираат преку ефекторните клетки.
Имунолошките клетки можат да ги оштетат нестабилните молекули на кислородот, таканаречените слободни радикали, кои се наоѓаат во штетната храна, а се присутни и во чадот на цигарите.

Што го зајакнува имунитетот?

Минералите и витамините помагаат при зајакнувањето на имунолошкиот систем – тие ги неутрализираат честичките што ги оштетуваат клетките.
Правилната исхрана е клучна за развојот и одржувањето на имунолошкиот систем. Нутритивниот дефицит може да доведе до хронични имунолошки проблеми бидејќи бактериите и вирусите полесно се развиваат кога недостигаат некои нутриенти кои стимулираат силен имунолошки систем, вклучително и витамините А, Ц и Е, како и есенцијалните масни киселини. Најважни минерали се селенот, цинкот, железото, бакарот, магнезиумот. Овие нутриенти треба да се земаат од храната (свеж зеленчук и овошје, јаткасто овошје, семки, интегрални житарки). Минералите селен и цинк се незаменливи за имунитетот бидејќи се потребни за градење на многу ензими што го штитат телото од слободните радикали.

Цинк

Овој драгоцен минерал ја зголемува продукцијата на белите крвни зрнца, кои се борат против инфекции. Исто така, помага и при создавањето антитела. Го зголемува бројот на Т-клетки, кои се борат против микроорганизмите. Кај бебињата и децата цинкот ја редуцира појавата на акутните респираторни инфекции.
Извори на цинк се: збогатените житарки, јунешкото и мисиркиното месо, гравот.

Витамини од групата Б

Овие витамини ја сочинуваат групата од осум меѓусебно поврзани витамини кои природно се наоѓаат во растителни и животински извори. Бидејќи се хидросолубилни, односно се раствораат во вода, не можат да се акумулираат во организмот, па мора да се внесуваат секој ден. Се губат во текот на процесирањето – преку лупење и готвење на овошјето и на зеленчукот.
Богати извори на Б-витамини се зелениот листест зеленчук, компирот, интегралните житарки, мешунките, оревите, црниот дроб, посното месо.

Витамин Ц

Овој витамин од многубројни причини се наоѓа на врвот на листата со имуногени нутриенти. Помага имунолошкиот систем да остане здрав, но помага и за побрзо закрепнување на организмот. Ја зголемува продукцијата на белите крвни зрнца, кои се борат против инфекции, а го зголемува и нивото на интерферон – антителата кои ја обвиваат површината на клетките превенирајќи влез на вируси во нив. Го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања и го зголемува нивото на ХДЛ (добриот) холестерол, намалувајќи го нивото на лошиот – ЛДЛ-холестерол.
Бидејќи не се акумулира во организмот, мора секојдневно да се внесува. Има значајна улога за отпорноста на организмот. Штити од слободни радикали и претставува моќен антиоксиданс.
Се наоѓа во свежото овошје, соковите, зеленчукот. Дневната доза на витаминот Ц за децата до шест години изнесува 250 милиграми, а за возрасните – 500 милиграми.

Витамин Е

Витаминот Е е антиоксиданс и стимулатор на имунолошкиот систем. Тој ја стимулира продукцијата на Б-лимфоцитите, имунолошки клетки кои создаваат антитела за деструкција на бактериите. Го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања.
Природни извори на витаминот Е се зрнестите плодови и растителните масла.

Каротеноиди

Бета-каротенот го зголемува бројот на клетки што се борат против инфекции и претставува моќен антиоксиданс во борбата против слободните радикали. Организмот го претвора бета-каротенот во витамин А, кој има антиканцероген и имуностимулирачки ефект. Меѓутоа, преголема количина витамин А е токсична, па најдобро е бета-каротенот да се зема преку храната и да му се дозволи на организмот самиот да го регулира неговото претворање во витамин А.

Биофлавоноиди

Биофлавоноидите се група фитонутриенти кои го засилуваат имунолошкиот одговор и ги штитат клетките од надворешни влијанија. Исхраната богата со овошје и зеленчук обезбедува адекватен внес на овие нутриенти.

Магнезиум

Многу важен минерал, неопходен за повеќето реакции во организмот, меѓу другото, и за транспортот на глукозата и за јакнење на имунолошкиот систем.

Фактори на зајакнување на имунолошкиот систем

Клучно за развојот на имунолошкиот систем е доењето (колку што е можно подолго). Доењето обезбедува фактори неопходни за заштита на бебето од болести. Докажано е дека кај децата што биле доени се јавуваат помалку инфекции отколку кај оние што не биле.
Мастите – или ги зајакнуваат или ги ослабуваат имунолошките функции – во зависност од видот.
Лошите масти (дехидрогенизираните, кои се наоѓаат во пржената храна и во маргаринот) прават децата да бидат поподложни на повторени инфекции.
Есенцијалните масни киселини (добрите масти) се клучни за нормална функција на имунолошкиот систем. Се наоѓаат во маслиновото и во лененото масло и масните риби (лосос, туна). Тие ја зголемуваат активноста на фагоцитите, белите крвни зрнца кои ги разградуваат бактериите. Исто така, го унапредуваат здравјето на секој орган во телото.
Пробиотиците се култури на ацидофилните бактерии кои се наоѓаат во интестиналниот тракт кај здравите луѓе. Пробиотиците се борат со штетните култури и го превенираат транспортот на патогени во телото. Исто така, му овозможуваат на гастроинтестиналниот тракт да го зголеми внесот на минерали бидејќи намалениот внес го намалува имунитетот. Лактобактеријата е единствената природна одбрана од кандидата и другите габични инфекции кои многу го намалуваат имунитетот. Активните ацидофилни култури ја забрзуваат елиминацијата на токсичните продукти од варењето и овозможуваат користење на неопходните нутриенти од храната. Тие бактерии се есенцијални за добар имунитет.
Пробиотиците се препорачуваат при земање антибиотици, при инфекции на средното уво, афтозни промени на слузокожата од устата, дијареи (проливи) и констипација (запек), колики (грчеви), алергии на храна, интестинални вирусни инфекции, кандидијази.
Физичката активност исто така помага за добро здравје – поттикнувајќи ги циркулацијата и снабдувањето на целото тело со кислород. Длабокото дишење, свежиот воздух и сончањето го дополнуваат кислородот во телото. Би било добро децата извесно време во текот на денот да поминуваат надвор за сончевата светлина да ја забрза апосорпцијата на витаминот Д, кој е значаен за коските и за добриот имунитет.

Автор: Јасминка Комненовиќ, педијатар-нутриционист



912

X