Сите понекогаш толку се губиме во обврски околу работата и семејството, што забораваме на својот партнер. Една мајка од свое лично искуство зборува колку е потребно сопружниците да одвојат време за себе и да го освежат бракот.

– Бракот сам по себе е тежок, а со децата станува и потежок. Всушност, студиите покажале дека степенот на пропаѓање на односите меѓу брачните партнери е двојно поголем кај родителите во споредба со оние што немаат деца. Не сум ни научник ни психолог, но во брак сум и имам четири деца. Затоа, со оглед дека својата теорија не можам да ја поткрепам со факти, можам од сопствено искуство да ви кажам дека најверојатно виновник за тоа е токму заморот.
Бидејќи, по ѓаволите, бракот е тешка работа!

Децата и грижата за нив го крадат најголемиот дел од нашиот фокус. Тоа е како маратон: долго, непопустливо, а ние туркаме цело време низ тоа макар и исцрпени (што во суштина е секој Божји ден). Тука и таму ќе се појави мала издишка, но обично е недоволна за целосно да ги наполнеме батериите. Значи, додека сме бомбардирани со родителски активности, нашиот брак е сè помалку важен, па се надеваме дека самиот ќе се одржува додека ние се занимаваме со воспитувањето на децата.
Токму на тоа место бевме јас и мојот сопруг неодамна; разминувајќи се константно како два чамци во ноќта. Тој работи најмалку 60 часа неделно, секоја недела. Јас исто така работам, освен тоа двапати неделно држам часови во вежбалница, па буквално истрчувам од куќата кога тој се враќа. Деновите кога не сум во вежбалница, ги носиме децата да тренираат кошарка. Дури и да го нема сето тоа, тука секогаш се домашните задачи, школските проекти и состаноци.

Често легнуваме во кревет без да се видиме или да си поприкажеме меѓусебно, а нашата интима се сведува на еден бакнеж пред ‘рчењето (неговото, се разбира). Ние се сакаме безмерно, но дури и најдобрите врски бараат блискост, а поради стресниот, пренатрупан живот што го водиме не е лесно да дојдеме до моменти на поврзаност.

Сепак, неодамна, благодарение на успесите и напорната работа на мојот сопруг, како и на љубезноста на шефот, а потоа и на добрата волја на мајка ми која ги чуваше децата, добивме можност да отпатуваме сами на седум дена. Бевме во тропско одморалиште, сами јас и тој, без деца.
Во брак сме осумнаесет години, никогаш немавме меден месец, а можам на прстите од една рака да набројам колку пати сме биле сами двајцата. Затоа, скокнавме во авионот побрзо отколку што можете да замислите.
Нема да ве лажам, ми беше неверојатно тешко да го исклучам тој „мама-прекинувач“ првите неколку дена. Сепак, успеав во еден момент и се случи нешто волшебно: се сетив како е да се биде сопруга. Да се биде партнер. Љубовник. Сите тие работи сега непрекинувани од родителството, се вратија како стар семеен пријател во целата своја слава од помладите денови.
Можевме да разговараме за толку работи кои не опфаќаа договор за чување деца и кој ќе ги носи на следниот натпревар. Се фокусиравме еден на друг, без да ни попречуваат секојдневните обврски околу децата. Никој околу нас не викаше: „Мама, помогни ми да се избришам!“
Беше прекрасно. И, да – можевме да одиме подалеку од тој еден бакнеж пред спиење, без страв дека некој ќе чукне на вратата.

Целото патување го покажа тажниот факт дека сме страдале од „прегорување на врската“, а не сме забележале. Тоа го сфативме бидејќи не дојде во форма на расправии, викање и вознемиреност. Секако, не бевме несреќни или на граница на развод, но навистина постоеше суптилна раздвоеност, пукнатина меѓу нас која секој ден сè повеќе се ширеше. Во еден момент престанавме да се гледаме на друг начин освен како на другиот родител во тимот преполн со обврски. До тоа стигнавме полека, сè полека бледнееше – од романса до обично делење на собата.

Тоа патување не го поминавме гледајќи се в очи (во брак сме речиси две децении) но не ни требаше долго време да го разбудиме оганот во себе. Само момент да направиме чекор наназад, да здивнеме, да се погледнеме меѓусебе, овој пат не како родители – беше сè што е потребно.
Одделувајќи се накратко од секојдневната напорна работа, со менување на фокусот, се потсетивме дека токму ние двајцата сме темелот на ова семејство. Децата собираат сила и чувство на сигурност од тој темел. Ако е слаб, слаба е целата структура на семејството. Ако го занемариме сопствениот однос, тоа ќе се одрази на нашите деца, што малку е контрадикторно бидејќи токму грижата за целото тоа семејство доведе до тоа да го отфрлиме нашиот брак настрана.

Јасно ми е дека често е неизводливо да се замине вака на седум дена, но ако постои можност, сигурно ќе помогне. Па нам ни требаа цели осумнаесет години да ја добиеме таа можност. Иако патувањето навистина беше фантастично, сега ми стана јасно дека не е потребно ни толку време ни толку пари за повторно да се споиме со партнерот, што ни е многу потребно. Потребно е само да се биде свесен за движењето на животот и да не се заборави дека НИЕ секогаш сме приоритет, без оглед на сè… дури и да станува збор за само еден вечерен состанок. Па што и ако децата пропуштат еден тренинг или состанок одвреме-навреме. Можеби ќе поминат години пред повторно да одиме на вакво патување, но тука има и многу мали работи што можеме да ги правиме.

Па, сепак, јас почнувам да штедам пари барем за некој викенд!“

 



912

X