Како е да се биде воспитувачка и да се грижите понекогаш и за 30 деца, а кога ќе заврши смената, да трчате дома кај своето дете?

Оној ден кога детето ќе тргне во градинка, секој родител го преплавува дотогаш непознато чувство на страв. Се плашиме дали детето ќе се вклопи и дали ќе знае да игра во голема група на деца, дали ќе се повреди и кој ќе го утеши во тој случај, дали ќе му залепи фластер и ќе му ги избирше солзите… Од сите прашања, најголемо е сепак каква личност е всушност воспитувачот кој ќе се грижи за нашето дете. И сите, ќе се согласите, се надеваме дека тоа е топла и добра личност.

Миа В. е воспитувачка во една детска градинка, а и самата е мајка. За разлика од другите повици и занимања, нејзиното бара целодневна грижа и посветеност на децата, бидејќи тоа до 15 часот го прави за „туѓи“, а по 15 часот за своето дете.

Зошто оваа работа

Често ме прашуваат зошто сум ја избрала оваа работа? Како можам по цел ден да бидам опкружена со толку деца? А често слушам и коментари како: „Јас не би можела да го работам тоа“, „Секоја чест на вас, воспитувачките, но јас не би издржала.“ Или, пак, спротивни коментари кои ја омаловажуваат нашата работа: „Божем вие, воспитувачките, работите нешто“, „Барем мене да ми беше работата игра“, „Зарем мораш да студираш за да бидеш воспитувачка во градинка?“ На почетокот слушав такви коментари и им објаснував на другите зошто сум ја одбрала оваа професија и колку е воедно и убава и колку многу бара. Но, со време сфатив дека е сосема непотребно да се докажувам и да се трудам да менувам нечие мислење, да добивам уважување од оние што не гледаат толкава важност и одговорност во „играта со деца“.

Искрено, за многу нешта ниту јас не бев свесна во оној момент кога одлучив што сакам да правам во животот. Го избрав повикот за воспитувачка на деца од претшколска возраст затоа што сакам деца, убаво ми е да си играм со нив и сакам професијата да ми биде забавна. Меѓутоа, морам да признаам дека не бев свесна дека мојата професија е сè само не „игра“ – барем не во смисла на зборот како што многумина ја доживуваат.

Од теорија на пракса

Во моментот кога го положив стручниот испит и ја добив својата група на деца, работите малку се променија. Во целата таа возбуда почувствував одреден страв и огромна одговорност. Секојдневно бев одговорна за 10, 20, па дури и 30 малечки животи. А секое дете е цел еден голем свет за себе, секое од тие деца носи со себе свои различности и посебности, свои потреби. И тага, кога почнав да се соочувам со сите ситуации што ги нема во книгите, на кои никој не ме подготви, кои никој не ми ги објасни, на што никој не можеше да ме научи, ниту да ми покаже – дури тогаш ја почувствував вистинската магија, но и тежината на професијата што сум ја избрала.

Што е најважно

Изгледа неверојатно да се познава секое од толку деца во група, да се посветите на секое дете во секој момент, да се помни секоја ситница, на пример, играчка без која детето не може да заспие, па дури и да ги запомните имињата на сите – и тоа не само во групата, туку во целата градинка. Но, можно е. Навистина е можно. Оваа работа можеш да ја избереш единствено од голема љубов. Да се работи со многу трпение, толеранција и желба секојдневно да растеш и напредуваш заедно со децата за кои се грижиш. Оваа работа можеш да ја избереш единствено од голема љубов.

Најважно е да се научи да се набљудуваат и да се слушаат децата, да се познаваат потребите и развојот на детето, а уште поважно е и многу тешко кога знаеш дека на детето му влијаеш со своето целокупно однесување и став, а не само со зборови, планирани активности и пропишани правила. Тоа е голема одговорност. Како мајка, Миа вели дека е многу построга, бидејќи очекувано, поинтензивно ги проживува сите искуства и чувства врзани за сопственото дете.

Убавината на оваа работа…

Убавината е во тоа што растот и развојот на детето, играњето и истражувањето, покрај родителите, во најголема мера може да ги види и доживее воспитувачката. Толку убави моменти, детски прашања, незаборавни изјави, прегратки и чувства се награда за работата што ја работиме. Нашата работа навистина не е игра и нашето работно време не е само она што се гледа. И ние имаме состаноци, секојдневни подготовки, едукација, мораме да работиме на себе, да решаваме документација, да преземеме огромна одговорност, да работиме и со родителите… Убаво е кога децата се врзуваат за тебе, кога својата воспитувачка ја вбројуваат меѓу луѓето кои најмногу ги сакаат, кога ќе почувствуваш колкава сигурност им влеваш.

Во мојот дом

Некогаш ми се чини дека имам повеќе толеранција на работа отколку како мајка. Но, тоа е затоа што многу повеќе обврски и задачи имам како мајка, а и длабоко ги проживувам чувствата врзани за сопственото дете. Мислам дека во воспитувањето е најважно да се разговара со децата, да им се објаснува, да се изразуваат емоции, да се научат на емпатија. Важно е на детето да му се покаже љубов, доверба и уважување, да се изгради нераскинлива врска, да се негува поврзувачки и искрен однос, но и да се постават граници. Колку и да ни се чини дека детето треба да се заштити од сè, потребно е понекогаш да го пуштите по својот пример да научи како да се соочува со животот бидејќи само така и ќе биде подготвен на него.

Потешката страна на оваа работа…

Се разбира дека е тешко да се биде посветен на секое дете колку што му е потребно, секојдневно да се обидувате да ги смирите, зближите во активности, да функционирате заедно со нив, да ги научите на правилата за однесување во група. И сето тоа да се повторува утре и задутре, и неделата потоа. Некогаш се чини како ништо да не оди по планот, ништо нема да успее, децата се водат во друга насока, сè се превртува, имам впечаток дека никој не ме слуша, ниту една играчка не е на свое место, а програмата можам да ја заборавам. Сепак, и во такви ситуации се учи колку се важни толеранцијата, издржливоста, мудроста и мотивацијата.

Секојдневно се среќавам со различни облици на однесување кај децата и во моментот морам да ја пронајдам вистинската реакција, а таа се разбира не успева секогаш да биде како што треба. Затоа оваа работа секој ден носи нов предизвик.

Извор



912

X