Не треба да се каже дека светот е – и отсекогаш бил – навистина тажно место. Од војни и малтретирање до спонтани абортуси, неочекувана смрт на сопружници, дијагнози за сериозни болести, активизам кој се чини дека не трогнува никого, системи кои го овековечуваат тековниот гнев и тага… списокот продолжува и понатаму. Тоа може да биде преоптоварување со информации кои предизвикуваат тага, а произлегуваат од медиумите или од вашите лични искуства. Во тој случај, што треба ние, како родители, да правиме во контекст на воспитувањето на нашите деца?
Ако, како мене, ја имате привилегијата да имате здраво – ментално, физички, финансиски стабилно семејство, одговорот е дека живеете и во тага и во радост. Двојните емоции живеат истовремено. Верувам дека одговорот е да ги изложиме нашите деца и на вистинските тажни работи што се случуваат, да им помогнеме да научат како да се справат со нив, па дури и да растат низ и во тагата, и да негуваат времиња и на игра и радост. Да се брани пораката дека да се биде човек, значи да се биде повеќеслоен во емоциите.
Од тагата не може да избегате, колку и да се трудите. Нашите деца ќе бидат тажни. Нашите деца ќе видат тажни работи. Нашите деца ќе ги видат и своите родители тажни. За да избегнеме приказни и информации кои најверојатно ќе го натераат нашето дете да се чувствува тажно, според мое мислење, го оставаме да живее во измислен свет и така тоа пропушта можност заедно со нас да се движи низ тагата. Нашите деца стануваат возрасни. Лично, сакам моите деца да станат флексибилни, одговорни и емпатични возрасни.
Нека тагата биде добра емоција во вашата куќа. Се чини дека експертите се согласуваат со мене за ова. Лиценцираниот клинички психолог д-р Дебра Кеслер, специјализирана во областа на емоционалните потреби на децата, пишува: „Дел од нашата работа како родители е да им помогнеме на (нашите деца) да се борат со неволја (или негативни емоции) за да можат да научат да се грижат за себе“. Кеслер додава: „Учењето за негативните чувства и нивното значење им помага на нашите деца да внимаваат на критичните информации за да можат ефективно да се движат низ животот“.
Кога поминував низ развод пред приближно две години, дозволував мојата тага да ја видат моите деца. Им реков дека сум тажна и дека има смисла да бидам тажна бидејќи се распадна семејниот сон. И јас заплакав пред нив. Ги уверив дека ќе бидам добро, но дека понекогаш возрасните се многу, многу тажни и имаат потреба да плачат. Моите деца ме гледаа како се справувам со многу големи и негативни емоции.
Мојата тогаш едвај 5-годишна ќерка, исто така, ја сфати веста дека јас и нејзиниот татко се разведуваме на природен, човечки начин: таа беше тажна. Заплака. Таа рече дека не сака „мама да се исели“ и се држеше до мене. Се разбира, ѝ кажав дека е неизмерно сакана и дека никогаш нема потреба да се грижи дали јас или нејзиниот татко некогаш ќе ја напуштиме. Исто така, и реков дека тоа е тажна работа и дека треба да знае оти има смисла да се биде тажен. Конкретно ѝ беше кажано да поставува прашања и да ја изразува својата тага онолку често колку што ѝ треба. Дали ми се допадна да ја гледам толку тажна? Боже, не. Среќа имав многу возрасни пријатели што ме уверија дека не сум чудовиште поради одлуката што имаше значителни последици врз моите деца. Морав сама да се движам низ целиот тој процес со емоции, додека истовремено го правев тоа и за ќерка ми.

Исто толку важно е да се моделира поминувањето во тага и да не се штитат децата од негативни емоции – бидете таму за да им покажете кога радоста ќе завладее и каква прекрасна емоција е радоста. Луѓето се наменети да создаваат и да бидат креативни, да доживуваат и изразуваат радост. Во нашиот дом одвојуваме време за заедно да цртаме и да боиме. Многу го сакам овој мој, личен пат. Мојата ќерка сака да го чува во тајност она што го прави бидејќи сака да учествува во „големото откривање“. Неодамна ги изгуби речиси сите предни заби, па насмевката што ми ја дава кога ми кажува дека е време да погледнам што направила, е дополнителна радост за мене. Гледам да одвојам малку време за да ја погледнам нејзината креација и да ѝ кажам дека нејзината работа е убава. Понекогаш таа одговара: „Мамо, дали си толку среќна што ќе заплачеш?“ Таа учи дека плачењето може да биде симптом и на тага и на радост. За тоа е интересно да се размислува.
На крајот на краиштата, она што не го сакам е да воспитам дете кое мисли дека треба да ја бара „светлата страна“ при тажни случувања, или дете кое брка постојани допамински стимули, често преслечени во радост. Тагата може да негува емпатија и движење. Радоста може да негува благодарност и енергија.
Сакам моите деца да знаат дека се безбедни и дека е во ред да ја почувствуваат големината на емоциите, со кои сигурно ќе се сретнат. Како и секоја мајка, сакам моите деца да живеат во среќа што е можно повеќе. Меѓутоа, реалноста е дека тие, а и нивната генерација – ќе издржат тага на многу начини: големи и мали. Сакам да ги опремам за да можат да искусуваат, а и да имаат перспектива дека ќе бидат во ред додека се движат по својот животен пат.
Автор: Мег Рејби