Прво детето го учат на мобилниот телефон на мајката да најде видеоигри, а потоа да ги каже првите зборови. Наместо кадифено мече, веројатно е посреќно со „паметна играчка“, а пред неговиот прв роденден, пред детето да научи како се држат нож и виљушка, знае како да бара на „Јутјуб“.

Мобилниот телефон стана замена за топка, игра и врсници, но животот со таблет и паметен телефон има своја неврофизиолошка „цена“, а таа цена е – нарушување на вниманието.

Имено, ново истражување сведочи дека вниманието на современите деца е десет минути, а психолозите предупредуваат дека вниманието на учениците е намалено за половина во последната деценија, што се совпаѓа со масовната употреба на паметните телефони. Родени во целосно компјутеризиран свет, тие не знаат како изгледал светот пред интернетот, поради што честопати се нарекуваат дигитални домородци.

Д-р Оливер Видојевиќ, детски психијатар од Институтот за ментално здравје во Србија, истакнува дека намалувањето на вниманието на децата е нормална последица од фактот дека бебињата биле бомбардирани со еден куп стимули од виртуелниот свет уште од раѓањето.

– Околината во која растат современите деца е целосно променета. Пред да почнат да зборуваат, тие наидуваат на паметен телефон или таблет, а раното изложување на дигитални медиуми предизвикува промени во развојот на мозочните структури, кои потоа се манифестираат во однесувањето. Ние, возрасните, се сретнавме со компјутерот во дваесеттите или триесеттите години, кога бевме формирани во невролошка и психолошка смисла, а децата се изложени уште од раѓање. Преку дигиталните играчки тие добиваат доста интензивна стимулација заснована на возбуда и постојана стимулација на нервниот систем – објаснува докторот.

– Тој куп стимули што детето ги добива од виртуелниот свет сериозно го одвлекува вниманието од книгите, учењето и настаните во социјалниот свет. Да потсетиме, човечкиот мозок се развива веќе три милиони години без дигитална стимулација и ова е природен експеримент чии последици допрва ќе ги видиме – посочува овој психијатар.

Докторот додава дека дигиталните уреди се цивилизациско наследство и невозможно е да не им се понудат на децата. Од друга страна, родителите многу рано доаѓаат до заклучок дека детето најбрзо и најлесно се смирува ако му се понуди мобилен телефон или таблет и ако научи како да најде видеоигра. Пред појавата на паметните телефони децата ги забавуваше телевизијата, а улогата на „ТВ-дадилка“ ја презедоа дигиталните играчки.

– Ако некое дете има можност да избере помеѓу играчка и мобилен телефон или таблет, тоа никогаш нема да се определи за технолошката играчка. Сепак, на многу родители им е полесно да купат таблет за своето дете отколку да седат со него на подот и да играат со часови, односно да трчаат со него во парк или да купат домашно милениче и сите да шетаат заедно. Порано семејствата имаа повеќе деца и тие си играа едни со други, а денес сè поголем број деца растат сами – потсетува д-р Видојевиќ.

– За да се сретнат две деца, потребно е два пара родители да ги усогласат меѓусебните обврски. Претходно децата играа во паркот и нив ги чуваа постарите браќа и сестри. Денес, тие постари браќа и сестри се на часови по пливање, јавање и слично, а помалите деца играат со мобилен телефон, за мама да има време да приготви вечера за семејството кое е заедно само во доцните вечерни часови – објаснува овој детски психијатар.

Причината зошто децата стануваат зависни од видеоигри и мобилни телефони е релативно едноставна – важно е малите деца да повторуваат една активност неодредено време, а електронските играчки ги исполнуваат тие потреби. Дете може да игра иста игра илјада пати на ден, и секогаш кога дигиталната играчка ќе „победи“, таа трепка, светнува, емитува звуци и кликови, што силно ги окупира сите сетила и го скратува вниманието на децата.

Навикнати на динамичната промена на стимулите и постојаните „награди“ што ги добиваат по успешно завршување на игрите, на многу деца им е тешко да се приспособат на промените што ги носи училиштето во нивните животи и им е тешко да го задржат своето внимание во текот на училишниот час.

Автор: Катарина Ѓорѓевиќ

Извор



912

X