За успешно спроведено породување, неопходна е целосна соработка меѓу трудницата и лекарите и бабиците во породилиштето. Добро подготвена трудница, запознаена со текот на породувањето, цело време применува навежбани техники на дишење и релаксација и така обезбедува непречено напредување во породувањето. Дишењето има повеќеслојно значење и кога правилно се применува, им помага и на жените и на бебињата во сите фази од породувањето.

Во дишењето учествува дишната мускулатура, мускулите меѓу ребрата, стомачните мускули и дијафрагмата. Се состои од два акти, вдишување (инспирација) и издишување (експирација). При вдишувањето белите дробови се полнат со воздухот, доаѓа до ширење на ребрата со помош на мускулите меѓу ребрата, додека дијафрагмата се спушта надолу. При издишувањето дијафрагмата се крева, ребрата се спуштаат и стомачниот ѕид се вовлекува со контракција на стомачните мускули.

Издишувањето (експирацијата) е пасивен акт и се одвива сè додека не се изедначи притисокот од преостанатиот воздух во белите дробови и надворешниот (атмосферски) притисок. Притоа останува одредена количина на резервен воздух во белите дробови. За да се исфрли, потребно е ангажирање на стомачните мускули, истите што се ангажираат во фаза на истискување на бебето. За време на активната фаза на издишување се спуштаат ребрата и доаѓа до страничен притисок кој потекнува од дијафрагмата во првата пасивна фаза. Вежбањето дишење овозможува да се почувствува работата на овие мускули и точно да се одреди нивната положба за време на породувањето на трудницата, за да може да се управува со нивната работа.

Вежби за дишење

Вежбите за дишење во бременоста се спроведуваат во лежечка положба, на грб, со свиткани колена под агол од 45 степени. По длабоко дишење на нос, следува издишување на уста, најпрво спонтано, а потоа продолжено со затворена уста за да се исфрлат уште 2-2,5 литри останат воздух од белите дробови.

Ова се изведува со контракции на стомачните мускули. При изведување на вежбите за дишење потребно е трудницата да ги почувствува мускулите што учествуваат, при вдишувањето – како дијафрагмата ја потиснува матката надолу, во првата фаза од издишувањето да почувствува релаксација бидејќи дијафрагмата се крева, а при активното издишување, контракција на стомачните мускули кои странично ја притискаат матката. Овде е важно да се направи разлика помеѓу вертикалниот притисок на дијафрагмата и страничниот притисок на стомачните мускули. Вежбите на дишење се спроведуваат 3 пати дневно по 3-5 минути и покрај техниките на дишење, треба да се вежба промената на ритамот за трудницата да се подготви за породување.

Техники на дишење

Лесно и длабоко дишење – се применува на почетокот на породувањето кога се чувствуваат контракции на матката. Додека го вежбате овој тип дишење, лежете на грб со свиткани колена и под агол од 45 степени. Вдишувајте на нос и издишувајте на уста до 1 минута, повторувајте го ова неколку пати.

Забрзано и површно дишење – се применува кога грлото ќе почне да се отвора сè повеќе, односно кога ќе се зајакне интензитетот на контракции. Се вежба во истата положба, најпрво длабоко вдишете низ нос и издишете на уста и при следното вдишување почнувате да дишете брзо и површно само на уста до 1 мин. и на крајот завршувајте со длабоко вдишување и издишување. По одмор од 1-2 минути, повторувајте ја вежбата неколку пати. Дишењето во преодната фаза од породувањето, кога се мешаат контракциите и чувството на напнување, исто е како и во претходната фаза со 2-3 форсирани длабоки издишувања. Се вежба прво на грб, а подоцна на колк, наизменично.

Совети од лекар во текот на породувањето

За напнувањето да биде ефикасно во фаза на истиснување на бебето, лекарот или бабицата ќе ви каже кога да напнете. Тогаш е потребно длабоко да вдишите и издишите воздух, повторно длабоко да вдишите за дијафрагмата да се спушти долу и да се врши притисок одгоре на матката, па да се задржи воздухот во белите дробови што подолго и во положба со свиткана глава и брада кон градите да се крене малку трупот од подлогата и да се свиткаат рамената, да ги контрахирате стомачните мускули во моментот кога ќе почувствувате дека најмногу ве напнува и да се престане со напнувањето истовремено со завршетокот на напонот.

Во паузите се диши нормално, во некои породилишта на трудниците тогаш им се дава да вдишат кислород преку маска. При повторното јавување на контракциите, се повторува истата постапка. Кога во текот на напнувањето во одреден момент лекарот или бабицата бара да престанете со напнувањето, неопходно е да се направи тоа, бидејќи во спротивно би можело да дојде до кинење на перинеумот, што за жал често се случува поради неприменување на насоките од страна на трудниците, бидејќи овој налог ги буни и ги плаши, па продолжуваат и понатаму да напнуваат. Во тој момент треба да се почне со брзо и површно дишење бидејќи тоа ќе доведе до кревање на дијафрагмата од дното на матката и стомачната мускулатура останува без потпора, па се намалува притисокот на матката и така се штити перинеумот.

Успехот во породувањето во голем дел зависи од ангажирањето на трудницата во оваа фаза, доколку подобро се напнува, оваа фаза ќе трае пократко, а и бебето ќе биде помалку изложено на страдање кога ќе поминува низ породилниот канал. Со вежбањето на видовите дишење, во текот на бременоста, се стекнува автоматизам во нивното изведување, со што се олеснува примената при породувањето.

Извор



912

X