Анета Николова е доктор по ветеринарна медицина и мајка на две прекрасни момчиња кои се израснати со животни. Вели дека не може да ги доброи придобивките од тоа децата да растат со животни, почнувајќи од здравствени до социјални и најважните – чиста и искрена добрина во срцата.

Дали е добро децата да растат заедно со животни, дали новороденче може да дели соба со маче или куче, на што најмногу треба да внимавате ако најдобриот пријател на вашето дете е милениче? Ова се прашања што го мачат секој родител, особено ако никогаш претходно не чувале животно во домот.

Анета Николова е доктор по ветеринарна медицина и мајка на две прекрасни момчиња кои се израснати со животни. Вели дека не може да ги доброи придобивките од тоа децата да растат со животни, почнувајќи од здравствени до социјални и најважните – чиста и искрена добрина во срцата.

– Како ветеринар, точно знам што и како може да биде опасно за децата. Како мајка, точно знам што и кој ми е најважен во животот, а тоа се моите деца. Тие се родени и израснати во дом со животни. Доколку кое било милениче правилно се одгледува и се посветува неопходното внимание на превентивата и неговата здравствена состојба, како и хигиена на чувањето и на домот, тогаш не постои опасност за децата. Ако се внимава на хигиената и на здравјето на сите во домот, тогаш може да бидете мирни и да бидете среќни кога сте опкружени со вашите миленици – вели Николова.

Помалку алергии, повеќе емпатија

Според неа, постојат многу причини зошто родителите треба да изберат милениче за своето дете, но ги издвојува најважните пет. На прво место се здравствените.

– Мајката што бременоста ја поминала во присуство на какво било животно развива одбранбени клетки, односно имунитет на кој било алерген или инфект од тоа животно. Повторно напоменувам – здраво и одржувано животно. Тој имунитет се пренесува на плодот, а преку млекото – подоцна на бебето. Студии покажале дека најголемиот непријател на денешницата – алергиите поретко се јавуваат кај деца чии мајки додека биле бремени биле во контакт со кучиња, мачки, папагали – вели Николова.

Детето растено со животно е секогаш послободно и со помалку страв пристапува кон други животни. Зар тоа не е прекрасно? Еден страв помалку во животот на тоа дете.
– Детето растено со животни покажува повеќе емпатија, почит и љубов кон животните, луѓето и околината отколку децата што се растени во средина каде што слушале само: „Бегај! Ќе те касне!“
Тие деца израснуваат во луѓе со чиста и отворена душа, без предрасуди и страв кон природата и животните, па и луѓето – раскажува таа.

Според Николова, децата растени со животни се секогаш подружељубиви и послободни во комуникацијата.
– Сигурно сте слушнале дека за деца со посебни потреби или едноставно со тешкотии во говорот, изразувањето или комуникацијата најуспешни се терапиите со животни. Исто така, и чувството за одговорност се развива подобро кај тие деца, но и чувството за почит кон послабите од себе.

Миленикот е и обврска

Условите во кои ќе расте миленичето исто така се многу важни. Пред да се одлучите да удомите животно, размислете добро што може да му дадете. Изборот на милениче зависи од условите што ги бара чувањето на тоа животно, како и можностите на луѓето што ќе го чуваат.

– Не можете да земете куче доколку немате време за редовни прошетки или не сте дома по цел ден. Значи, пред сѐ, зависи од можностите на семејството, како и од неговите потреби. На пример, има раси кучиња што се погодни за во стан и раси за во двор. Секогаш е добро да се консултирате со стручно лице пред да земете каков било миленик бидејќи чувањето животни е одговорна работа и не треба да се земе здраво за готово – советува Николова.

Покрај приспособувањето на видот на миленикот на своите можности да му се обезбедат нормални услови за живот, придобивка може да имаат сите само од здраво и среќно милениче.

– Со детето треба да се разговара и да му се претстават обврските што треба да ги има кон миленикот. Тоа не треба да биде под присила, туку од забава и љубов. Секогаш да се консултираат со стручно лице во врска со евентуалните новонастанати ситуации и детето секогаш да биде вклучено во донесувањето на одлуките – вели Николова.



912

X