Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојот 4-годишен син е премногу хиперактивно, интелигентно дете, но во последно време се соочувам со непотребни изливи на бес од негова страна, удира по сè што е околу него, удира по нас, домашните, плаче, но без солзи, само ги затвора очите и вика додека не го добие тоа што го посакува. Ве замолувам за совет што да направам или кај кој психолог да се обратам. Напорно ми е и тешко секој ден да гледам како го прави истото.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Драга мајка, неколку пати досега зборувавме дека изливите на бес, особено оние деструктивните, се дисрегулација на емоција која е голема и детето нема вештини соодветно да ја изрази. Улогата на родителот во регулирањето на тој бес е исклучително важна. Родителот може да го поддржува тоа изразување, може да не знае како да го регулира. Го поддржува најчесто со тоа што е модел на посакувано однесување, на пр., некој близок во фамилијата или вие или вашиот сопруг поагресивно реагира доколку не го добие она што го посакува. А кога е прашање на незнаење, тоа е поврзано со незнаење на родителот како да се постават границите, тие се поставуваат неадекватно и ригидно (се казнува детето) или премеко (не се реагира на нападите на бес, се смешкаме и ни стануваат забавни).

Во основата на изливите на бес лежи лутината, многу природна емоција која се активира доколку ни се одзема или не добиваме нешто што го посакуваме. Изливите на бес можат да бидат и некое поместување на емоционалното изразување, во заднина може да лежи и тагата, и зависи од тоа кое однесување е поприфатливо дома. Во вашиот случај, при плачење и викање без солзи, посакување да се добие она што се сака во моментот, најчесто станува збор за манипулација поради непостоење на јасни ограничувања и неможност тие ограничувања соодветно да се искомуницираат со детето. Можеби станува збор за дете на кое многу работи му се дозволени, многу простор му е отворен за владеење и не знае за ограничувањата на средината во задоволувањето на потребите. Ваша задача е постепено да го учите детето на ограничувањата, без да се плашите од неговиот излив на бес.

Во бурата секогаш е полесно кога сме повеќемина отколку кога сами се бориме со необјасниво големите бранови. Така е и со вашето дете.

Како што можете да забележите, вашата реакција на бесот е исклучително битна. Преку вашата реакција детето учи што му е дозволено, а што не, и кога му е дозволено. Некако ми се чини дека низ годините неговите потреби биле веднаш задоволувани, без можност да се одолжи таа инстант гратификација на потребата. Е сега на тоа ќе треба да го учите вашето дете, како некои потреби треба да ги одолжува, да го зголемите тоа време на задоволување на потребата, како да не се уплашите, туку да ја прифатите неговата реакција на лутина. Сакав да ве прашам дали секогаш ви е јасно зошто се лути? Ако не ви е јасно, тогаш не треба да му сервирате одговор кој мислите дека ќе го задоволи неговото барање, туку да работите на јасно дефинирање на барањето упатено до вас. Да останете доследни сè додека не го изартикулира соодветно барањето за да можете да го задоволите. Не брзајте веднаш да му угодите. Многу е важно да се уважи емоцијата: „Ти си лут поради нешто што се случи сега“, или ако знаете зошто е лут, му велите: „Ти си лут затоа што јас не ти ја подадов веднаш топката“. Во фазата на изразување на лутината не ги истражувате многу причините, но останувате со него да му поставите соодветни и мирни граници, на пр: ако почнува да ве удира, нежно го сопирате и му кажувате: „Гледам дека си ми лут, но не сакам да ме удираш затоа што ме повредуваш“. Можете да му го кажете истото неколку пати, како повторувачки реченици. Можете да му кажете дека ќе почекате да се смири за да видите зошто навистина се налутил, или за да му го дадете она што му е потребно. Научете го дека има одговорност за сопствените емоции и за вашата комуникација, дека кога се лути и вика, многу ви е тешко да слушнете што всушност му е потребно, и дека е потребно да се смири за да слушнете што е тоа. Внимавајте да не додадете на неговата емоција со вашата емоционална реакција, обидете се да останете присутни, јасни, цврсти, но и постудени во реакцијата.

Понекогаш кога емоцијата е многу интензивна и гледате дека воопшто не ве регистрира, можете да изразите поинтензивно и некои појасни емоции, како „не“, „стоп“, да го дефокусирате со друго случување во моментот, или ако има можност, да ја претворите целата енергија во некаков енергичен танц, кој ќе го придружувате, на тресење и ритмично потскокнување со кое ќе се придвижи енергијата од главата кон нозете. Можете заедно со него во тој интензитет да се обидете и да го водите низ посмирено дишење, во кое ќе ви ја следи дланката и преку дишењето полека ќе се смирува. Но ова се некои работи што се договараат додека сте во смирена состојба, со цел во тие моменти да ве препознае како спасувачка гума, а не сопствен непријател.
Кога ќе се истресе бесот, најчесто телото се смирува, премалува, се губи многу енергија. Тука можете да му дозволите и да го примите во вашата прегратка, наместо да му се лутите. Да му кажете дека многу енергија излегла од него и сега се чувствува помирен. Проверете колку начини имате за конструктивно да ја вадите насобраната енергија и дали се случува најчесто кога немал соодветен физички умор. Можете да разговарате кога е смирен за тоа што му помага кога е нервозен и бесен, можете и вие да понудите решенија како вие го смирувате бесот (доколку имате такви). Искористете го овој момент на успокојување да го прифатите, да се зближите и да го разберете…

Во бурата секогаш е полесно кога сме повеќемина отколку кога сами се бориме со необјасниво големите бранови. Така е и со вашето дете. Треба да разберете дека овие изливи се значајни информации за вас и вашиот однос и ваша е одговорноста во која насока ќе ги насочувате и како ќе се справувате со нив, дали ќе дозволите и вас да ве одвлече или ќе бидете смирен брод во немирно море…

Секако, доколку не успевате да ги изрегулирате неговите изливи на бес, тогаш советувам да се обратите кај психолог, прво за родителско советување, а по потреба и за работа со детето.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X