„Учителке, мене ми е срам, но јас ќе можам да учам само за ѕидар, па затоа немојте пред сите да ми го поставите она ваше прашање: Што би сакал да работиш кога ќе пораснеш?“

Знаев. Знаев! Сакав да врескам, да пискам, да одам во општината и да повикам еден ГРАДСКИ родителски состанок! Состанок на кој ќе биде повикан целиот град! Една воспитна родителска на која ќе ги повикам сите оние што на ова момче му го всадиле срамот од занаетчиството, срамот од чесната работа, од работникот, мајсторот! Не го умислил тоа самиот. Тој знае што мислат сите оние со кои е опкружен. Знае тој со кој презир во основните училишта се зборува за мајсторите, работниците и селаните. Тоа е првото што го научил уште пред училиште. Тоа сам го видел во своите очи.

„Зошто молчите? Нема да ме прашате тоа пред сите, зарем не?“ – ме прашува во ходникот и чека.
„Ти благодарам за ова. Но, сега ќе се договориме нешто. Ќе те прашам. И сакам најгордо што можеш, гласно и храбро, да одговориш дека сакаш да бидеш ѕидар. Јасно? Другото препушти ми го мене“.

Беше исплашен, но ми веруваше. Го поставив тоа прашање на часот. Баш добро се вклопи. Му дојде ред и нему. Мојот иден ѕидар. Стана и рече дека ќе биде ѕидар. Се случи точно она од кое се плашев, но и што го очекував. Соучениците почнаа со своите шеги и исмејувања.

„Браво“, им ракоплескав. „Браво! Додека го поставував ова прашање, се молев во себе вие да не бидете таков клас. Дека сте повисока свест. Дека нема да има вакви реакции. Длабоко ме разочаравте. Од утре настава ќе имаме на ливада“.

Викаа од воодушевување, а потоа се збунија.

„Но…“, „Надвор има снег…“, „Утре и мраз…“. Да… дожд… и мразови.

Одеднаш им се вклучија умовите. Но, не вистинската свест, туку себичната грижа за себе, да не седат на мраз, туку во топла училница.

„Да“, повторив. „А кога ќе дојде до топење на снегот и мразот, дојдете во гумени чизми бидејќи настава ќе имаме во калта. Ќе стоите цело време. Всушност, дојдете боси“. „Бидејќи тие чизми исто така ги направиле мајсторите занаетчии со кои сега се исмејувавте како да се најлошите луѓе на светот. Зошто ви е училиштето? Зграда? Куќа? Стан?! Што ќе ви е топол дом?! Сето тоа го изградиле мајстори ѕидари на кои пред малку им плукнавте в лице“.

„Дома ли ве учат така? Знаете ли дека ѕидарот во секој ѕид што ќе го заѕида остава и дел од себе? Бидејќи тука го остава својот грб, своето здравје, своето време?! Мислите дека не морате да бидете паметни за да го соѕидате ова училиште? Или кокошарник? Кој од вас дома сам си ја соѕидал собата? Кој?! Кој сам си го направил креветот?! Замислете да морате сѐ да правите сами. Би биле ли способни? Знаете ли што сѐ мора да знае добар ѕидар? Зошто дома со своите родители не водите вакви разговори? Зошто дома зборувате за тоа дали некој ученик или учителка два дена дошла во истата кошула? Тоа ве храни? Тоа е суштината на животот, растот, развојот, учењето и напредокот?!

Ова момче можеби вам ќе ви ја ѕида куќата. Или мене. Колку тој треба да знае за куќата да не се сруши или ѕидовите да не испукаат?! Не сте размислувале за тоа? Тогаш почнете. Мајсторите ќе бидат сѐ повеќе платени. Бидејќи сѐ помалку се оние што имаат способни, вешти раце, а сѐ повеќе оние што се со две леви раце и знаат само да инсталираат, да кликаат…

Градители има сѐ помалку. Создавачи има сѐ помалку. Врвни мајстори има сѐ помалку. Никогаш не дозволувај да ти ги украдат соништата. Прво те исмејуваат, но ти биди истраен, потоа ќе те набљудуваат, а на крај и ќе ти се воодушевуваат. И затоа – стани ѕидар.

Биди најдобар во тоа. Биди мајстор кој ќе го бараат, кој ќе гради за вечност. Биди фаца. Вистинските мајстори тоа и се“.

П.С. Ова да го сфаќаат и живеат сите учители, децата не би реагирале на тој начин. Знам дека ме запомнија. И нека ме запомнат. Децата што веќе се „расипани“ од своите родители, ми се налутија поради таа лекција, а повеќето ученици подоцна со солзи во очите доаѓаа во ходникот да ми шепнат едно убаво, скромно, понизно и посрамено „благодарам“. Зошто? Затоа што нема сите да бидат лекари, адвокати и економисти, а и на лекарот му треба ѕидар, и на секој од нас, еднакво како што и на сите нас ни треба лекар. Сите сме важни. Сите сме драгоцени.

Автор: Бернарда Југ, „Хрватска учителка без цензура“



912

X