Да го носиш универзумот во настанувањето под твоето срце е најголем благослов меѓу сите благослови. Еден од оние кога тешкотиите се завршуваат со леснотија, кога секој мрак светнува и вревата замолчува. Да го носиш универзумот во настанување под своето срце девет месеци е најдолго патување во поимот време, бидејќи е и повеќе од засекогаш, ги надминува границите и не оди никаде освен на она свето место пред кое сите се поклонуваат додека тлее едно парче душа во нас. Од љубов во љубов. Патување без карта и патоказ, па повторно со јасни поставки некаде во душата.

Таквите универзуми се секојдневни и постојани. Знаел некој помудар од нас во што ги пакува емоциите, силата, утехата, разбирањето. Толку нежност, поддршка, мудрост, храброст. Од трудничкиот стомак се читаат приказни. За исполнетите желби, за слушнатите молитви, за страсните ноќи. Приказни за посакување, исчекување и чекање, да се прими в раце доказ за постоење на светоста на нашиот свет. Од трудничкиот стомак нечујно одекнуваат молитвите, детето да се зачува и да остане внатре додека му е време да биде и да диши.

Тврдината мајка.

Онаа која ќе го сфати и несфатливото, ќе го прости и непростливото и на најголемиот студ ќе создаде топлина. Го паметиш засекогаш моментот кога ќе ти ја одвојат топлината од утробата, само за момент да ја прегледаат и избањаат, а рацете веќе ти посегаат за да го паркираат во твојата прегратка. Да го запечатиш со бакнежи како да е претседател на универзумот, главен судија и поротник, врескајќи: Ослободен од сѐ што е лошо. Сакан и среќен. Засекогаш. Сфаќаш дека веќе никогаш нема да знаеш за безгрижност, но ќе знаеш за среќа која никогаш претходно не постоела.

Моментот кога првпат ќе погледнеш во тие склопени очи, на кои си им Мона Лиза, најголемата тврдина во која се сигурни и веруваат, како да нема ни подалеку ни подобро од тоа. Додека не ги научиш поинаку.

Кога ќе ги помирисаш оние неколку влакна на меката глава и ќе почувствуваш што значи рај. А тоа крај тебе диши и постои. Светост на лудоста во нашите молитви. Хееј! Се молиш да застане светот за момент. Тој огномет од љубов да го осветли сиот мрак. Од Земјата до Месечината. Од ѕвездите до најдлабоките стравови на човекот. Секоја душа така да засака.

Моментот кога ќе му ги пребројуваш прстите, а сета си вкочанета од претходната болка… па се смееш, панично пресреќна – Ќе знам ли да те сакам колку што треба?

А знаеш дека ќе го сакаш и дека ќе биде доволно.

Прва ноќ. Прво доење. Чекори и зборови. Првото „мама“ и „те сакам“…

Моментот кога ќе го оставиш во градинка со непознати луѓе и ќе се трудиш да им веруваш како најдобар избор спакуван во доверба. Сомнителна си и преплашена, зашто си мајка. Училиште. Приспособување. Температури и проливи. Кавги и недоразбирања со врсниците. Прва љубов, пријателства. Составувања, разделби. Ене ја на мотор со некого… мириса на цигари како и јас во осумдесеттите и деведесеттите. Скриени тетратки со заклучување. Осудувања и погледи. Прашања поради кои уште не се смислени соодветни енциклопедии. И никогаш нема да дојде до такво издание. Што знаат буквите за емоциите… Моментот кога ќе се прифатиш како мајка. Мама.

Како онаа што знае сѐ и нема поим. Онаа што брани со сила на лавица, љуби со божествена љубов, онаа што сака како што може да сака само мајка. Кога ќе се прифатиш како привилегирана. Достојна за предизвици да му помогнеш на Бога во обликување на Човек. Да го штитиш со вистини и доверба која ја градите од зрно прашина од секојдневниот живот. Да го бањаш со верба, за тие нозе да можат да го претрчаат светот, во тие раце да можат да се прегрнуваат само најдобрите и најтоплите души и прекрасни сопатници.

Кога ќе сфатиш дека ти си таа што гледа и учи од пример. Дека ти си онаа што е должна да им покаже дека овој свет е шарен. Дека не е здодевен и страшен, како што ни покажуваат луѓето во сиво. Дека е во ред да се игра секогаш и засекогаш, да се сака да се допрат ѕвездите со ножните прсти и да ги растргнат сите грижи во нас.

Без разлика дали сте родиле од стомакот или од срцето, ако го сакате детето онака како што најсветло се сака…

Ако им ги боите деновите со сигурност и храброст кога и вам тоа ви недостига, бидејќи животот ги потрошил по пат…

Ако сте им утеха кога е тешко, топло ќебе кога ќе стигнат студовите и онаа на која децата ѝ се на прво место…
Ако сте ја запознале љубовта поради која ништо не е тешко, поради која себеси сте се вметнале во нивните срца како нешто за кое не се срамите, бидејќи знаете дека сте целата онаква каква што сте, без лажна обвивка, обидувајќи се секој ден да бидете подобра верзија од себе… колку и да ве скршиле, за нив се составувате.

Ако ги сакате тие чуда со сите бои, причини, секој атом од своето битие, и го прифатите целиот спектар на универзумот во своите деца, обожавајќи ги безусловно…

Ние, мајките, сме привилегирани да ја запознаеме љубовта на боговите во срцата на човекот и да сакаме натприродно.

Додека сме… додека нè има

Автор: Наташа Јукиќ, асистент во настава со деца со тешкотии



912

X