Поголемиот дел од луѓето под поимот мајка подразбираат пожртвувана жена која има безусловна љубов кон своите деца и која ќе направи сѐ за своето потомство да го изведе на вистинскиот пат, одрекувајќи се од сѐ.

Но, не се сите мајки такви. Дали знаете што е токсична мајка?

Моќната врска „мајка-ќерка“

Додека веруваме во универзалната мајчинска љубов – митот кој нашата култура активно го поддржува – не можеме да ја видиме вистинската моќ што родителите ја имаат над нас, дури и моќ на прикриено насилство. Сакаме за мајките да размислуваме како за жени кои го чуваат овој свет од исчезнување, прекрасни и чесни жени, но дали секогаш е така?

Родителот не само што го креира светот околу своето дете туку и диктира како детето ќе го набљудува тој свет. Како деца, ние „разбираме“ што се случува во нашето семејство, што е кажано и заради што, но не е секогаш така, туку затоа што нашите мајки ни сервирале објаснување кое сметале дека одговара за нас.

Затоа не е чудно што многу деца растат верувајќи дека секое однесување што ќе го видат во семејството, дури и да е токсично, деструктивно или насилно – е нормално. Како деца веруваме дека сите семејства се како нашето, а сфаќањето дека другите семејства многу се разликуваат доаѓа многу подоцна.

Сами ги оправдуваме мајките што викале, нè тепале – не сме биле добри, не сме ги слушале. Веруваме дека нашите браќа и сестри се различно третирани бидејќи тие се добри, вредни за љубов и воодушевување, а ние не сме. Ние сме тешки, мрзливи, немирни, глупави – како што нè нарекла нашата мајка. И со тие уверувања растеме.

Растењето и главниот проблем

Повеќето од девојчињата што не се чувствуваат сакани мислат дека растењето ќе им донесе слобода и дека конечно ќе се избават од негативните критики. Но, со растењето ги чека и непријатно изненадување – со излегувањето од детската соба нема да бидете заштитени од болката и потребата за мајчината љубов и поддршка. Тоа е главниот проблем – централниот конфликт помеѓу свеста на ќерката, раните што ѝ ги направила мајката и потребата за нејзино одобрување и љубов. Тој конфликт живее сега во една девојка и таа константно пронаоѓа објаснувања и оправдувања за токсичното однесување на својата мајка, прави сѐ за да ги затвори своите очи пред вистината.

8 типични рамки на однесување на токсична мајка:

1. Предизвикување чувство на вина и срам

Ова однесување почнува со зборовите: „Ти секогаш…“ или „Ти никогаш…“ и силно се врежуваат во свеста на детето. Во детската глава тоа станува и лична критика, глас кој постојано се повторува, се извртува и поттикнува грешки, а ги избегнува пофалбите.

2. Улога на жртва

Многу мајки играат улога на жртва, а децата за тоа не се ни свесни. Токсичната мајка постојано го потсетува детето колку е неблагодарно, а реченицата обично се завршува со: „После сѐ што направив за тебе“. Ваквото однесување живее во детето и кога ќе порасне, а мајката продолжува со својата токсична улога, особено ако детето сфатило за што всушност се работи и се обидува да ги ограничи гледањето и контактот со мајката.

3. Игра на симпатија

Фаворизирањето на едно дете се случува во многу семејства. Но, кога мајката кон едното дете е прекрасна, а кон другото токсична – го понижува, постојано го споредува со други и му кажува колку е лошо – психолошките проблеми се речиси загарантирани. Психолозите велат дека токсичните мајки вака се однесуваат за да ги контролираат децата, да формираат однос помеѓу браќата и сестрите каков што тие сакаат и да манипулираат со нив, за децата постојано да имаат потреба од мајчината поддршка и пофалба. Ако е во прашање единец, ни тоа дете не е „спасено“ бидејќи ќе биде постојано споредувано со ќерката на комшивката, братучедот од чичкото итн.

4. Пасивна агресија

Мајката може да изрази пасивна агресија кон детето индиректно, на пример, преку грди коментари за таткото кога детето е присутно. Развојот на детето директно е поврзан со начинот на кој родителите се однесуваат еден кон друг и кон членовите на потесното семејство и баш затоа родителите имаат огромна улога во тоа какви луѓе ќе станеме кога ќе пораснеме. Ако детето сведочи на грубост, вербален бес, казнување со тишина, психичко малтретирање, големи се шансите да развие слични нарушувања во однесувањето на 10-годишна возраст. Како што растат, повеќето деца полека се претвораат во родителот-насилник и стануваат пасивно-агресивни. Ним им се пренесува сето она на што присуствувале и што го обликувало нивниот поглед на светот. Тука лежи објаснувањето зошто синовите на насилниците стануваат насилници, децата на алкохоличари – алкохоличари.

5. Психолошка манипулација

Овој термин обично се врзува за возрасна личност, но за жал ваквата склоност кај повеќето деца ја всадуваат родителите. Да се манипулира со дете е неверојатно едноставно, бидејќи родителите се авторитет на кој децата се угледуваат и веруваат во она што ќе им го кажат. Она за што родителите не се свесни е колку манипулацијата е трауматична за децата бидејќи детството е период кога е важно да научиме да веруваме во сопствените мисли и чувства и да изградиме способност за разбирање на другите луѓе.

6. Понижување и исмејување

Мајките со изразена потреба за контрола или особина на нарцис често се склони кон исмејување на чувствата или размислувањата на детето. Ги исмејуваат децата и со зборови и со гестикулација и имитирање, па така уште во детството ја убиваат нивната самодоверба.

7. „Жртвено јагне“

Кај токсичните мајки обично едно дете (или самото дете) е виновно за сѐ и е казнето за сѐ, без разлика дали навистина е виновно или не. Таквите деца почнуваат да веруваат дека се непосакувани каде и да се појават, па во периодот на адолесценција полесно посегнуваат по психоактивни супстанции, алкохол и имаат деструктивно однесување.

8. Тишината како најлоша казна

Кога некоја личност не разговара со вас и не одговара на вашите прашања, тоа е израз на максимален презир. Дури и возрасните тоа го доживуваат многу болно и понижувачко, а кога се работи за децата, ваквото однесување целосно ги уништува, особено ако доаѓа од родителите.

Автор: Tони Хој



912

X