Претпоставувам дека сте гледале сериски филм во епизоди. Но дали сте читале таква книга?! Оваа што ќе ви ја подраскажам не само што е во епизоди, туку кога ќе ја отворите, ќе добиете впечаток дека гледате и учествувате во цртан филм. Полна е со феноменални илустрации што ќе си помислите дека ќе ви прозборат. Освен тоа, ве вклучуваат како рамноправни членови во Тајниот клуб „Црно прасе“ (ТКЦП)… А еве која е мисијата на тајниот клуб…

Прво, нормално е во клубот наречен „Црно прасе“ да учествува едно исто такво прасе, што ја игра втората главна улога во првата епизода именувана „Лео“. Второ, Лео е мозокот на групата, поради што едни деца го сметаат за бубалица, а други за гениј. ТКЦП има цел да ги спречи Смрдливците да ги малтретираат децата од маалото. А Смрдливците немаат друга работа, освен да прават бељи. Овој пат, другарите на Лео треба да откријат која е тајната што нивните противници станале попаметни во своето дејствување…

Па, прават стратегија за следење на секој Смрдливец поединечно. Вашата улога, драги дечиња-читатели, е да засукате ракави, да се вооружите со боички, моливчиња и со мнооогу концентрација и инспирација, и да ги спречите Смрдливците да прават пакости. Имајте на ум дека тоа што станале повешти во бељачењето се должи на нивниот водач… Грегор – момчето кое Лео го сметаше за свој другар. Одличен ученик, речиси колку Лео, но малку завидлив и вообразен. И оваа негова мисија е за лична пресметка со Лео. И сето тоа зашто на сите натпревари по математика и природни науки Грегор е секогаш на второто место зад Лео.

Ако сте подготвени да ѝ помогнете на групата на Лео во овој сложен случај, не чекајте ни миг. Запознајте се со неговите храбри и супермоќни другари и другарки: гумоџвакачката Рокси, суперкошаркарот Симон, близнаците Тони и Тина, тој голман – таа скејтерка, суперпластичната Ава, верната дога Лејди и мацата Маза. Ах, се разбира, и неодминливото црно мини-прасе Црвец.

…И не заборавајте да си го впишете и своето име на корицата од книгата зашто без вас, авантурите на тајниот клуб нема да бидат исти.



912

X