Воспитување

Тато, дали сè уште е срамота мажите да прават палачинки?

Ми се чини дека секогаш е исто. Единствената разлика помеѓу сега и порано се тие ситни брчки околу очите што ги наследив. Како и сè друго на телото.

Физички сме како две јајца. Во суштина, само физички. Кога бевме на училиште, пишувајќи состав на тема татковци, напишав:

„Татко ми е висок и слаб. Тој никогаш не знае во кое одделение сум и никогаш не оди на моите родителски состаноци, но јас не го обвинувам за тоа. Татковците едноставно не го прават тоа. Не зборува многу, не се движи многу, никогаш не се кара и не доцни. Не ги крши правилата и цел живот работи во иста компанија. Луѓето го сакаат затоа што е умерен. Го сакам затоа што е добар со мене и со брат ми. Никогаш не ни купува чоколади затоа што тоа го прави вујко ми. Тато еднаш купи еден куп колачиња. Еднаш купи гајба со јаболка. Еднаш купи килограм џем. Тој го купи мојот прв и последен велосипед кога имав дванаесет години, доволно голем за да може и тој да го вози.

Потоа со денови зборуваше за своите потфати. Ми се чини дека уживаше да купува нешто, но сепак избираше само да внесе пари во куќата и да ги стави на маса, а не да учествува во нивното трошење. Тој нема многу барања, го облекуваше тоа што го купуваше, го јадеше тоа што му се сервираше“.

Постарата „Јас“ би додала:

„Возев велосипед до 25 години. Кога ми го украдоа, ми зедоа и едно парче од душата. Никогаш не им простив. Јас сум одмаздољубива, но татко ми не. Логично. Тој тврди дека велосипедот бил многу стар, опасен за возење и дека тие што го украле не направиле ништо добро. Неговите прекорувања генерално изгледаат вака:

„Не треба да се вози толку брзо.“

„Никогаш нема да ми биде јасно зошто секогаш тргнуваш во последен момент“.

„Не би требало да останеш без заштедени пари“.

„Ако автобусот тргнува во 7, треба да бидеш на станица во 6 и 30“.

Тоа не се опомени, туку повеќе совети, кои мене едноставно не ми одат од рака. Кога излетав со автомобилот поради моето несовесно и брзо возење, тој ми ги даде парите заштедени за поправки. Никогаш немам заштеда. Станувам два часа пред да заминам на работа, но секое утро трчам до автобуската станица. Затоа што доцнам. Додека ги кршам стапалата за да стигнам таму, помислувам на него, кој во својата дваесетгодишна служба само четири пати доцнеше. Срамот ми виси на чевлите, па трчаме заедно.

Како да се објасни неговиот однос кон функцијата татко? Ова не беа времиња на модерната педагогија и психологија. Дури и да се земе предвид фактот дека моето детство се одвиваше на Балканот, во работничко семејство кое ја преживеа војната, се добива универзална слика. Две години по војната, моите родители се туркаа во редови за храна. Контекстот е важен. Иако војуваше, татко ми секогаш ми беше кревка, добронамерна фигура. Тоа одеше до таа мера што кога наутро ќе слушнев страшни громотевици и дожд, се повивав под ќебето, ги виткав тупаниците, па му се молев на Бога татко ми да не ми биде оддуван од ветрот.

Се сеќавам, имав пет години, кога татко ми влезе во куќата, криејќи нешто зад грб. Кога конечно ја отвори тупаницата, видов еден бисквит, не една кутија, туку еден бисквит. Никогаш досега, до денес, не сум била во состојба на сиромаштија, но мислам дека тоа ретко може да се совпадне со среќата во тој момент, кога добив бисквит од татко ми во моментот кога имавме килограм брашно и вреќа грав во куќата.

Ова е приказната за која мојот Сандро би рекол: „Ми здодеа вашата патетитка и тажни приказни“.

Но, некои приказни не можат да се кажат на друг начин. Некои притисоци стануваат тажни. Кога се роди брат ми, се преселивме, нашите родители почнаа да работат и работите го зазедоа своето место. На осум години ме тренираа да се грижам за мојот едногодишен брат, но и за домашните работи. Татко ми никогаш не готвеше, не миеше, ниту чистеше, а тоа беше нешто што се земаше здраво за готово. Малку помалку веројатен факт беше дека татко ми ги правеше најтенките и највкусните палачинки на светот и дека навистина уживаше во тоа. Но, тоа беше вистина. Кога ќе се случи нешто што никогаш порано не се случило, голема е веројатноста дека ќе се потсетиме на сите детали поврзани со тој ден. Се сеќавам дека беше 2005 година, беше јуни и беа неподносливи горештини. Се сеќавам на бојата на мојата облека, на импровизираниот кош на дрвото во дворот, на гласното задишување на нашето куче и на мене, слаба и грдичка во дресот на Дејвид Бекам, на моето удрено колено, мојата необично долга рака која мавташе и го викаше брат ми, повторувајќи двапати дека тато правел палачинки.

Потоа, чувствував рака која ме влече назад во куќата, ми се доближува до лицето и вика:

„Не смееш пред другите деца да кажеш дека татко ти прави палачинки! Не можеш! Никогаш! Мажите не го прават тоа!“

Татко ми ми вика. Првпат. Не знам зошто. Тој не ми викаше кога седнав во торта, непосредно пред да заминам на свадба. Ниту кога донесов дома три кучиња, три скитници, кои подоцна му го скинаа чевелот. Стоиме во ходникот: исплашени и збунети – јас и татко ми:

„Срамота е што слушаат соседите. Дали разбираш?“

Не разбирам, тато. Не разбирав тогаш, на дванаесет години, ниту денес, на прагот на моите триесетти. Што прават мажите? Не работат? А што е со жените? Кој ги постави тие граници? И зошто воопшто живееме во таков свет?

И зошто е срамота да се прават палачинки? Срам за комшијата? Еднаш слушав како сопругата на соседот покажува модринка под окото и вели: „Отидов да ја измолзам, а таа удира и гледај што ми направи.“

Имав десет години и оттогаш избегнувам крави. Баба ми ја слушаше измислената приказна и кимна со главата, се преправаше дека ѝ верува. Кога замина, баба ми ѝ шепна на мајка ми:

„Оној повторно ја фатил Милка.“

Мајка ми вели:

„Да му отпаднат рацете, да даде Бог“.

И тука завршува муабетот. Срамота е. Нема потреба да го пикате носот во туѓ двор. Срамота е да те тепаат. Срамота е да се зборува за тоа како некој бил претепан. Срамота е да се прават палачинки. Само комшијата не се срамеше. Ниту на нему сличните. Никогаш.

Автор: Снежана Пачавра

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top