Татковците се многу горди кога нивните шеги се смешни. Но, постои голема разлика помеѓу оној татко што знае да раскаже примерна шега на која детето ќе реагира со насмевка и оној што се додека саркастично го задева детето. Каков татко сте вие?

Првиот татко е урнебесно смешен, забавен, додека саркастичниот татко го поткопува сопствениот авторитет и чувството за сигурност кај детето и самопочитувањето, и моделира однесување на насилник.

– Хуморот може да биде многу погрешен. Хуморот на возрасните бара апстрактно мислење и ние очекуваме дека децата ќе го разбираат. Но, децата не се во состојба да разберат -вели клиничкиот психолог д-р Џон Мајер.

Причината поради која децата не ги сфаќаат шегите и вицевите на возрасните, иако често се преправаат дека ги разбираат, е непостоењето на комплексно апстрактно размислување. Кога родителот го задева детето со саркастичен коментар, тој бара од детето да го разбере светот, перспективата на другите луѓе и алтернативната реалност. Таткото кој во шега вели дека ако момчето лошо се однесува, „ќе го продаде на Циганите“, бара од детето да сфати неколку концепти: расистичкиот стереотип кон Ромите (детето размислува кои се тие Цигани, дали се чудовишта или можеби злобни луѓе), не разбира зошто е можно да се случи такво нешто бидејќи е нелегално и на крај, не знае дали неговиот родител тоа никогаш не би го направил. Тоа се многу работи за едно мало дете да ги разбере.

На крајот детето не ја сфаќа шегата и поради тоа е збунето и вознемирено. Но, освен краткорочните, стресни дестабилизации, постојат и долгорочни последици.

– Ако се шегувате на тој начин, вашето дете ќе има несоодветен социјален развој. Ќе имате дете кое општествено лошо ќе функционира – вели Мајер.

Како да бидете смешен татко без да го задевате детето?

– Сфатете дека децата не можат да размислуваат доволно апстрактно за да го сфатат сарказмот, кој бара расудување на комплексно ниво. Кажувајте детски шеги и вицеви. Еве пример: Како се вика лав без грива? Ќе-лав!

– Шегите не смеат да навредуваат луѓе или да звучат заканувачки бидејќи детето ќе научи да го користи хуморот за исмејување и навредување на другите. Кажувајте вицеви кои играат со зборови или смислете некоја шега само за вашето семејство што ќе ве насмее.

– Задевањето понекогаш се користи наместо јасно поставување на границите. На пример: „Постојано кенкаш, ќе ти купам пелени, црвени и зелени…“ Наместо вакви задевања, подобро јасно поставете граници. Задевањето ја загрозува вашата поврзаност со детето и ја уништува самодовербата на детето.

– Да се биде ироничен и да се потценуваат другите не е тешко. Но, децата ќе ја почитуваат интелигенцијата на родителот кој ќе се потруди да биде паметен и позитивен со шеги и вицеви што не се на туѓа сметка.



912

X