Игротека

Најчести стравови што децата не можат да ги искажат

Децата во градинка може да бидат прилично емоционално збунети кога станува збор за артикулацијата на нивните стравови. На возраст од три до пет години децата се соочуваат со несигурност и со многу стравови, а уште немаат јазични вештини со кои би можеле да ги изразат. Овие вообичаени грижи излегуваат на површина во нивното секојдневие преку тагата и испадите на бес и може да биде тешко да се разликуваат тие изливи на бес и тагата.

За подобро да ги разберете вашите деца, ви посочуваме три вообичаени стравови кои децата не можат да ги кажат, но и совети што да направите за да им помогнете.

1. Страв дека нивното однесување ја одредува вашата љубов кон нив

Малите деца се приспособуваат на изразите на лицето, тонот на гласот и вербалната инфлексија на своите родители. Кога родителите реагираат на однесувањето на детето со викање, строг или груб тон – децата се исплашени и се чувствуваат како да се причинител за стресот на родителите. Поради ова, децата може да почнат да веруваат дека родителската љубов е условена и зависи од нивното однесување. Во книгата „Безусловно родителство“, Алфи Кон, експерт за родителство, ја опишува разликата помеѓу условната и безусловната љубов на следниот начин:

– Постои разлика помеѓу љубовта кон децата поради она што го прават и љубовта кон децата поради она што се. Првата е условна љубов, што значи дека децата мора да ја „заработат“ љубовта однесувајќи се онака како што родителите сметаат дека е прифатливо или исполнувајќи ги родителските очекувања и стандарди. Другата е безусловната љубов: таа не зависи од тоа како се однесуваат, дали се успешни, пристојни или што било друго.

Секој родител сака пристојно, приспособено и емоционално интелигентно дете што се однесува добро, но реалноста е дека децата на оваа возраст нема секогаш да се однесуваат „добро“. Целта на родителот е да го води однесувањето на детето на начин на кој детето ќе знае што се очекува од него, но и истовремено да знае дека секогаш е сакано.

Што можете да направите:

– Обидете се да останете посмирени кога го поправате детското однесување. Потсетете го детето дека вашата љубов кон него нема да се промени, дури и кога се однесува „лошо“.

– Јасно изнесете ги вашите очекувања кога станува збор за однесувањето и потврдете ја вашата доверба во детето и неговата способност следниот пат да постапи правилно.

– Извинете се кога вашата реакција ќе биде погруба отколку што би требало да биде. Ако признаете дека и возрасните грешат, децата може да научат дека грешките се дел од учењето.

2. Страв дека ќе заминете и нема да се вратите

Приврзаноста кон родителите е прв механизам за преживување што децата го учат од моментот кога ќе дојдат на овој свет. Приврзаноста станува поцврста како што детето сè повеќе учи за светот и колку големо место е светот. До третата година повеќето деца се подготвени да се одделат од родителите на кратки периоди за да истражуваат и потоа се враќаат во нивната сигурност. Проблемот е што децата имаат ограничена способност за процена и затоа, кога децата се далеку од „безбедната зона“, минутите можат да се чинат како часови, а часовите како денови. Поради тоа, често се јавува најлошиот страв: дека мама и тато нема да се вратат.

Што можете да направите:

– Дајте му на детето некој ваш предмет што може да го држи во текот на периодот кога не сте заедно. Тоа може да биде нешто што ќе го потсетува детето на вас: слика, стегач за коса или која било друга ситница. Тоа на детето му дава физичка поврзаност, „дел од мама или тато“ што може да го има кај себе додека не се вратите.

– Кажете му на детето што ќе се случи. Дајте му предвидлива временска рамка кога ќе се вратите. На пример: „Тато ќе се врати откако ќе се разбудиш“.

– Обидете се да избегнувате закани како: „Мама заминува“ кога се обидувате да го наговорите детето да си заминете од некое место. Тоа може да биде збунувачко за детето и може да доведе до недостиг на доверба во моментите кога навистина заминувате.

3. Страв дека не се доволно добри

Неадекватноста е голем страв на оваа возраст и излегува на површина на различни начини. Тоа може да биде дете кое плаче бидејќи неговиот цртеж не испаднал како што требало или дете кое вели: „Ова е премногу тешко“ и не сака ни да се обиде. Стравот од неадекватноста често преовладува на оваа возраст бидејќи децата се во развојна фаза во која почнуваат да се гледаат себеси во релација со другите деца. Споредбата може да го наведе детето да ја преиспита својата вредност на сосема нов начин, а тоа се големи чувства за малите деца. Развојот на самодовербата почнува токму на возраст кога децата се во градинка и детето почнува да се проценува себеси во однос на своите врсници според тоа колку добро изработува одредени задачи и што мислат другите деца за него.

Што можете да направите:

– Истакнете го развојот на детето и пофалете ја неговата волја за испробување нови работи.

– Ставете поголем акцент на трудот на детето отколку на „завршниот производ“.

– Потрудете се да ги решавате проблемите со фрази како: „Гледам дека не си среќен/а со ова. Имаш идеја како може да се поправи?“

– Објаснете му на детето кои се неговите најдобри квалитети и дека тие квалитети повеќе ви значат отколку неговите изведби.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top