Човекот е друштвено суштество, рекол Аристотел. Што се случува тогаш со човекот кој поради пандемијата на коронавирусот, бил изолиран речиси една година од своите пријатели и семејството? Што се случува, пак, со децата? На ова прашање детските психолози одговараат дека бројот на деца со анксиозно депресивно и панично нарушување е во пораст. Основците, како општествена група, можеби доживеале и најголем удар од пандемијата врз менталното здравје. Најмладите се префрлени на онлајн-настава уште од претходната година, а во новата учебна година тргнаа под изменети услови за физичка дистанца, а потоа повторно беа вратени пред екраните на компјутерите и телевизорите.

Дека сето ова лошо им влијае на децата, сведочи и психологот Лидија Максиќ од Србија. Таа вели дека ситуацијата е прилично збунувачка кога се анксиозно-депресивните состојби во прашање, како и паничното нарушување кај децата од основно образование, дури толку што практично секоја недела има по барем две деца што бараат помош.

– Децата имаат главоболки, повраќаат и се жалат на болка во стомакот и тогаш кога лекарите не можат да откријат ниту една физичка причина зошто се чувствуваат така, се обраќаат на психолог за помош. Сè повеќе се појавуваат нарушувања во исхраната и задушување со храна, повторно без физички причини. Сè почесто ми доаѓаат родители со деца на возраст од прво до осмо одделение и ние навистина мораме да го земеме предвид и повеќе да водиме сметка за менталното здравје, а не само за физичкото – вели Максиќ.

Страв пренесен од родителите

Таа објаснува дека причините за ова се многубројни, бидејќи децата чувствуваат страв, било на сопствена кожа било пренесен од родителите, а тука е присутен и секој вид изолација.

– Страв од болести, страв од смрт и страв од губење на ближните. Недостигот на комуникација со врсниците, изолацијата, недостигот на социјални контакти воопшто, дури и во рамките на семејството – со баби и дедовци, изостанок на движење и сето она што го сочинува здравото растење, сето тоа сега го нема и придонесува за психички нарушувања – објаснува психологот.

Таа додава дека детето не мора да биде изложено на едно стресно доживување кое ќе влијае врз неговото здравје, туку и долготрајното изложување на разни стресни фактори, баш како што е пандемијата е причинител.

– Изложеноста на страв и бомбардирањето со информации за бројот на заразени и починати оставаат, во помала или поголема мера, последици врз децата. Малечките секојдневно се изложени на тоа. Темата смрт е тешка за обработка во психолошка смисла и за возрасните, а камоли за децата – вели таа и додава дека кај постарите основци најголем проблем се неизвесноста и загриженоста за понатамошното образование.

Психологот Николина Милосављевиќ потврдува дека е забележлив бројот на деца со вакви видови тешкотии и додава дека причината лежи и во тоа што децата се насочени исклучиво кон родителите, а тука е и досадата, која најмладите тешко ја поднесуваат. Исто така, малечките имаат слабо изградени или воопшто немаат одбранбени механизми со кои би ја пребродиле ваквата предизвикувачка ситуација за менталното здравје.

– Ако ги поделат на училиште така што другарите и другарките со кои порано имале блиски односи се во различни групи, тие некако губат контакт токму поради тоа што не се гледаат како порано. Така што сето тоа доведува до појава на анксиозни симптоми – вели Милосављевиќ.

Нерасположеност и раздразливост

Освен физички симптоми, како што се главоболка или повраќање, поради што родителите прво бараат совет од педијатар, Милосављевиќ вели дека кај децата може да се препознаат и некои други индикатори кои би требало да ги алармираат постарите дека детето има некој проблем.

– Ако зборуваме за депресија, нерасположеноста и раздразливоста се први симптоми. Исто така, предолгото спиење, односно нарушување на спиењето, затоа што кај некои деца се јавува подолго спиење од вообичаено, а кај некои премалку спиење. Нарушување на апетитот исто така е еден од показателите. Тоа се физиолошки параметри кои укажуваат дека нешто не е во ред со детето. Се јавува и проблем со концентрацијата и тешко следење на училишните обврски, со тоа што на децата сега училиштето им паѓа во втор план бидејќи е многу тешко да се следи онлајн-настава. Тоа за нив е некој вид привид на образование каде што не можат да направат граница кога се дома, а кога на училиште. Така што, доколку детето има недостиг на концентрација и мотивација за учење и некои физиолошки параметри се променети, тогаш веќе можеме да се посомневаме дека постои некој проблем – објаснува Милосављевиќ.

„Подно време“ лекува проблеми

Начинот на кој родителите би можеле да ги заштитат своите деца и да го спречат настанувањето на сериозни психички нарушувања е „подно време“ според Милосављевиќ.

– Превентива за какви било ментални проблеми кај детето е секогаш поврзувањето со него. Децата сега имаат сосема различен начин на социјална комуникација бидејќи сега тоа го прават преку друштвените мрежи и различни комуникатори, како што се Вајбер и Вацап. Моја препорака е родителите да се поврзуваат на оној начин на кој децата сега се поврзуваат со своите врсниците. Тие сега со своите другари се поврзуваат така што гледаат јутјуб-канали или играат игри. Треба токму тоа да се направи – да се седне до детето и да се игра игра или да се гледа „Јутјуб“ и да се разговара за тоа што му е интересно или што му се допаѓа. Кога говориме за деца помали од 10 години, играта може многу да помогне. Секогаш можете да земете кукли или автомобилчиња и да си играте со детето. Јас тоа го нарекувам – „подно време“. Буквално седнувате на подот и играте со детето (она што го сака). За децата од 9 до 11 години родителите би можеле да играат некои друштвени игри со нив, а тогаш веќе почнуваат да се интересираат за игрите и за некои апликации, објаснува Николина Милосављевиќ и додава дека на тој начин, освен поврзување, родителот може полесно да го контролира тоа што детето го следи и на ненаметлив начин да му го даде своето мислење за таа содржина.

Психологот Максиќ, пак, напоменува дека родителите во оваа ситуација би требало да им го ограничат пристапот до медиумите на децата, но и да поведат повеќе сметка за физичката активност на децата.

Автор: Александра Кресовиќ

Извор



912

X