Совети

Што се микромоменти во воспитувањето и зошто се толку важни?

Со денешниот брз ритам на живеење родителите сè потешко наоѓаат подолги периоди во денот за да поминат квалитетно време со децата. Балансирањето меѓу работните обврски, домашните задачи и секојдневниот стрес често создава грижа на совест кај родителите.

Тука на сцена настапуваат микромоментите, концепт осмислен од авторката и експерт за воспитување Ерика Сутер.

Микромоментите се кратки, свесни и намерни моменти на емотивно поврзување што траат од 10 до 30 секунди.

-Многу родители чувствуваат голем притисок дека мора да се поврзат со децата преку големи патувања или долги активности. Но, истражувањата покажуваат дека зачестеноста и конзистентноста се многу поважни. Поврзувањето се случува во тие мали, речиси невидливи моменти во текот на вообичаениот ден – објаснува Сутер.

4 практични начини за микромоменти секој ден:

  1. Техника „Едно добро, едно лошо“. За време на појадокот прашајте го детето на што најмногу му се радува тој ден, а што најмалку сака да прави. Ова му помага на детето да го развие својот емотивен речник, учи дека е сосема во ред да се имаат измешани чувства и го намалува утринскиот стрес.
  2. „Предвиди го денот“ со палец нагоре или надолу. Нека покаже детето лајк, со палец нагоре (позитивно) или палец надолу (негативно) што мисли, какви се неговите очекувања за денот. Ова им овозможува на децата брзо да ги искажат емоциите без притисок за долги разговори. Децата што рано учат да ги именуваат своите чувства, подобро ги контролираат емоциите подоцна.
  3. Директен контакт од 10 секунди. Оваа невербална техника е совршена за деца што не се многу зборлести наутро. Додека појадуваат, погледнете ги в очи и кажете им: „Ти можеш, ќе имаш прекрасен ден!“ (Совет: оваа техника избегнувајте да ја користите кај тинејџери, каде што долгиот визуелен контакт може да изгледа нападно).
  4. Мали пораки во ранецот. Кратките пораки за поддршка скриени во училишниот ранец дејствуваат како „емотивно сидро“ во текот на денот. Истражувањата покажуваат дека овие мали потврди од родителите ја зголемуваат самодовербата и емотивната отпорност кај децата, покажувајќи им дека се забележани, разбрани и сакани.

За да изградите силна врска со вашите деца, не ви се потребни многу часови слободно време. Почнете со мали чекори, подарете им неколку секунди целосно внимание во текот на денот и забележете ја промената.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top