Една од моите најголеми борби како мајка е управувањето со мојата анксиозност. Се чини дека ова огромно, невидливо чудовиште кое е присутно во нашата куќа го чека моментот кога моите деца ќе почнат да викаат за да дојде и да ме проголта. И затоа што во светот има толку многу неизвесности во овој момент, мојата анксиозност е на високо ниво.
Отсекогаш сум била анксиозна личност која сака предвидливост, планови и ред. Во основа сакам контрола, но отсекогаш сакав деца и сакав да бидам мајка; само што не секогаш хаосот на родителството соодветствува со мојата личност. Овие мали суштества не ги прават работите што треба да ги прават. Не спијат. Не ја јадат храната што ја ставам пред нив. Се жалат кога треба да бидат среќни. Зошто секогаш плачат?
Имав планови како треба сето тоа да биде. Ги имав испланирано работите, но ништо не оди според планот.
Ако ова ви звучи познато, сигурно не сте сами. Од пубертет, до 50-тата година, жените имаат двапати поголема веројатност отколку мажите да развијат анксиозно нарушување. Земете го предвид мајчинството и тој број ќе се зголеми уште повеќе. Се проценува дека во моментот 24 отсто од жените страдаат од анксиозност, што се чини како ниска бројка со оглед на тоа што секоја жена што ја познавам се справува со анксиозност.
Според меѓународната организација за постпородилна поддршка, околу 10 отсто од мајките го доживуваат она што е познато како постпородилно анксиозно нарушување. Понекогаш жените како мене претходно немале проблем со анксиозноста, но потоа наеднаш почнале да го губат разумот. Луѓето зборуваат за постпородилна депресија, но не и за постпородилна анксиозност, нешто што јас го имав.
Родителството со анксиозност е екстра предизвик затоа што другите луѓе не можат да го видат моето ниво на стрес, што значи дека не се свесни за тоа, освен ако јас не направам да станат свесни. Бидејќи децата не треба да бидат оптоварени со товарот на анксиозноста на нивната мајка, направив листа со испробани совети за да им помогнам на мајките што се чувствуваат како мене.
Ставете се себеси на прво место
Знам, звучи невозможно и веројатно се смеете наглас, но ве молам продолжете да читате.
Ова е нешто што и јас сè уште се обидувам да го научам, но ако не го ставам менталното здравје на прво место секој ден, нема да бидам најдобрата мајка што можам да бидам и тоа не е фер кон моето семејство. Тие го заслужуваат најдоброто од мене, а и јас го заслужувам истото. Откријте што ве одржува здрави и направете ги тие работи приоритетни, ако не и задолжителни.
Лекови
Не му е секому пријатно да зема лекови за анксиозноста, но јас едноставно се помирив со тоа. Постои огромна стигма поврзана со барањето стручна помош за анксиозни нарушувања, но буквално е иста работа како и лекувањето на која било друга генска болест.
Вежбање
На почетокот вежбав затоа што мислев дека ќе изгубам килограми, но потоа сфатив дека во деновите кога пешачам 30 минути и го поминувам денот на сонце се чувствувам подобро. Ова е огромна придобивка не само за мене, туку и за тие околу мене. Ако не сакате да вежбате, одете надвор и шутирајте топка со децата неколку минути. Помага.
Хранете се здраво
Не го правам ова, но експертите велат дека треба да се применува.
Спијте доволно
Спијте. Ќе поправите многу работи. Кога сум добро одморена, можам да се справам со многу поголем стрес отколку кога сум уморна. Ако анксиозноста ве спречува да спиете, има лек за тоа.
Професионална помош
Веројатно прво требаше да го набројам ова. Мојот терапевт ми помогна да развијам стратегии за справување и да се одучам од децении деструктивни однесувања.
Рутини
Си го носам мојот дневен планер каде и да одам. Постои нешто во врска со чинот на запишување работи што треба да ги правам, така што секое утро ги прегледувам сите работи што ми се на распоредот.
Задачите и рутините ми даваат чувство за ред и цел, без оглед на тоа што се случува околу мене.
Длабоко дишење
Анксиозноста ме тера да заборавам да дишам, што дефинитивно не е добра работа. Земањето длабок здив ми дава момент да се освестам и приземам. Ви го препорачувам.
Без оглед како се чувствувате во кој било момент, чувството ќе помине. Учењето како да се грижите за себе е единствениот начин на кој можеме да ги научиме нашите деца да го направат истото.
Автор: Хармони Хобс
Извор