Секој ден четиригодишната Јасмина Сејфеи и нејзината мајка Елијан Беџани посетуваат часови по јога. Со јога се занимаваат уште кога Јасмина имала една и пол година и почнала да ги имитира позите на нејзината мајка, кога таа му покажувала јога-пози на својот сопруг за да му помогне со болките во долниот дел од грбот.
„Сега, секое утро се будиме и таа вели: ’Мамичке, ајде да практикуваме јога‘“, раскажува Беџани. „Освен што е активност со чија помош го зајакнуваме нашиот однос, јогата ја научи мојата ќерка на трпеливост и дисциплина. Кога е бесна, вознемирена и плаче, ѝ кажувам да земе здив и да издиши, токму како што правиме на јога“, додава Беџани.
Успешна борба со стресовите
Јогата за деца станува честа активност, па има понуди за вакви програми. Додека нејзините придобивки, како што се подобра флексибилност, сила и координација, се дел од оваа активност, јогата се користи и како техника за релаксација што им помага на вознемирените деца да се борат со стресовите од секојдневниот живот. Истражување од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Харвард“ покажува дека јогата е корисна алатка за поддршка на адолесцентното ментално здравје.
Психијатарот М. Ли Фрејдман вели дека забележал зголемување на состојбите поврзани со стресот кај децата во текот на изминатите 10 години.
„На децата им се потребни подобри вештини за справување со ситуациите бидејќи имаат повеќе работи со кои треба да се соочат“, вели тој.
Според него, најголеми виновници се социјалните проблеми, преголемиот број информации и поголемиот притисок на т.н. академско ниво.
Додека и возрасните и децата го интернализираат стресот, Фримен вели дека честопати тој физички се манифестира кај децата, што резултира со здравствени проблеми: несоницата, болки во стомакот, главоболки и промена во расположението.
„Деловите на нивниот мозок одговорни за регулирање на емоциите и за обработка на сите нешта неопходни за справување со стресот сè уште се развиваат“, вели таа.
Јогата им помага на децата да се поврзат со своите тела и да препознаат кога се вознемирени.
„Кога децата практикуваат каква било активност на умот, тие забележуваат како нивниот ум влијае врз нивното тело и како нивното тело влијае врз нивниот ум“.
Чувство на стабилност во нестабилен свет
Квалификуваната јога-инструкторка Теми Унгерман Сирс била пионер на движењето за детска јога во Канада. Нејзиното студио во Торонто било првото што понудило часови по јога за деца на возраст од пет години. Откако ја почнала програмата во 1997 година, Сирс вели дека самата ги забележала неверојатните придобивки од јогата кај децата.
„Им дава чувство на стабилност во нестабилен свет“, вели таа.
Ракел Кадер е сведок на позитивните ефекти на јогата кај нејзината 12-годишна ќерка, Натали, која веќе пет години посетува часови по јога.
„На часот носите едно дете, а на крајот од часот земате сосема друго дете. Таа е порелаксирана и нејзината перспектива често се менува“, вели Ракел.
Таа се надева дека јогата ќе ѝ овозможи на нејзината ќерка Натали тактики за релаксација што би можела да ги користи кога ќе се соочува со тешки ситуации.
Секако, постојат и физички придобивки од јогата. Од олеснување на напнатоста во мускулите, подобрување на циркулацијата и зацврстување на зглобовите што можат да се влошат од седење во училиште или пред екран, јогата е моќна алатка за зголемување на целокупната благосостојба на вашето дете.