Преку еден вид дневник од патувањата со своите родители Биби раскажува за убавините, богатствата, храната и ретките животни во оваа наша мала прекрасна земја. Со книгата „Моите омилени места“ ќе научите многу нови работи за сите градови, села, планини, за превозните средства, за културните споменици и археолошките наоѓалишта… Сите деца ги сакаат патувањата, сакаат да откриваат нови работи, да бидат во природа, да се качуваат на нешта, да се среќаваат со разни животни… Нивната љубопитност нема граници, па доколку немате идеја што да правите викендот, отворете ја оваа книга.

Здраво, другарчиња!

Многу се радувам што ќе ви раскажувам за сите места што ги сакам, во мојот роден град Скопје, во неговата околина и низ цела Македонија. Да, токму така, ова е книга за моите омилени места!

Јас, мама и тато често одиме на кратки патувања, прошетки и излети и посетуваме различни места. Но, овој пат тие ми приредија изненадување и ме одведоа на две гооолеми патувања! Прво го посетивме целиот источен дел од нашата земја, а потоа и целиот западен дел. Доколку живеете во Скопје, можете речиси секој викенд да одите некаде и така да ги посетите сите!

На нашите патувања посетивме прекрасни места: природни убавини како планини, реки, езера, извори, водопади, клисури, кањони, пештери, шуми; потоа градови и села, а во нив видовме многу интересни куќи, мостови, кули, музеи, библиотеки, цркви и манастири, џамии, споменици и други знаменитости; посетивме и археолошки локалитети, тоа се местата каде што откриваме како живееле луѓето на овие простори во различни периоди од нашето минато, какви предмети користеле и во какви куќи живееле.

Но, тоа не е сè. На нашето патување користевме многу различни превозни средства: автомобил, автобус, брод, воз, чамец, комбе, па дури и велосипед! Јадевме јадења што се приготвуваат само во некои региони, како и овошје и зеленчук што се одгледуваат таму. А се запознавме и со многу ретки, загрозени или ендемични видови растенија и животни!

Отворете ја оваа книга, научете многу нови работи, потсетете се на нештата што ги знаете, патувајте и забавувајте се заедно со мене!
Да тргнеме на волшебно патување!



912

X