Ова нема да биде уште еден од оние текстови во кои се обидувам да ве убедам во тоа дека девојчињата можат сè и дека тие се апсолутно фантастични. Ова не е еден од оние текстови во кои наведувам примери од паркот каде што мајката ѝ забранува на ќерката да си игра во песок за да не си го извалка новото фустанче или на шега ѝ дофрла дека не знае да ја шутне топката бидејќи е девојче. Нема ни да ви ги набројувам сите тие случаи кога слушаме пораки насочени кон девојчињата дека треба на одреден начин да се однесуваат, облекуваат, зборуваат за да не сметаат дека не се „доволно девојчиња“. Ова нема да биде еден од тие текстови; не затоа што состојбата сега е многу подобра, туку затоа што јас за тоа никогаш не престанувам да раскажувам и пишувам, па не сакам да се повторувам.

Ќе ја учам никогаш да не смета дека е различна од другите девојчиња, ниту да се обидува да биде поразлична или подобра, туку дека е посебно секое девојче што го слуша својот глас и го следи својот пат. И диносауруси и круни. И убавина и памет, и балет и фудбал. И сукњички и тренирки. И тантела и патики. Слободата е нејзина за да ја запознае и почувствува

Ви пишувам за она што подолго време го забележувам, а не успевам да го разберам. Овој пат ви пишувам за потребата на родителите своите женски деца да ги ослободат од стереотипот и да ги растат „во слобода“ што се дефинира како отсуство на сето она што е женствено или барем она што низ историјата се покажало како „женско и женствено“ (а дали е, можеме да расправаме до утре).

На цел глас трубиме за тоа дека треба да се пребродат наследените очекувања, стереотипите и предрасудите кај девојчињата. Борејќи се силно за нивната слобода и нивните права, им наметнавме сличен вид неслобода. Оној вид што ги ограничува само на спротивност во однос на досегашните очекувања. Како дојдовме до тоа да се згрозуваме на сè што е розово и сјае, бидејќи ако е розово и ако сјае, мора да е наметнато? Дали просто е невозможно девојчето да сака розово бидејќи ѝ е убаво, да ѝ се допаѓа и таа самата да го сака. Превртуваме очи на девојчињата што се балерини зашто девојче балерина – има ли некое што не сака да тоа да биде? Наместо да го дефинираме сето она што девојчињата можат и треба да бидат, обидувајќи се да ги ослободиме од очекувањата што ги издвојуваат од момчињата, сега ги стегнавме во калап што просто се обидува да отфрли сè што се смета за женско. Така, сега ако девојчето сака да облече здолниште, тоа е неприфатливо. Се згрозуваме кога некое девојче ќе каже дека е убаво бидејќи, женско, а убаво, каков стереотип.

Зошто не е во ред да ѝ кажам на мојата ќерка дека е убава? Тоа истото му го велам и на мојот син и во тоа никој не гледа проблем. Зошто во своите обиди да ја ослободам, ја врзувам со други синџири? Апсурдно, се бориме за слобода и сила за нашите девојчиња, чувајќи ги од сето она што го чувствуваме како наметнато, не увидувајќи дека и тоа е еден вид ограничување и еден вид предрасуда.

Наместо тоа, избирам слобода за мојата ќерка. Наместо да ја одредувам според она што е однадвор, ќе ја научам дека единствено може да се одреди таа сама. И пред својот избор, да се слуша само себеси. Дали може да носи розово и да оди на балет, а истовремено да биде своја, оригинална и посебна? Секако, ако тоа е она што таа го сака. Дали мора да ја крие својата убавина и да бега од својата емотивна страна за некој да не ѝ залепи етикета на „просечна жена“? Не гледам ништо лошо во просечноста на една женственост бидејќи жените се прекрасни и женственоста е нешто што е фантастично.

Не сакам мојата ќерка да ја учам дека мора да ја потисне и скрие својата женственост само за некој сериозно да ја сфати. Не сакам да ја учам дека мора да биде различна за да биде посилна, дека женственоста е слабост.

Сакам да израснам самосвесна, паметна, способна, вредна, храбра и силна девојка која од своите сакани никогаш нема да слушне дека постои нешто што не може или не смее да го направи само затоа што му припаѓа на женскиот род. Сакам во секој момент да знае дека може да биде каква сака и како што чувствува дека треба да биде. А тоа подразбира и носење здолништа, разубавување, светки, кукли и бајки и принцези.

Ќе ја учам никогаш да не смета дека е различна од другите девојчиња, ниту да се обидува да биде поразлична или подобра, туку дека е посебно секое девојче што го слуша својот глас и го следи својот пат. И диносауруси и круни. И убавина и памет, и балет и фудбал. И сукњички и тренирки. И тантела и патики. Слободата е нејзина за да ја запознае и почувствува.

Затоа не бегам од стереотипите, ниту ѝ забранувам да ги запознае ниту ја штитам од другите за „случајно некој да не ѝ каже дека е убава“. Да, убава е. Дали тоа значи дека тоа е сè што умее да биде, дали тоа автоматски ги исклучува сите други нејзини евентуални квалитети? Не се плашам од тоа да ѝ кажат и покажат дека е убава бидејќи знам дека секој ден преку моите пораки, гестови и лични примери како мајка и како жена ѝ покажувам дека тоа не е единствено, ниту најважно, ниту највредно кај неа. Но, не сакам ниту да ѝ го одземам тоа. Ниту да негирам еден голем, прекрасен и важен дел од неа само затоа што сметам дека ѝ е наметнат.

Замислете колку штета би било ако ѝ забранувам да носи сукњички или да ужива во танцот бидејќи мислам и верувам дека таа може „повеќе“? Зошто математиката е „повеќе“ од балетот ако балетот е тоа што ја прави среќна мојата ќерка?

Не постојат предрасуди и етикети што може да го ограничат и да го врзат едно девојче ако расте во семејство полно со поддршка, љубов и слобода. И убава во својата женственост и своја во тоа што го слуша своето срце. И нежна и силна, и емотивна и храбра. Слободата е нејзина за да ја создава.

Автор: Јасмина, книжевник и блогер



912

X