ПРАШАЊЕ: Мојот син има 9 години и уште од прво одделение се чувствува несигурен и тешко склопува пријателства. И кога сме излезени, полесно му е да си игра со помали дечиња отколку со врсници. Кога му велам да игра фудбал со врсниците пред зграда, вели дека не го бидува, така му кажале во училиште. Има неколку дечиња што го задеваат во одделението и поради нив му е нарушена самодовербата. Истите дечиња, откако моето дете ќе се одбрани, први се жалат кај наставничката и најчесто тој излегува виновен и проблематичен. Неодамна ми кажа дека има чувство како да го мразат сите бидејќи не си играат со него. Иако станува збор за неколку дечиња (претходно споменатите), неговиот впечаток е дека никој не го сака. Некој од другарите и не сакајќи да го сопне, мисли дека му го направиле тоа намерно. Ве молам за насоки како да постапам.
ОДГОВОР: Преку вашиот исказ можам да забележам дека психолошката заднина на однесувањето на детето треба да се проследи преку неколку сегменти. Детето најчесто игра со помали затоа што таму се чувствува посилен, посупериорен или поприфатен, но избегнувањето на врсници е начин на кој се штити да биде одбиен. Неговите социјални искуства веќе прават ментална мапа на дисторзивни мисли како генерализацијата „Никој не ме сака“.
Социјалната несигурност и врсничките конфликти влијаат врз неговата слика за себе и самодоверба. Затоа е потребен разговор со одделенскиот наставник како фидбек за социјалната динамика, потоа потребно е да се впушти во активности во кои се чувствува успешен, не мора да биде спорт, можеби е тоа некоја уметност, музика или роботика, зависно од неговите интереси и способности. Потребно е и јакнење на социјалните вештини и читање литература за деца која обработува социјален животна децата во таа возраст со цел напредок во справувањето со врснички конфликти и развивање резистентност и социјален говор.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com