И така, драги мои, дојде оној период од годината кога се испорачуваат новогодишните желби до посветениот желбоисполнувач и миленик на децата, Дедо Мраз. Не се сомневам дека веќе уредно сте ги составиле списоците и дека тоа што сте го впишале ви доаѓа од срцето. А, ако не сте имале можност да го сторите тоа, не очајувајте, зашто времето сè уште не е истечено.
Молам?! Доцна било да се прати поштенски?! (Ај што ова е многу навредливо за нашата експресна пошта, туку пострашно е што не сте информирани!)
Кој ви кажал дека тоа е единствениот начин да му се обратите на Дедо Мраз?
Само немојте да ми кажете дека ја немате неговата електронска пошта…!

Освен тоа, Дедо Мраз планира наскоро да си направи профили на „Фејсбук“ и на „Твитер“, само за да ви биде подостапен. Точно така, си прочитав во книгата „Што сонуваше Дедо Мраз“ од извонредната писателка за деца и голема финтаџика со зборови – Билјана Црвенковска.
Покрај тоа што разбрав за овие новини кај Дедо Мраз, ми се разјаснија и некои нешта во врска со него, неговото постоење, живеалиштето и сл. Знаете, секакви приказни се шират, де вакви, де такви, де онакви. Но, мислам дека оваа е онаа вистинската!

Дедо Мраз, чие име е всушност Никола, со своето семејство да ти живеел во Снегомраз. Тоа е една земја на далечниот и студен север, што е невидлива за оние што не веруваат во постоењето на овој дарежлив дедо. Неговото семејство е четиричлено: сопругата Рафаела (меѓу нас позната како Баба Мразица, а инаку Дедо Мраз нагалено си ја вика Најмилата), ќерка му Снегулка и синот Виктор. Виктор е инаку студент по економија на престижниот Универзитет „Кембриџ“ во Англија и сака да стане успешен бизнисмен. Дотолку е заслепен со таа идеја, што со една непромислена постапка прави огромна грешка, но и престап што е казнив во Снегомраз:

„Здраво мамо, здраво тато,
Се надевам ќе ја видите поракава, иако знам дека не проверувате често имејл…
Мојот другар и колега од факултет Џорџ, мислам дека сум ви зборувал за него, е син на еден од најбогатите луѓе во Англија, лордот Рич. Лордот, покрај многу други работи, е сопственик на најголемиот шопинг-центар во Лондон. Не знаете колку е голем и колку посетители има дневно! Милиони! Секоја Нова година тука се собираат многу деца и, традиционално, Дедо Мраз (секако, не ти тато, туку некој професионален глумец) им дава подароци на децата. Подароците ги плаќаат родителите претходно, но тоа е помалку важно.
Лордот Рич разбрал од Џорџ дека сум твој син. Можеби случајно сум споменал некогаш во некој муабет, не знам…
Лордот Рич лично ми се јави и ме замоли да разговарам со тебе, дали си заинтересиран да го прифатиш неговиот деловен предлог. Имено, оваа година тој би сакал да направи нешто досега НЕВИДЕНО: на Нова година во неговиот шопинг-центар да дојде ВИСТИНСКИОТ Дедо Мраз – односно ти. Тоа ќе биде атракција, вистински БУМ, нешто ФАНТАСТИЧНО! Плус, зделката што ти ја нуди е многу добра: наместо родителите да купуваат играчки од продавниците во шопинг-центарот, тие да бидат купени од нашата фабрика…“

Лордот Рич разбрал од Џорџ дека сум твој син. Можеби случајно сум споменал некогаш…

Сигурно ќе се прашате што има тука спорно, па ова е баш супер пригода за да се популаризира работата на Дедо Мраз, луѓето конечно да се уверат во неговото постоење, бла, бла, бла…
Но, всушност, ова е безумен, скандалозен и противуставен потег, за што се отслужува строга казна! Снегомраз е место што се чува во строга тајност, тоа е првиот прекршок, а вториот е повеќе лично разочарување: па, Дедо Мраз не е бизнисмен, тој својата работа ја врши од љубов кон децата, како би можел да си дозволи да заработува од тоа?! Во што ли се претворил Виктор, таму далеку од својот дом, и како би можеле да си го вратат стариот-мал и бестрашен фантазер на најбезболен начин?!

Е, за тоа, извинете, ама ни јас не смеам да кажам, му ветив на Дедо Мраз, а вие ќе мора да си откриете сами (мислам дека и вас ќе ве замоли да не откривате многу многу пред другарчињата, туку да ги убедите да си прочитаат и да си откријат за себе). Можам само да ви навестам дека следуваат многу волшепства, соништа со милион значења и патокази, фантастични суштества, трансформери (малку поинакви од актуелните ?), славни ликови од детските приказни, возбуда, возбуда, возбуда…

Аха, за малку ќе заборавев… Дедо Мраз ги очекува вашите желби, за да ги оживее. Пишете му на contact@dedomraz.net и чекајте ја магијата! Одбројувањето почна 5… 4… 3… 2… 1…

Среќна Нова година, драги другарчиња, да бидете паметни, безгрижни и радосни. Да читате повеќе, почесто да си играте и посветено да учите. Секаде да ве фалат и да ве издвојуваат како деца за пример!



912

X