Всушност, подобар наслов би било – што ми фали, а што особено ме радува откако сум мајка. Пред да се возбудат супермајките на кои ништо не им е тешко и мајчинството им е „пис оф кејк“ (прелесно), а на таквите мајки длабоко им се поклонувам на трпението, па на истите тие трпеливи мајки кои не се двоумат да коментираат какви сме ние (не)мајките кои велиме (замислите) дека мајчинството ни е многу тешко; пред супер мајките да се најдат повикани и за коментирање, ќе кажам: јас сум супермајка и мене мајчинството понекогаш ми е ужасно тешко. А сега да почнеме со набројување.

Што не сакам откако сум мајка – не ги сакам летата. Не сакам лето од поодамна. Поточно, не ги сакам летните горештини. Тие проклети летни горештини кои дополнително ми ја отежнуваат улогата на мајка. Дијаметрално спротивно на тоа – не ја сакам зимата. Болести, настинки и носиња што течат нè спречуваат во безгрижните дружења со другите деца.

Што сакам откако сум мајка – сакам рани летни утра на плажа. На тие утра ме научија моите деца. Мирисот на чисто море, тишина на природата и моите деца кои имаат добра волја, бидејќи е прерано за да биде поинаку. Го сакам вкусот на солта на кожата на моите малечки. Ја сакам сувата, солена и кадрава коса на моите дечиња. Го сакам гласното смеење бидејќи се прскаме, нуркаме и шлапкаме во морето.

Што не сакам откако сум мајка – не го сакам одењето на плажа за кое се подготвувам час и половина. Торбите преполни со 5 пешкири, 5 резервни костими за капење за секој член на семејството, мачкање со крем 10 пати на ден, ставање капа на глава, додека тие упорно ја вадат, носење шатор, чадори – сето тоа е потребно за децата соодветно да се заштитат од силното сонце на плажа. Не сакам кога конечно ќе дојдеме на плажа, а моето 3-годишно дете вреска бидејќи му влегло камче во сандалата. Ме излудува врескањето.

Што сакам откако сум мајка – оние 5 минути галење по капењето, смотаните студени газиња во оние исти, најмеки пешкири што ми го оптоваруваат грбот на патот до плажа, оние модри усни кои се тресат и „сварени“ прстиња на рацете и нозете на кои никогаш не им е доста од капење.

Што не сакам откако сум мајка – да правам ручек. Бидејќи готвењето откако сум мајка има сосема поразличен облик. Нема спонтаност и пробување нешто ново. А мене ручекот ми е составен од 5 оброци што доаѓаат предвид. Освен што е оскуден, успешноста на подготовката и консумацијата зависат од насоката на ветрот и сложувањето на планетите во поволна позиција, бидејќи еден ден се обожава мојот ручек, другиот ден се прават гримаси како да сум сервирала помија. Покрај тоа, се размислува однапред и за оброците на помалите, кои се готват на пареа за зеленчукот и овошјето да ги задржат потребните витамини.

Што сакам откако сум мајка – насмевката кога се будат, барањето благо за појадок, а јас тоа го дозволувам. Им ја сакам извалканата уста од чоколадото. Ги сакам залепените прстиња од растопените слатки. Го сакам воодушевувањето кога ќе откријат киндер јајце во мојата чанта.

Што не сакам откако сум мајка – будење во 6:30. Будење во текот на ноќта 5 пати. Насилно будење кога душата ми сонува.

Што сакам откако сум мајка – ги сакам големите кафеави очи на моите деца кои зјапаат во мене во 6:30 и чекаат да се разбудам.

Што ми фали откако сум мајка – мојот сопруг. Спиењето во заеднички кревет – без деца. Гледање серии или филмови навечер без прекинувања 6 пати бидејќи едно од децата се разбудило. Држење за раце.

Што сакам откако сум мајка – да го гледам мојот сопруг каков татко е. Бидејќи тој е токму тоа – татко. Грижлив, се грижи за нас и помага. На свој, несмасен начин.

Што не сакам откако сум мајка – неможноста да станам и да одам надвор. Кога било. Бидејќи ете така сакам.

Што сакам откако сум мајка – чувството на гордост на моите деца како напредуваат. Од првото движење во стомакот до првите зборови. До првото самостојно мокрење во тоалет.

Што не сакам откако сум мајка – одењето во парк, иако секој ден сме во парк. Тоа за мене е еден простор каде што сум присилена да разговарам со другите и да слушам за тоа кој што кажал, кој е понапреден и моторички поспособен. Тоа ми е одбивно. Би одела во паркот со радост ако таму има само деца.

Што сакам откако сум мајка – да играм криенка со децата. Тоа ми е можност да се вратам во детството исполнето со врескање и гласно смеење. Им го посакувам тоа и на моите деца.

Што ми фали откако сум мајка – уживање во храната наместо греење на ручекот/вечерата откако ќе ги нахранам децата.

Сè на сè, би можела да набројувам до недоглед. Што сакам да кажам? Сакам да кажам дека мајчинството е напорно, потребни се многу труд и трпение. Секоја од нас има бесконечно љубов кон своите деца и ниту една не би се менувала за оној живот пред децата. А оние што го вперуваат прстот во нас кои искрено, јасно и гласно кажуваме дека некогаш е проклето тешко, тие супермајки еднакво се обидуваат и се трудат, само им недостига малку емпатија и разбирање за другите.

Автор: Соња Швајхлер

Извор



912

X