Воспитување

10 причини за загрижувачки стрес кај дете со две полни години

На две години детето би требало да има развиено самодоверба. Дури е и пожелно да не биде „премногу добро“ бидејќи тоа може да биде загрижувачко на оваа возраст.

Детето на две години има развиено самодоверба што се гледа кога влегува во некој простор и оди пред родителите. Оди цврсто, со рацете покрај телото, има исправено држење, сигурно е дека родителите го следат. Истовремено се бори со сеќавањата на некое претходно искуство, ако било непријатно, како што е преглед на лекар, вакцинација, добивање инјекција и нешто слично. Повремено се чувствува доволно сигурно дека може да се одвои од родителите и ѝ приоѓа на некоја друга личност, што е огромен чекор за двегодишно дете. Некои деца сè уште се чувствуваат несигурно и не се одвојуваат од родителите, па треба да се прашате „зошто?“ Или се „премногу добри“, што во оваа возраст не е пожелно, а може да биде и загрижувачки. Еве што најмногу може да предизвика стрес и кај детето и кај родителите на оваа возраст:

Умешност: на детето му е потребно да се чувствува важно, да ја освои околината, па од присутните бара признание. Долго и упорно ги завршува задачите, дури и оние наједноставните, за што родителите немаат секогаш трпение, па тоа чувствува дека не добива доволно внимание, што е извор за нов стрес во третата година.

Напнатост: при набљудувањето на детето додека си игра се воочуваат когнитивните способности, но и степенот на емотивна слобода. Напнато, несреќно дете игра со малку или без воопшто фантазија.

Застој на церебралниот развој: способноста за моторичко планирање (низа движења потребни за да се изврши задача) и сфаќањето на причинско-последичните врски (ако отвориш врата, ќе можеш да влезеш, на пример), кои ги набљудуваме преку игра, покажува дека нервно-моторичкиот систем е беспрекорен. Несмасните, несигурни движења, често со промашување на целта, укажуваат на благ застој кој влијае врз фините моторички функции.

Премногу чувствителен нервен систем: како што нервниот систем ги прима и обработува информациите од надворешната средина, дали има доцнење во процесирањето на информацијата се гледа во играта на детето. Ако контролата на стимулациите однадвор е добра, вниманието е продолжено, како и насоченоста само кон одредени играчки. Децата со чувствителен нервен систем постојано преминуваат од една играчка на друга, разговорот со возрасните веднаш им го одвлекува вниманието, како и сите други визуелни и звучни сигнали.

Говор: за двегодишно дете говорот има огромно значење бидејќи му овозможува непречена комуникација. Ако постои доцнење во развојот, што може да се случи од многу причини, детето ќе биде под голем стрес.

Спиење: ако детето во повеќето работи е самостојно, самото ќе се успива по неколку вечерни ритуали. Тогаш обично повторува нови зборови кои ги научило и по монологот, кој може да потрае и повеќе од половина час, детето тоне во сон. Извор на стрес во овој период може да се ноќните стравови, што не е исто и со ноќни мори, бидејќи детето не се буди додека ги доживува и не се сеќава на нив наутро. Од ова повеќе се плашат родителите, па често го будат детето, што дополнително го вознемирува. Ноќните стравови се јавуваат за време на преминот од длабок во лесен сон и не се сериозна појава. Ако се зачестат во краток период, можно е детето да е под стрес.

Илјада зошто?: љубопитноста на тригодишните деца е огромна. Постојаната желба уште нешто да се научи, разбере, може за детето да претставува огромен емоционален и ментален притисок. Родителите често се под стрес поради тоа бидејќи детето постојано нешто прашува и обично не го дочекува одговорот докрај, а веќе има ново прашање. Одговорите мора да бидат кратки, никако не треба да се прекине разговорот бидејќи детето ќе мисли дека неговите прашања не се сфатени доволно сериозно, што кај него ќе предизвика стрес.

Следење во завршувањето на физиолошките потреби: повеќето деца на оваа возраст успешно ги завршуваат физиолошките потреби самостојно, или барем преку ден. Доколку им се случи да се измократ, треба внимателно да им се укаже на тоа што се случило и како во иднина да го избегнат тоа, бидејќи детето оваа ситуација ја доживува како голем неуспех. Тоа никако не смее да види дека родителот е разочаран за да нема чувство на неспособност.

Спротивставување: без разлика на тоа што родителите и понатаму ги доживува како семоќни, најголемиот дел од енергијата и времето детето ги троши на спротивставување и отпор кон барањата што му се поставуваат. Детето почнува да чувствува моќ, што е нов предизвик за родителите и личноста која го чува бидејќи треба да се направи баланс за детето да не помисли дека е семоќно. Многу е важно сите да бидат усогласени и доследни бидејќи сега на детето му се потребни јасни упатства за тоа што е прифатливо, а што неприфатливо однесување. Јасните граници мора да бидат соопштени така што детето нема да ја изгуби самодовербата и самопочитта.

Агресија: детето нагло го менува расположението, одненадеж се лути и губи контрола, гризе, шутира, удира со главата кога родителот сака да му помогне. Некои деца за време на нападот на бес го задржуваат воздухот, што многу ги плаши родителите. Иако овие ситуации се застрашувачки, тоа што детето некое време не дише не остава последици. Кога ќе се опушти, автоматски повторно почнува да дише. Доколку овие ситуации почесто се повторуваат, треба да се разговара со педијатар, но никако да не се откажувате од дисциплинирање на детето.

Автор: Снежана Милановиќ, дипломиран физиотерапевт

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top