Игротека

Што не можете да контролирате како родител?

Кога стануваме родители, се соочуваме со многу предизвици, очекувања и одговорности. Природно е да го сакаме најдоброто за нашите деца, но често се прашуваме колку навистина можеме да влијаеме врз нивниот развој и иднина. Клучно е да разбереме што е во наша моќ, а што не за да ја насочиме енергијата кон она што можеме да го промениме и да го прифатиме она што е надвор од нашата контрола.

Што не можеме да контролираме?

Постојат аспекти од животот на нашите деца и нивното опкружување кои едноставно не зависат од нас. Прифаќањето на ова може да ни помогне да го намалиме притисокот и да се фокусираме на она што е навистина важно.

Вродени карактеристики и способности – Децата доаѓаат со свој уникатен сет од генетски предиспозиции: интелигенција, темперамент, таленти, па дури и емоционална отпорност. Иако можеме да ги охрабриме, да ги развиваме нивните таленти и да ги учиме како да ги контролираат емоциите, не можеме да ја смениме нивната основна природа. На пример, интровертното дете нема да стане екстроверт само затоа што сакаме, но можеме да му помогнеме да се чувствува безбедно и прифатено онакво какво што е.

Текот на историјата и општествените процеси – Живееме во свет кој брзо се менува, а општествените, економските и политичките случувања го обликуваат контекстот во кој децата растат. Не можеме да ги запреме глобалната промена, технолошкиот напредок или општествените трендови. На пример, не можеме да го спречиме влијанието на социјалните мрежи, но можеме да ги учиме да размислуваат критички и здраво да ја користат технологијата.

Културата и системот на вредности на врсниците – Врсниците со текот на времето стануваат сè поважен дел од животот на децата. Не можеме да ги избереме нивните пријатели, ниту да ги контролираме вредностите што доминираат во нивната социјална група. Меѓутоа, можеме да разговараме со нив за тоа што е правилно и со љубов и прифаќање да им помогнеме да изградат самопочит што ќе ги заштити од лесно подлегнување и ќе им помогне да носат добри одлуки.

Постапките на други луѓе – Без разлика колку се трудиме, не можеме да контролираме како другите луѓе, наставниците, тренерите, роднините, па дури и непознатите ќе се однесуваат кон нашите деца. Можеме само да ги подготвиме децата да се справуваат со различни ситуации и да им бидеме поддршка кога ќе им треба.

Резултатот од воспитувањето и иднината на децата – Иако вложуваме голем труд во воспитувањето, резултатот, односно какви личности ќе станат и каков живот ќе водат не е целосно во наши раце. Децата имаат своја волја, носат сопствени одлуки и се соочуваат со околности што не можеме да ги предвидиме. Ова е тешко за прифаќање, но ни го олеснува чувството на вина кога нешто не оди по план.

Што можеме да го контролираме?

Иако има многу нешта надвор од нашата моќ, постојат и аспекти врз кои можеме да влијаеме. Фокусот на овие области ни дава шанса да изградиме силна врска со децата и да им обезбедиме стабилна основа за живот.

Односот со детето – Најважното нешто што можеме да му го дадеме на детето е здрав и поддржувачки однос. Активното слушање, покажувањето емпатија, квалитетно поминатото време и безусловната љубов градат доверба и сигурност. По педесет години, децата ќе се сеќаваат како сме ги третирале.

Сопствениот емоционален одговор на предизвиците во родителството – Начинот на кој реагираме на испади, неуспеси или непослушност на детето влијае врз односот. Наместо да го губиме трпението, можеме да ги зајакнеме сопствените емоционални вештини за полесно да ги разбереме и прифатиме детските емоции и однесувања и да реагираме смирено, решително, но нежно.

Семејниот систем на вредности – Иако не можеме да ги контролираме надворешните влијанија, можеме да ја обликуваме културата во нашиот дом. Ако цениме чесност, одговорност или сочувство, тоа го пренесуваме преку пример и разговори.

Како детето се однесува дома – Можеме да поставиме јасни правила и граници. Доследноста и фер пристапот во дисциплинирањето му помагаат на детето да разбере што се очекува од него.

Кои се нашите приоритети како родители – Имаме слобода да ги избереме приоритетите, дали ќе посветиме повеќе време на децата, ќе ги поддржуваме емоционално, ќе ги стимулираме академски, ќе го развиваме нивниот креативен потенцијал или социјална одговорност.

Кому ќе му веруваме – Како родители сме преплавени со совети од семејството, пријателите, експертите и интернетот. Ние одлучуваме кому ќе му веруваме и кои совети ќе ги примениме.

Нашите граници – Поставувањето здрави граници за нашето време, енергија и емоции е клучно за нашето ментално здравје, но и за учење на децата да ги почитуваат границите и да развиваат одговорност и емпатија.

Како гледаме на себе како родители – Нашата перцепција за себе влијае врз родителството. Наместо да се обвинуваме за секоја грешка, можеме да се фокусираме на нашите сили и доблести.

Извор

Поврзани написи

To top